Во Канада исчезнала река за само 4 дена

Во Канада исчезнала река за само 4 дена

Подготвил: Маја Пероска

За прв пат во модерната историја, научниците набљудувале како цела една река исчезнува за само неколку дена.

фото извор: Dan Shugar/University of Washington-Tacoma

Феноменот наречен „речна пиратерија“ се случува кога течението на една река е преземено од друга. Историските докази обично сугерираат дека потребни се илјадници години за да дојде до ваков процес, но во овој случај, реката „Slims“ која се „храни“ од Канадскиот глечер „Kaskawulsh“ била кооптирана за само 4 дена.

Ваквата појава до сега не била документирана, но сега научници кои биле упатени на експедиција на реката, забележале дека таа едноставно исчезнала.

Се претпоставува дека процесот се случил помеѓу 26 и 29 мај 2016. За да испитаат каде отишла сета вода, истражувачите со беспилотни летала и хеликоптер го истражувале регионот. Се претпоставува дека глечерот од кој реката добивала вода, страдал од климатските промени во последно време, па заради топењето на мразот, водата е пренасочена на друга страна.

Освен што е прв пат овој процес да се случи за толку кратко време, исто така е прв пат да биде предизвикан од климатски промени, кои пак, во најголем дел се последица на човековиот фактор.

Иако регионот не е густо населен од луѓе, сепак истражувачите сметаат дека ова ќе има големи последици за целокупната природа и тоа ќе влијае и за регионите наоколу каде што има и население.

Овие настани, според научниците, се уште еден потсетник за глобалното затоплување и последиците кои ги носи со себе.