Реакции на наставници од анкетата за Кембриџ: Се учи, не се доучува!

Реакции на наставници од анкетата за Кембриџ: Се учи, не се доучува!

Подготвил: В.Ф.

Продолжуваме со објавувањето на вашите коментари бидејќи според одговорите на околу 1.500 читатели, дури 87,4 отсто сметаат дека нашите деца не добиваат квалитетно образование. Бидејќи во анкетата беа застапени наставници, родители, ученици и упатени во состојбите во образованието во земјава, разновидните одговори ги посочуваат недостатоците (помалку предностите) на образовната програма. Анкетата е анонимна, сосема граѓанска, без влијание од ниту една политичка опција


Фото: Pixabay 


„Модел кој не е соодветен на нашиот образовен систем. Прво треба ние реформа да направиме во нашиот образовен систем, а потоа да прилагодиме. А не да воведуваме нешто кое нема допирна точка со нашиот културно-општествен живот“. Ова е еден од вашите коментари на анкетата која ја спроведе www.fakulteti.mk за реформите во образованието направени според британската програма Кембриџ. Продолжуваме со објавувањето на вашите коментари бидејќи според одговорите на околу 1.500 читатели, дури 87,4 отсто сметаат дека нашите деца не добиваат квалитетно образование.

Бидејќи во анкетата беа застапени наставници, родители, ученици и упатени во состојбите во образованието во земјава, разновидните одговори ги посочуваат недостатоците (помалку предностите) на образовната програма. Анкетата е анонимна, сосема граѓанска, без влијание од ниту една политичка опција.

- Наставниот план и програма се премногу сложени за малите деца и бараат огромна вклученост на родителите и наставниците во наставата - е еден од коментарите.

Друг читател смета дека нема принцип на постапност, принцип од полесно кон потешко, од поблиско кон подалечно. „Со еден збор не се запазени принципите на психичкиот развој на децата. Нема корелација со другите наставни предмети ниту тематски, ниту според постигнатото ниво“.

Се учи, не се доучува

Многу од читателите го делат истиот став - дека наставната програма бара многу практична работа, но училиштата немаат средства и материјали да ја спроведат.

- По програмата повеќето часови се застапени со практична работа, а условите во училиштата не се задоволени за практична работа - вели читател.

Уште еден коментар ја потврдува оваа констатација:

- Немање соодветни услови, лаборатории и нагледни средства за реализација на програмата. Има премалку материјал па децата не стекнуваат работна навика - додава друг читател. Според коментар на личност директно вклучена во образовниот процес, самата програма е несоодветна.

- Три години се навраќаме на едно исто, се учи, не се доучува. Не гледам дека оваа програма придонесува за развој на логичното размислување кај нашите деца... Се се сведува на истражувај, без нагледни средства, а никаде нема да се прочита што произлегува од истражувањето, кога веќе сами не се во можност да истражуваат... Кембриџ програмата наместо на децата, им дава поголеми обврски на родителите...

Наставник коментира:

- Учебниците, од една страна поедини наставни содржини по наука се неразбирливи во согласност на возраста на учениците, а од друга страна по математика има премногу повторување на веќе учено и тапкање во место.

Промашени теми, грешки катастрофални

Многу од анкетираните сметаат дека материјалот е претежок и преобемен во ниските одделенија, додека е многу упростен во повисоките. Така од почеток се јавува дисбаланс во целиот образовен процес.

- На многу рана возраст почнуваат да ги учат математичките функции (собирање, одземање...), прво треба да ги совладаат поимите напред, назад, горе, долу итн. Наместо тоа тие се учат на крај на прво одделение, откако веќе ќе работат собирање, одземање... Програмата по природни науки не ми се допаѓа, ги учат првачињата и вторачињата за работи кои не можат да ги сфатат, како струјно коло, сили, состав на карпи, живи и неживи суштества, итн. - вели читател

Друг смета дека е проблем што учениците не го учат материјалот по ред:

- На пример, по математика на таблицата со делење е посветено многу малку време, а учат дропки. По македонски буквите ги учат во второ одделение, а во прво цела година имаат стихотворби. А природни науки е приказна за себе - учебник без лекции и убаво објаснување - раскажува еден од анкетираните. Наставник вели:

- Нема никакви систематски знаења. Учиме за негативни броеви во четврто одделение два часа, па рипаш на децимални броеви три часа, па множење и делење. Делење нема постапка со спуштање, ако не одиме по стара програма нема да научат да множат и делат. Несоодветни учебници според наставниот план и програма. Се рипа од 3 на 38, па на 89 страна и назад. Нема текстуални задачи.

Испитаниците имаат многу забелешки и на учебниците:

- Учебниците се хаотични и несредени со лош избор на теми, а тие што го воведоа Кембриџ не обезбедија ниту едно нагледно средство. Ужас, катастрофа, немам зборови, промашени теми, грешки катастрофални, тешко на децава што се неписмени. Математика, збирките се тотално неприлагодени на учебникот и работната, вака математика не се учи. Ова е труд за да имаме што попроста младина.