Лексикон: За да го видите значењето на даден збор во рaмките на веста, позиционирајте го покажувачот врз истиот и кликнете два пати.
 

Кога бев студент... со Анета Андонова: Кај професорите на Електро немаше „следен пат“, семинарска мораше да се предаде навреме!

 
Во време со поинаков вредносен систем беше предизвик да го одбереш најтешкиот, најсложениот, најдолгиот факултет. Девет семестри, педесет и два испита, плус дипломска работа - за многумина беше мотив, а не паника – вели уредничката на образовната програма на МТВ




Таа е дете на Македонската радио-телевизија. Во 90-тите ја запознавме како заштитно лице на „Пулсиквиз“, а низ годините отпосле како водител на многу емисии и уредник на образовната програма на националната телевизија. Можеби малкумина знаат дека Анета Андонова има завршено Електротехнички факултет во Скопје, и тоа во време кога баш и не бил популарен избор на девојките. Затоа, ни беше интересно со неа да поразговараме за нејзините студентски денови. Годинава токму одбележува 20 години од дипломирањето. Можеби нејзините студии немаат директна врска со работата во медиум, но затоа изборот за постдипломски го направи на Комуникации и медиуми на Правниот факултет.  

- Обично соништата за животна професија се јавуваат рано… Па, така и јас како дете мечтаев да бидам докторка, учителка, стјуардеса. Никогаш не се гледав со амперметар в рака. Но, како што рекол Џон Ленон: „Животот е тоа што ти се случува додека ти го планираш“, мене ми се случи да ми одат од рака природните науки, за тоа да биде доволен предизвик, средното образование да го завршам во УСО „Орце Николов“ (насочена настава, во тоа време), а по средното електротехничко училиште некако се подразбираше своето образование да го продолжам на еден од техничките факултети... Во време со поинаков вредносен систем беше предизвик да го одбереш најтешкиот, најсложениот, најдолгиот факултет. Девет семестри, педесет и два испита, плус дипломска работа за многумина беше мотив, а не паника – вели Андонова.



Предавањата и испитите на Електротехничкиот факултет беа распоредени во пет години. Анета се потсетува дека како и сите бруцоши, била исплашена, збунета, но и најредовна.

-Тогаш, всушност, го запознаваш студентскиот живот. Наредните студентски години веќе бев растргната помеѓу телевизијата и факултетот. „Пулсирања“ беше во зенитот на популарноста, а и мене славата ми удри в глава, па постојано бев на релација МТВ-ЕТФ. Како и да е, немаше шанса да не предадеш семинарска работа навреме. Кај професорите на Електротехнички факултет нема „следен пат“ – се потсетува Андонова.



На ЕТФ имала професори со кредибилитет, од кои многу научила:
-Некогаш и премногу навлегувам во анализи, зашто аналитичноста ја научив таму. Еден од најважните совети е дека оценка за некого и нешто не се дава само по еден или два параметри.

На почетокот на студирањето ѝ биле важни оценките, но како поминувале годините, најважно било „да се исчисти семестарот“.
-Сите испити имаа писмен дел (задачи) и устен дел (теорија)... тоа, слободно може да се смета како двоен испит. Ако ги решиш задачите, не значи дека добро ќе поминеш на теорија, иако едното со другото е во тесна врска. И по толку години, честопати сонувам како се препотувам на некој испит... ништо не знам... ме фаќа паника. Среќа, тоа е веќе само сон.
Забавата е составен дел од студентскиот живот. Така и за Анета.



-ЕЛФАСКО забавите беа најпознатите забави во тоа време. Секако дека имаше дружби, особено што колегите ми беа соученици во средното училиште... Но, да не се повторувам и да бидам попрецизна (а егзактноста во сѐ е исто така лекција од моите професори), за студентите на Електротехничкиот факултет времето беше најдрагоцено. Лабораториски вежби, практични вежби, предавања, а сите некако имавме дополнителни ангажмани, така што дружбите беа ретки, но квалитетни. Такви се и ден-денес – се потсетува Андонова.

За врската помеѓу нејзината професија и факултетот, Андонова вели: „Телевизијата е електронски медиум. Без струја нема телевизија. Она што го научив на Електротехничкиот факултет секојдневно го применувам. Не шетам со фазометар и амперметар в рака, но тоа не значи дека не ја знам мерката во работата. Кој еднаш „се заразил“ со телевизијата, тешко се излекувал. По дипломирањето, мојот статус од хонорарен соработник се трансформира во редовен соработник. Следуваа унапредувања, развој на кариерата, многу убави моменти кои некако не ми дозволија да добијам желба да заминам... А сега е веќе доцна – признава уредничката на МТВ.
 
Објавено на 16.04.2017 во категорија Образование
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска
 
 

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Препорачани вести од Facebook