Македонските деца летото го минуваат во кампови во Грција

Македонските деца летото го минуваат во кампови во Грција

Подготвил: Д.Ф.

Можеби некој смета дека праќањето на децата во вакви летни кампови во странство е хир, но она што го добива таму не може да се спореди со тоа што го нудат нашите детски одморалишта, вели татко на 12-годишно девојче кое последниве 2 години оди во летен кам во Грција



Летен одмор за деца во кој тие ќе учат да пливаат, јаваат, да играат тенис, ватерполо, да дизајнираат накит, да вежбаат традиционални и модерни танци, а истовремено да се дружат со деца на нивна возраст од цела Европа. Звучи совршено за речиси секој родител. Во недостиг од вакви активни летни кампови во земјава, сè повеќе родители од Македонија за време на летниот распуст ги праќаат своите деца во соседните земји, пред сè во Грција.

Пред повеќе години во земјава успешно функционираа над 20 детски одморалишта во кои основците и средношколците минуваа по една недела или 10 дена за време на летниот и зимскиот одмор. Тука децата шетаа, спортуваа, се дружеа и забавуваа. Но, последниве години само неколку од овие одморалишта сè уште работат, додека другите се затворени и оставени да пропаѓаат.

Никола Јакимовски, татко на 12-годишната Јована е еден од родителите кој веќе две години го праќа своето дете на летен камп во Грција. Вели дека е презадоволен бидејќи таму неговото дете плива, јава коњ, тренира одбојка, учи напреден англиски јазик, но има и безброј други активности кои му го прават престојот забавен и корисен.

- Кога бев основец, моите родители секоја година ме праќаа по 10 дена во детското одморалиште на Пелистер. Таму спортувавме, се шетавме низ планината, собиравме лековити билки. Оттаму ги носам најубавите спомени и дружења од детството. Но, тоа на моето дете сега не можам да му го овзможам во земјава. Малкуте детски одморалишта кои сè уште функционираат се полуруинирани, со лоши услови, никаква храна и не нудат никакви дополнителни активности. Можеби некој смета дека праќањето на децата во вакви летни кампови во странство е хир, но она што го добива таму не може да се спореди со тоа што го нудат нашите детски одморалишта – вели Јакимовски.

Според понудите на туристичките агенции кои организираат престој во вакви летни кампови, цената се движи од 150 евра нагоре за престој од 7 дена со вклучен полн пансион. Во нив може да престојуваат деца од 6 до 17 години, кои постојано се надгледувани од тим воспитувачи и професионални тренери.

Од она што може да се прочита во понудите, посетителите на летните кампови во одреден дел од денот пливаат во море или во базен, имаат часови по кајакарсто, одбојка на плажа, ватерполо, ракомет, кошарка, фудбал, стрелаштво, шах. Може да тренираат тенис, аеробик, тае-квон-до, да се искачуваат по вештачки карпи и сл. Исто така, им се организираат креативни работилници за изработка на накит, сликање, рачни изработки, за танцување, театар, како и за модерни и традиционални танци. Одат на екскурзии надвор од кампот, учат како да поставуваат шатори, да запалат оган надвор и сл.

Компанијата „Коузон“ веќе 7 години организира спортско-едукативна програма за деца и младинци преку лето, во камп во Грција. Во овој камп годишно престојуваат околу 1.000 деца од Македонија, кои таму се дружат со нивни врсници од 17 други европски земји. Зоран Кочоски, генерален менаџер и сопственик на „Коузон“, смета дека интересот на Македонците за овој вид кампови не е мал, но дека реално може и да биде поголем.

- Ме радува фактот што нашиот камп секоја година е сè попосетен и реално е препознаен како најдобар детски камп. Придобивките за децата се огромни. Најважно е тоа што децата се осамостојуваат, во кампот градат сознание за тимска работа, учествуваат во спортови што ги нема во Македонија, самостојно се грижат за својот „буџет “ т.е џепарлак, за личната хигиена, учествуваат во културно-забавни активности со деца од други држави. Не треба да ги заборавиме ниту спомените од кампот. Децата се воодушевени од целото искуство, па затоа секоја година имаме сè повеќе „повратници“, како и многу нови деца кои доаѓаат по препорака – вели Кочоски.

За тоа зошто во земјава не се организираат такви кампови, Кочоски смета дека ни недостасуват иницијатива и издржани програми кои ќе имаат содржини и цели.

- Македонија имаше многу ученички центри кои не успеаа да се реструктуираат и да се прилагодат кон новите текови. За да имаме детски камп од светски размери, како што е овој во Грција, треба поддршка од државата во доделување на локација, треба голема инвестиција и секако максимална посветеност кон развивање на едукативно спортски програми. Една од целите на „Коузон“ е да отвори ваков интернационален камп во Македонија. Имаме капацитет во организациона смисла, само ни недостасуваат гореспоменатите ресурси – вели Кочоски.