Млади и успешни... Елена и Далибор, сопственици на брендот Armarium: Кај нас клиентот сам си ја дизајнира кошулата

Млади и успешни... Елена и Далибор, сопственици на брендот Armarium: Кај нас клиентот сам си ја дизајнира кошулата

Подготвил: М.Ф.

Колку пати сте тргнале во потрага по совршената кошула и сте се вратиле дома со празни раце бидејќи ракавите биле долги, бојата не ви одговарала или не сте успаеле да ја закопчате кај стомакот или градите? Токму од овие проблеми тргнале Елена Костадиновска и Далибор Добревски, дваесет и осум годишни скопјани, кога добиле идеја да создадат свој моден бренд. Armarium постои две години, а на нивниот веб сервис www.kosula.mk може сами да си креирате како ќе ви изгледа кошулата. Постојат можности да го изберете моделот, бојата, материјалот, манжетните, крагната, копчињата, па дури и конецот со кој ќе се шие. Денеска, покрај бизинисот со custom-made (по нарачка) кошули, тие изработваат и корпоративни униформи за многу компании во земјава, како банки, хотели, ресторани. Почнале сосема случајно, со мала инвестиција и за две години формираа успешен бренд. Armarium, на латински значи гардеробер од каде брендот го добил името.



- Ние сме пријатели долго време. Почнавме сосема случајно, дојдовме до сознание дека нема нешто слично на пазарот, почнавме да истражуваме, ги видовме можностите, од производ до побарувачка. Следејки ги светските трендови во областа на custom-made најпрво смисливме веб страница, најдовме добавувачи за материјалите, се поврзавме со компании од странство. Почнавме со идеја да правиме кошули по нарачка. Идејата беше целокупната продажба да се одвива преку веб сервисот, на кој има визуелен конструктор за дизајнирање, но наидовме на многу тешкотии околу самата изработка на веб страницата. Затоа, во меѓувреме почнавме со офлајн продажба и со изработка на корпоративни униформи. Тоа беше сосема непланирано. Многу компании почнаа да не прашуваат дали изработуваме и униформи за нивните вработени, бидејќи ги привлекуваше нашиот необичен концепт, па видовме дека побарувачката е голема и дека тука може да одговориме на нивните барања со врвна понуда - објаснува Елена.

Нивните кошули се специфични по тоа што се изработуваат по мерка, а клиентот сам си ја дизајнира кошулата и со тоа ја истакнува својата индивидуалност и креативност.



- Има луѓе кои што имаат проблематични делови од телото, па не можат да си најдат соодветна кошула. Најчестите проблеми се пократки или подолги раце, поголем стомак, тесен или широк врат и слично. S,M или L големина не одговарааат на сите. Нашите клиенти се млади и возрасни мажи и жени. Знаат што сакаат, бараат квалитет. Сакаат да излезат од секојдневието, од рутината и бараат нешто невообичаено. На веб страницата ги нема сите можности што ги нудиме оф лајн, тука во студиото имаме избор од над 200 материјали - вели Елена.

Далибор ни објасни дека пред да почнат со бизнисот не знаеле баш ништо за изработката на кошули.



- Не знаев ни што е тоа манжетна. Но, бевме убедени дека имаме добра идеја. Кога истражувавме сфативме дека луѓето често носат кошули, посебно во деловните кругови, за на кафе, за вечерно излегување, за на работа. Се носат без оглед на годишното време. Кошулата има многу намени. Искрено, не се надевавме на ваков успех. И двајцата имавме други работни места, но сега сме посветени само на оваа работа. Дури и не инвестиравме многу - вели Далибор.

Armarium е македонски бренд. Материјалите ги набавуваат од Холандија, Италија, Шпанија, Германија, а кошулите и униформите се шијат во Скопје. Тие велат дека квалитетот на материјалите е најважен и дека тука не прават компромиси.

- Кошулите мора да се квалитетни, да бидат долготрајни, фино изработени што значи дека и лесно ќе се одржуваат. При изборот секогаш внимавајте на материјалот, но и секако да биде со соодветна големина, по мерка на телото- вели Елена.

Нови материјали набавуваат еднаш месечно
 

- Принципиот е таков да не набавуваме големи количини од ист дезен, бидејќи сепак се работи за производ што се прави по нарачка и треба да е уникатен. Ова особено го применуваме кога нарачуваме дезенирани материјали - вели Далибор.



Нивното водечко мото е „Индивидуалноста е новиот дрес код“. Елена има завршено маркетинг и односи со јавноста, а Далибор дизајн на ентериер и мебел, но секогаш сонувале да основаат сопствена компанија. Далибор има и совет до сите млади кои се креативни и сонуваат да основаат сопствен бизнис.

- Пред сè треба упорност, да не се откажуваат. Ние сме стигнале до ова, но не сме се откажале. Имавме многу проблеми на почетокот, но треба да се опстои. Не треба ниту многу пари, доколку имате добра идеја. Почнавме со сопствени средства со многу мала инвестиција, што е доказ дека идејата е најскапа. Затоа на сите би им порачал да работат на својот сон - вели тој.