Како да се излезе на крај со негативното однесување на децата?

Како да се излезе на крај со негативното однесување на децата?

Подготвил: Маја Пероска

Претходните генерации не вриштеле за да добијат таблет или мобилен телефон. Не се фрлале на подот од големите трговски центри и луто одбивале да одат пеш до училиште. Во психологијата ова се нарекува негативно однесување на децата. Ново време, нови деца. Дали се потребни нови мерки на воспитување? Дали може децата да се воспитуваат без наука?


Според студијата на д-р Бранка Радојоевиќ, психолог, за да бидете успешен родител, мора да бидете вооружени со низа вештини за дисциплинирање, а сите тие се применуваат прво дома. Основата е во воспитувањето. Квалитеттниот однос на размена помеѓу родителот и детето постепено се гради, при што со внимание, пофалби и поддршка се воспоставува доверба, вели таа.

Научно е докажано дека детето кое е омаловажувано и физички казнувано, гради негативна слика за себе, почнува да се тепа и да ги навредува врсниците, а кога ќе порасне и самите родители. Детето треба да се третира со почит за да научни дека конфликтите не се решаваат со лутина и агресивност, туку со разговор. Важно е родителот да научи да препознава и да го наградува доброто однесување и да не го акцентира само она што е лошо.

Агресијата кај децата се јавува како одговор на стрес и фрустрација и има за цел да ја присили околината за тоа да го добие она што го сака. Децата го засилуваат ваквото однесување и кога се изложени на модели кои се однесуваат вербално или физички агресивно. Затоа, родителите треба да бидат неагресивни примери, а детето да се заштити и од агресивните врсници или агресивни содржини на телевизија.

Кога агресивното однесување се случува често и интензивно, се работи за нарушување во однесувањето. Многу родители кои не можат да го контролираат своето дете веруваат дека професионалците можат да го поправат со терапија. Некои пак, се чувствуваат беспомошно и мислат дека ништо не може да се направи. Вистината е дека може да се излезе на крај со неповолното однесување на децата, но тоа бара трпеливост, истрајност и систематска примена на методите за воспитување.