Лексикон: За да го видите значењето на даден збор во рaмките на веста, позиционирајте го покажувачот врз него и кликнете два пати.
 

Цел град на хроно

 
Драгана Б. за неполни два месеци, или за два циклуси по 28 дена, како што се брои според хроно режимот на исхрана, ја намалила телесната тежина за 13 килограми. Наместо 96, таа сега тежи 83 килограми. Вели дека веќе не ја боли грбот, колковите, нема проблеми со половината, нема отоци во стапалата, помалку се задишува при движење, а со задоволство повеќе и се дотерува. Хроно режимот на исхрана е толку популарен во последниве месеци, што се чини дека цел град ги следи овие правила, кои освен што помагаат да се ослабне, со слабеењето помагаат и да се средат многу здравствени проблеми.



Јадеш колку сакаш

На социјалните мрежи, особено на „Фејсбук“ има повеќе групи во кои членуваат оние кои се заинтересирани за хроно исхраната. Во нив се поддржуваат, споделуваат искуства, но и рецепти за тоа како да биде повкусен еден хроно оброк, како што велат. Заеднички, се чини, се е полесно. Само во групата „Хроно исхрана“ има повеќе од 26.000 членови. Виолета Златкова, која ја креирала оваа група и е администратор во неа, смета дека хроното е популарен режим на исхрана, првенствено затоа што е предвидено доволно да се јаде во текот на денот. Имено, со овој режим на исхрана, кој секако има правила, не се ограничени количините кои што може да се изедат.

- Ова е првиот режим кој лично и јас го имам откриено каде што во текот на денот не чувствуваш глад. Нема ограничување колку од дозволената храна може да изедеш, а има доволно избор. Дополнително и доволно е приспособена на она кое најчесто и сме го јаделе. Така, и покрај целата таа ситост, и неоптовареноста со грамовите, отсуството на нервоза или немање сила, се слабее - вели таа.

Можеби втора причина за популарноста, смета Виолета, е тоа што е начин на исхрана без определен рок, па луѓето се пронаоѓаат во неа затоа што станува секојдневие.

- Без разлика дали ќе се биде комплетно дисциплиниран или не, доволно е да се запазуваат основните принципи, и „навлекувањето” има долг рок. Причина може да е и тоа што многу убаво се слабее со хроно, се топат мастите и телото добива поубава форма. Кога тоа визуелно е очигледно, станува како тренд што сакаат да го пробат сите. Всушност, ние луѓето веруваме на она што ќе го видеме, и кога го гледаме доволно често како нешто што навистина функционира, макар од љубопитност ќе се обидеме да го пробаме - вели нашата соговорничка.

Правила на режимот

Виолета вели дека не само што не очекувала дека групата толку ќе порасне, туку и не ни помислувала дека ќе може да функционира толку убаво. На 11 јануари годинава во оваа група се броеле 10.000 члена, а веќе денес има повеќе од 26.000, но и барања за приклучување во неа.

- Од декември лани до сега нема ден да нема најмалку 100 барања за влез. На крајот на јануари во еден ден имаше 630 барања за влез во групата. Потоа два дена имаше по 500 барања - раскажува Виолета.

Основни правила за хроно исхрана се создавање на алкална средина во организмот (обезкиселување), правилен временски распоред на дневните оброци на растојание од 4 до 6 часа меѓу нив, доволен внес на вода. Оние кои сакаат да ја намалуваат телесната тежина со хроно прво почнуваат со т.н. рестрикција од најмалку 28 дена, кога телото се прилагодува на исхраната. Рестриктивниот период се применува се додека не се дојде до посакуваната тежина, а после тоа се преминува, како што се нарекува, вонрестрикција. Појадокот содржи јагленохидрати, протеини и масти. Ручекот и вечерата, пак, протеини и зеленчук.

Лекарите потенцираат дека е добро режимот на исхрана да биде одобрен од доктор.
 
Објавено на 29.03.2017 во категорија Живот
Подготвил: Н.Ф.
Тагови:
 
 

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Препорачани вести од Facebook