За Русите нападот со хемиско оружје во Сирија е лага

За Русите нападот со хемиско оружје во Сирија е лага

Подготвил: Тамара Гроздановски

sirija
Фото: Reuters

86 лица загинаа во сириската провинција Идлиб поради наводната примена на хемиско оружје. Сириската опозиција и Западот го обвинуваат Баша ал-Асад дека стои позади нападот, а Русија и официјален Дамаск ја обвинуваат опозицијата. Експертите сметаат дека овој сомнителен инцидент ја поткопува перспективата за решавање на конфликтот во Сирија по мирен пат.

Информацијата дека во градот Кан Шеикхоун (провинција Идлиб, северна Сирија), на 4 април бил извршен напад со хемиско оружје во кој 86 лица го изгубиле животот прва беше објавена од лондонската Организација за заштита на човечките права „Syrian Observatory for Human Rights“, која инаку е позната по тоа што редовно пласира скандалозни дезинформации од Сирија. „Еден регион на градот Кан Шеикхоун е ракетиран со проектили за кои се верува дека содржат гас кој предизвикува гушење“, објави интернет страницата на организацијата.

Светските медиуми за брзо време ги презедоа и објавија снимките на кои се гледа како цивили, а меѓу нив и деца се гушат и умираат од отровниот гас. Главните херои на репортажата повторно се „Белите шлемови“ - една од низата организации кои се спротивставуваат на Асад, кои исто така се прославија со серија на режирани репортажи од Сирија, која во 2017 година доби Оскар од Американската филмска академија. Експертите обрнале внимание на „чудното“ однесување на „шлемовите на лице место“.

„Хемиската супстанција може да се задржи во воздухот и да делува неколку часа до неколку дена, во зависност од видот“, објаснува Семјон Багдасаров, директорот на Центарот за проучување на земјите од Блискиот исток и Централна Азија. „Поради тоа луѓето во контаминирана зона треба да носат заштитни одела, а акциите за спасување може да ги извршуваат само единици за заштита од хемиско оружје со специјална опрема“. Сепак, на снимката објавена од „Reuters“ се гледаат „спасувачи“ кои храбро ги допираат настраданите со голи раце и не добиваат никакви повреди. Дискутабилно е и она што тие го прават на видеото: еден истура вода врз нив, а друг на детето му дава вештачко дишење.

Во соопштението за јавноста, „Лекар без граници“ вели дека жртвите би можеле да бидат изложени на сарин и хлор. „Во случај на труење со хемиски супстанции човек треба да направи раствор за деконтаминација. За секоја отровна супстанција постои одреден раствор“, објаснува Владимир Литовкин, еден од најпознатите руски воени експерти.

„Сериозните доктори не се однесуваат така, тоа е некаква импровизација. Таму не се гледа смислена операција против труење. Чудно е и што на детето му даваат вештачко дишење. Се добива впечаток дека сцената е изрежирана“, вели тој.

Провинцијата Идлиб, а со тоа и Кан Шеикхоун се наоѓаат под контрола на сириската вооружена опозиција. претставниците на бунтовниците заедно со земјите од Западот ја обвинија власта на Башар Асад за овој напад. „Брутален и бескрупулозен варваризам“, го нарече нападот државниот секретар на Америка, Реклс Литерсон, повикувајќи ги Русија и Иран (земјите кои го поддржуваат Асад) да влијаат врз својот сојузник.

Кон обвиненијата се придружи и Велика Британија. Премиерката Тереза Меј изјави дека е недозволиво Асад да остане на чело на Сирија. И властите на Турција го обвинија Дамаск, предупредувајќи ја Русија дека слични инциденти ја загрозуваат перспективата на мировните преговори во Женева и Астана.

Дали станува збор за нова дезинформација од сириската опозиција?

Сириските власти ја одбиваат вмешаноста во нападот. „Дури и во најлошите моменти, сириската армија никогаш не искористила вакво оружје“, се вели во пораката објавена од официјалната страна на Сириската арапска армија на Фејсбук. Дамаск смета дека овој напад е фабрикуван и дека загинатите лица се жртви на провокација организирана од опозицијата. Сириските власти воедно потсетуваат дека во 2014 година хемиското оружје заедно со соодветните проектили беа евакуирани од територијата на Сирија или уништени, за што поднела извештај на Организацијата за забрана на хемиско оружје.

Москва го дели мислењето на Дамаск. Според верзијата кон која се придржува Русија, сириската авијација на 4 април навистина го рекетирала подрачјето на Кан Шеикхоун, но не станбените области, туку фабриките во кои терористите произведувале муниција со токсични материјали.

ОН и Организацијата за забрана на хемиско оружје започнаа истрага за инцидентот. Според информациите кои ги прикажале организациите, засега не може да се утврди кој и како исфрлил проектили со отровни супстанции.

Руските експерти недвосмислено ја отфрлаат можноста за користење на авионски бомби со хемиско полнење. „Авионските бомби со хемиско полнење најчесто се тешки половина тон. Ваквите бомби се страшна работа. Да станува збор за ваква бомба, би била контаминирана огромна територија од неколку километри“, вели Багдасаров. Според зборовите на Михаил Ходарјонок, водечки воен аналитичар, во ваквиот случај, со оглед на тоа што станува збор за густо населена област, би имало скоро илјада жртви. Виктор Литовкин истакнува дека на сцените кои ги прикажале „Белите шлемови“, се гледа мала јама од проектили, додека авионските бомби наполнети со хемиски супстанции обично експлодираат во воздух и не оставаат трага во вид на јама. А, ако ваквата бомба (тешка најмалку 250 кг), падне на земјата, дупката ќе биде далеку поголема од оние кои се гледаат на сцената. Затоа чудно е што во изминатите 24 часа не бил пронајден ниту еден шрапнел од авионската бомба, а тоа би помогнало да се дознае од каде потекнува проектилот. „Мора да останале делови од бомбата: опашката со стабилизаторите, деловите и ѕидовите на конструкцијата. Фактот дека не е пронајдено ништо упатува на помислата дека станува збор за провокација - како некој да донел шише или тегла со токсични супстанции, ја скршил и заминал“, вели Виктор.

Ова не е прв пат во сирискиот конфликт да се применува хемиско оружје: „Ова личи на примена на хемиска супстанција рачно изработена: контаминирана е мала зона, а начинот на кој тоа е направено е едноставен и примитивен“, вели Семјон Багдасаров. „Нешто слично се случи и во Алепо“.

На кого ова му оди во прилог?

Од политичка гледна точка Асад никогаш нема да постапи на сличен начин. Во сегашната ситуација примената на хемиско оружје за него би била самоубиство. „Ова и од воена гледна точка е невозмoжно бидејќи оружјето со хемиско полнење е целосно ликвидирано“, вели Андреј Кошкин, шеф на Одделот за политички науки и социологија на рускиот економски универзитет.

По мислење на Семјон Багдасаров, администрацијата на Трамп де факто се вратила на позиции кои се традиционални за американската дипломатија, кога станува збор за Сирија. „Како што претходно беше планирано соборување на Аасад, така и сега се планира, само што сега се работи на различен начин“.

Владимир Литовкин истакнува дека оваа провокација служи како „демонстрација на причината поради која опозицијата не може да соработува со владините делегации и не може да седне на преговарачка маса со убиецот Асад. Опозоцијата поставува услов: Асад мора да оди. Главната задача на опозицијата е да го собори Асад.

Кој и да го применил хемиското оружје во Сирија, очигледно мировниот процес во оваа земја дефинитивно е потресен.