Лексикон: За да го видите значењето на даден збор во рaмките на веста, позиционирајте го покажувачот врз истиот и кликнете два пати.
 

Најсветата просторија во христијанството: одајата каде што се одржала Тајната вечера

 

Сионска Горница во Ерусалим
(Фото: Wikimedia Commons/Marco Plassio)

Сионската Горница во Ерусалим била одаја во куќата на Свети Јован Богослов каде не само што се одржала Последната вечера туку и многу други настани кои се значајни за историјата на Црквата.

Називот Сионска Горница се однесува на просторијата која во Библијата се споменува според грчкиот збор „хипероион“ што во превод значи „Горна соба“, а Свети Ероним го превел на латински како „cenaculum“ што значи „трпезарија“.

Таму според христијанската традиција била одржана Тајната вечера на Велики четврток, пред Исус Христос да биде уапсен, осуден и распнат на крст, по што воскреснал.

И не само тоа. Во таа просторија Исус им ги измил нозете на своите следбеници таа вечер, таму се појавил и по Воскреснувањето, а исто така таму се собрале и апостолите после Вознесувањето Господово (Спасовден). Во таа соба е избран и Свети Матеј да го замени Јуда како дванаесеттиот апостол, таму се спуштил и Светиот Дух врз апостолите на празникот Педесетница, на педесеттиот ден од Восреснувањето.

Затоа слободно може да се констатира дека Сионската Горница е првата христијанска црква на светот. Исто така, без двоумење, може да се каже дека не постои позначајна просторија во христијанството од Горницата.

Рана историја на градбата каде се наоѓа Горницата, не може со сигурност да се утврди. Некои сметаат дека била еврејска синагога, но не постојат археолошки докази за тоа. Многу поверојатно е дека навистина тоа била куќата на Јован Богослов, каде според христијанската традиција, подоцна живеела и Пресветата Богородица.

На крајот на 4. век, Свети Епифаниј Саламински пишувал дека зградата е поштедена при рушењето на Ерусалим од страна на легиите на римскиот цар Титус во 70 година; се чини дека веднаш до неа царот Теодосиј Велики ја изградил базиликата Аја Сион која подоцна настрадала од рацете на фатимидскиот калиф Ел Хаким.

Кога крстоносците ја ослободиле Светата земја и Ерусалим, на местото на поранешната византиска базилика подигнале готска катедрала, а куќата на Јован Богослов и Сионската Горница ги вметнале во внатрешноста на катедралата, обновувајќи ги во готски стил. Катедралата подоцна е срушена од страна на муслиманите, но Горницата останала поштедена.

За неа најпрво се грижеле сиријските христијани, а потоа и францисканите, сѐ до 1524 година, кога Османлиите ја одзеле градбата од христијаните, претворајќи ја во џамија. Затоа денес во Горницата има михраб, арапски натписи и други муслимански симболи.
 
Објавено на 19.04.2017 во категорија Култура
Подготвил: Б.Б.
 
 

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Препорачани вести од Facebook