Резултати од анкетата: Кембриџ - најлошата програма во изминатите 25 години

Резултати од анкетата: Кембриџ - најлошата програма во изминатите 25 години

Подготвил: В.Ф.

Децата учат во прво одделение според програмата сѐ преку броење, но треба да собираат, одземаат, да пишуваат бројки, а никаде нема како се пишуваат бројките. . Јас сум да има промени, да прифатиме она што е најдобро за децата, но не по секоја цена, не по цена на проект од кој некој ќе се ,,офајди“ . Нека влезат една седмица со децата да работат истите тие, па потоа нека размислат што воведуваат во образованието... Едноставно, со работно искуство од 25 години, со многу промени во образованието, сметам дека Кембриџ е најлошата промена, вели наша читателка

Нашите деца нема да добијат добро образование ако продолжат да учат според програмата попозната како Кембриџ, покажуваат резултатите од анкетата која во изминатата недела ја спроведе www.fakulteti.mk. На анонимната анкета одговорија вкупно 1.461 читател. На прашањето дали од учење според Кембриџ ќе добиеме квалитетно образовни деца одговориле 1453 испираници, дури 87,3 отсто сметаат дека од учењето од учење според Кебриџ нема да добиеме квалитетно образовани деца. Само 52 испитаник (3,6 отсто) сметаат спротивно од нив, додека 9,1 отсто (132 читател) одговориле дека немаат изградено мислење.



На прашањето дали се задоволни од образовните реформи спроведени според моделот Кембриџ одговориле 1.418 читатаели. Најголемиот дел од нив, 85,5 отсто (1.213 читтели) одговорија декаа не се задоволни, 10,8 отсто се делумно задоволни, а само 3,7 отсто (52 читател) се сосема задоволни.



Повеќе од половина од учесниците на анкетата се родители – 51,9 отсто, 19,2 отсто се наставници, 180 се учесници (или 12,8 отсто), а 16,6 отсто (односно 241 читатели) се упатени во состојбите во образованието. Ова е трета година откако во македонскиот образовен систем се воведоа реформите позанти како Кембриџ, а беа преземени од британскиот систем и адаптирани на наши национални услови. Министерството за образование и наука соопшти дека од септември учебници според Кембриџ ќе бидат воведени и во средното образование.



Добивме интересни одговори на прашањето „Што Ви се допаѓа?“, иако најголем дел од нив беа „ништо“ или „апсолутно ништо“. Издвојуваме неколку поаргуметнирани ставови:

- Идејата не е лоша, но не е прилагодена на нашите услови.

- Ми се допаѓа честото повторување на материјата, визуелната презентација на задачите (математика) и сл.

- Единствено што ми се допаѓа е зголемената интеракција во односот наставник-ученик.

- Ништо, децата се преоптоварени со небитни информации и целосно не се изучува темата туку се оди скалесто што бргу се заборава, а потоа пак почнуваме од ново на истата тема.

- Воведени се нови теми по природни науки кои досега не се обработуваа со воведување на новиот предмет – природни науки. Можност за поголема активност на учениците при истражување и откривање на непознато. Учениците не се описменети, а би требало да пишуваат во учебниците или работните тетратки. Треба да се смени програмата по македонски јазик за прво одделение.

- Кембриџ програмата би била многу поуспешна ако се воведуваше постепено низ наставните предмети како задолжителна метода, но генерациски, а не за три генерации одеднаш. Ќе се увидеа и позитивните ефекти на примена на експерименти и практична работа на учениците како и истражувачка работа и ќе можеа постепено да се обезбедуваат средства, помагала, дидактички материјали, секако и ИКТ материјали на македонски јазик со што би помогнале поуспешно да се усвојуваат знаењата кај учениците и тие да бидат трајни знаења, стекнати низ практични искуства.

Еве уште неколку ваши размислувања на прашањето „Што сметате дека е несоодветно?“.

- Целата програма е несоодветна. Децата се преоптоварени, материјалот конфузен, преводот катастрофален!!!

- Во книгите на Кембриџ има „напиши“, а децата од прво одделение ги немаат учено буквите. Децата не добиваат квалитетно знаење.

- Книгите се пишувани како за малоумни луѓе, се учат многу небитни работи и многу невистинити.

- Наставниците кои не се обучени доволно за имплементирање на Кембриџ програмата и учебниците кои не се прилагодени со соодветна содржина наместо да создаваат кај децата мотивација, тие најчесто им создаваат конфузија.

- Сосема несоодветно. Сум била во Кембриџ и сум ги видела нивните програми. Овој тука врска нема со Кембриџ.

- Концептот, материјалот не е тежински подреден во однос на староста на учениците, временски за проучување (на крај на зима се проучува цвет).

- Учебниците не даваат доволно информации, така што децата мора да се служат со старите учебници, по стара програма. Многу грешки во преводите и многу штури во објаснувањата. Така и децата наши ќе останат со малку знаење и слаба основа за во иднина.

- Катастрофа е! Од правопис, превод, слики... суштина.

- Програмата не е прилагодена на возраста на учениците. Тие наместо да си ја запознаат средината во која живеат учат работи кои треба да го знаат во повисоките нивоа на образование.

- Многу работи: децата учат во прво одделение според програмата сѐ преку броење, но треба да собираат, одземаат, да пишуваат бројки, а никаде нема како се пишуваат бројките. Детето доаѓа без предзнаења за правилно пишување, некои прв пат фаќаат моливче, па затоа секое дете, кое како му доаѓа, ја пишува цифрата. Се разбира некои ќе сфатат веднаша и пишуваат, но тие се помалку. Тоа треба да се вежба на посебни часови. Програмата е целосно хаотична според редоследот, во 5. одделение по математика се учат работи, како децата веќе да ги имаат учено, па се продолжува понатаму, а во 6. сѐ е објаснето како да почнуваат (тие тапкаат в место)... Уште многу има да се кажува. А за природни науки пак во 1. и 2. одделение, катастрофа... На пример, струјно коло во второ одделение, часови, часови, како животот само од струјно коло да се состои или за карпи... а не знаат за природата околу нас, за домашни и диви животни и сѐ она кое порано се учеше, основни работи, со кои понатаму детето се подготвува за животот во средината. Јас сум да има промени, да прифатиме она што е најдобро за децата, но не по секоја цена, не по цена на проект од кој некој ќе се ,,офајди“ . Нека влезат една седмица со децата да работат истите тие, па потоа нека размислат што воведуваат во образованието... Едноставно, со работно искуство од 25 години, со многу промени во образованието, сметам дека Кембриџ е најлошата промена.