Курс кој за 167.000,00 денари ги учи децата како да станат познати на социјалните мрежи

Курс кој за 167.000,00 денари ги учи децата како да станат познати на социјалните мрежи

Подготвил: Тамара Гроздановски

курс
Фото: Thinkstock

Наместо адолесцентите да се оддалечуваат од социјалните мрежи како Фејсбук и Твитер, овој десет дневен курс има за цел да ја продлабочи употребата на овие онлајн платформи за тие да станат ѕвезди.

Кампот се наоѓа во Лос Анџелес, а наскоро ќе се прошири во Британија, Австралија и Јапонија, а учи дека правилната употреба на телефони, таблети и лап топи се клучни за успех на социјалните мрежи.

„Без оглед на вашите вештини и можности, постои канал кој ќе ви помогне да стигнете до стратосферата на славата и богатството“, вели курсот.

За сè е одговорна Нишел Родригез, социјален работник која станала претприемач откако речиси 18 години водела младински камп за глума во близина на Лос Анџелес. Таа е уверена дека социјалните мрежи се иднината.

„Социјалните мрежи преземаат сè. Интересот е неверојатен. Мојот камп е бизнис инкубатор. Единствена цел се приходите и лекциите за бизнис“, вели таа.

Самиот камп трае десетина дена, а во цената од околу 167.000,00 денари пресметано е и сместувањето и оброците, техничките работилници и предавањата на познатите личности кои имаат големо влијание врз онлајн јавноста, но и совети од компаниите кои бараат промотори. Нивните промотивни материјали ги наведуваат Адел и Џастин Бибер како ѕвезди кои ја искористиле моќта на социјалните мрежи за лансирање на сопствената кариера. Се споменуваат и тинејџери кои ги претвориле нивните интереси за спорт, храна, мода, шминка и било што, во бизнис за пари.

„Колку повеќе луѓето ве запознаваат и ве сакаат, толку повеќе сте славни. Сè што треба да направите е да оставите вашата личност да се истакне и покаже. Верувајте во себе, бидете конзистентни и овозможете им на корисниците на социјалните мрежи да ја препознаат вашата уникатност“, пишува во описот на курсот.

Веќе има десетина кандидати за курсот, а Брук Алис, која сака да се пријави вели: „Сакам да се прославам себеси, сакам што повеќе луѓе да знаат за мене и луѓето да се задоволни со своето искуство“. Таа се надева дека нејзините пријатели на Инстаграм ќе ги зголемат шансите за таа да стане глумица.

Една од ретките која не сака да стане славна е 15 годишната Лорен Кели.

„Не ме интересираат славата и богатството. Само објавувам работи на Јутуб. За мене тоа е начин за одржување на контакт со пријателите“, вели таа.