Што значи победата на Ердоган на референдумот?

Што значи победата на Ердоган на референдумот?

Подготвил: Тамара Гроздановски

ердоган
Фото: Reuters

Прелиминарните резултати од вчерашниот референдум во Турција покажаа дека претседателот Реџеп Таип Ердоган ќе има авторитарна моќ во Турција.

Според прелиминарните резултати, поддршката за реформата на Уставот ја дале 51.5% од гласачите, додека против биле 48.5% од нив.

За Ердоган, резултатот од референдумот е „јасен“ со што тој ги повика премиерот и лидерот на националистичката партија да му ја честита победата.

Гласовите против преовладуваат во трите најголеми градови - Истанбул, Анкара и Измир како и на југоисток, каде поголемиот дел од жителите се Курди.

Зошто е важен референдумот?

Граѓаните на Турција гласаа за уставни промени кои ќе го заменат нивниот парламентарен систем со претседателски. Со тоа, Ердоган ќе добие поголема власт.

Ако уставните промени бидат одобрени, местото на премиерот ќе биде укинато во корист на претседателот на државата кој би имал пошироки овластувања. Предложените измени на Уставот предвидуваат извршни овластувања на претседателот, како и тоа шефот на државата да има дозвола да ги задржи врските со политичката партија. Со измена на Уставот, претседателот на Турција би имал овластувања за промена на министри, прогласување на вонредна состојба, издавање наредби, именување луѓе на клучни позиции со неограничен број на потпретседатели.

Претседателот може да биде избран за два последователни петгодишни мандати, но некои аналитичари наведуваат дек предвремените избори одржани во текот на вториот мандат би го ресетирале мерењето на времето и со тоа би му овозможиле на претседателот да се кандидира за уште еден мандат. Тоа би значело дека Ердоган би можел да владее до 2029 година.

Реформата исто така предвидува бројката на пратеници да се зголеми од 550 на 600, минималната возраст на пратеници да се намали од 25 на 18 години, и парламентарните и претседателските избори да се одржуваат истовремено, на секои пет години.

Зошто некои луѓе одлучиле да гласаат „За“?


Повеќето од оние кои се согласиле со уставните промени доаѓаат од партијата АКП, која е во сојузништво со националнистите. Оние кои заговараат промени тврдат дека тие ќе доведат до посилна Турција, во која извршната власт ќе има моќ во поттикнување на економскиот развој и во борбата против тероризмот.

Исто така, луѓето веруваат дека ваквата власт, која се споредува со системите во Франција, Америка или Мексико, ќе биде поспособна да се соочи со закани од тероризам во неизвесни времиња. Исто така, тие велат дека промената е неопходна за да се тргне тој застарен систем за кој велат дека создал „двојна извршна власт“.

Зошто некои гласаа „Против“?

Двете главни опозициски партии, строго секуларната Републиканска народна партија и Народната демократска партија - претежно составени од членови на курдиското малцинство и левичари и други малцински групи, гласаат против овој предлог.

Противниците сметаат дека претседателскиот систем е вовед во режим под целосна контрола на Ердоган, за кој велат дека низ годините станал авторитарен лидер. Тие укажуваат на масовните чистки на дисиденти и противници на режимот како и очигледната чувствителност на претседателот на најмала забелешка на лично ниво или навреда, кои се сметаат за доказ дека тој не толерира било каков вид на критика.

Што мисли Европа?

Можно е овој референдум да ја уништи кандидатурата на Анкара за членство во ЕУ.

„Не постои добар резултат. Постои многу поголем јаз помеѓу Европа и Ердоган и не гледам дека тоа би можело да се поправи“, вели Марк Пиерини, поранешен амбасадор на ЕУ во Турција.