УКИМ прв, УГД втор на најновата листа на Шангајскиот универзитет

УКИМ прв, УГД втор на најновата листа на Шангајскиот универзитет

Подготвил: М.Ф.

Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ е прв на листата на најновото рангирање на државните и приватните универзитети во државава која ја прави Шангајскиот универзитет Џиао Тонг по барање на Министерството за образование и наука. Втор е Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, кој заостанува зад УКИМ за само три поени. УКИМ досега на листата имаше по 100 поени во сите категории, а годинава за првпат Штипскиот универзитет е подобар во категоријата социјални услуги. Трета најдобра високообразовна институција е Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ од Охрид. Битолскиот Универзитет е на седмо место, а тетовскиот на осмо. Меѓу најдобрите приватни универзитети се најдоа Универзитетот на Југоисточна Европа, Универзитетот „Американ Колеџ“ и Интернационалниот Балкански Универзитет од Скопје.



Оваа ранг-листа се однесува на периодот 2015-2016 година, а претходните две рангирања на високообразовните институции во Македонија беа објавени во 2012 и 2014 година. Шангајскиот универзитет рангирањето го прави врз основа на 21 индикатор од академските постигнувања и конкурентност, пред сѐ вреднувајќи ги основните мисии на високообразовните институции, како што се настава, истражување и социјални услуги.

На ранг листата денеска реагираше ректоратот битолскиот универзитет „Св. Климент Охридски“, кој бара повлекување на истата.

- Ректорската управа бара повлекување на објавената ранг-листа, нејзино преиспитување и коригирање врз основа на објективизирани критериуми сдржани во однапред позната методологија на сите учесници во рангирањето, во функција на целосно транспарентен и објактивен процес и обезбедена непострасност и контрола на квалутетот на резутатите - пишува во соопштението од Универзитетот.

УКЛО констатира непочитување на Берлинските принципи за рангирање високообразовни установи врз кои треба да се темели рангирањето, како и неможност за приговор како уставно загарантирано право на заштита.