Лексикон: За да го видите значењето на даден збор во рaмките на веста, позиционирајте го покажувачот врз истиот и кликнете два пати.
 

Нова иновативна терапија за хематолошки малигни болести достапна за пациентите во Македонија

 
Нова надеж за болните од хематолошки малигни болести во Р. Македонија е пристапот до новиот таргетиран лек GAZYVA® (obitunuzumab), за лекување на најчестиот вид хематолошки малигни болести, хронична лимфоцитна леукемија и релапс/рефракторен не-Хочкинов лимфом. Gazyva (obitunuzumab) e лек на фармацевтската компанија „Рош“, кој овозможува продолжено вкупно преживување и подобрен квалитет на животот на пациентите со овој тип хематолошки малигни болести.



На 19 април, во склоп на Вториот конгрес на македонското здружение за хематологија, со меѓународно присуство, во Скопје, фармацевтската компанија „Рош“ го промовираше пред стручната јавност новиот лек GAZYVA® (obitunuzumab).

„Придонесот и соработката помеѓу иновативната медицина, софистицираната дијагностика и напредната технологија создадоа досега невидена можност за подобрување на третманот на пациентите денес и во иднина. Лекот GAZYVA (obinutuzumab) ја заменува досегашната стандардна третманска опција кај пациентите со хронична лимфоцитна леукемија, лекот MabThera (rituximab). GAZYVA не претставува дополнителна терапија и дополнителен здравствен трошок и воедно овозможува двојно подолго преживување без прогресија на болеста (29,2 наспроти 15,4 месеци) споредено со MabThera (rituximab). GAZYVA (obinutuzumab) во комбинација со хемотерапија (chlorambucil) овозможува брза и долготрајна ремисија на болеста со извонредно долго време до следниот антилеукемиски третман (51,1 месец), без потреба од последователен третман во период подолг од 4 години кај пациентите со хронична лимфоцитна леукемија. Од друга страна, кај пациентите со индолентни лимфоми, лекот GAZYVA (obinutuzumab) во комбинација со хемотерапија (bendamustine) овозможува да го возвратиме ударот кога болеста ќе напредне и покрај дадената индукциона терапија, со што им ја враќаме надежта за излекување и подолго преживување на нашите пациенти; преживувањето без прогресија на болеста е зголемено на 29 месеци наспроти 14 месеци во контролната група (клиничка студија фаза III GADOLIN)“, изјави директорката на ЈЗУ Универзитетска клиника за хематологија во Скопје, проф. д-р Лидија Чевреска.

Директорот на Балканската групација на „Рош“, г. Уфук Апајдин, изјави: „Пациентите се во фокусот на сè што прави ’Рош’ и сакаме да сме сигурни дека сите што се погодени од рак, имаат пристап до најдобриот можен третман и нега. GAZYVA ја одразува ползата што иновацијата им ја нуди на пациентите, на нивните семејства, на здравствените институции и на општеството. Целта на овој иновативен лек е да обезбеди нова и подобра опција и долготраен одговор на третманот на лицата со хематолошки заболувања, со што ќе се подобри квалитетот на нивниот живот, водејќи кон поздрави и попродуктивни семејства. Податоците се навистина охрабрувачки: стапки на одговор што ветуваат, долготрајни одговори на третманот и поволен безбедносен профил. Можноста да се подобри третманското искуство, исходот како и квалитетот на животот на пациентите со GAZYVA е возбудлива и главна движечка сила на нашата работа.“

„За процена на прифаќањето и адаптирањето на здравствената технологија за лекот GAZYVA (obinutuzumab) во прволиниски третман на пациентите со хронична лимфоцитна леукемија, заедно со Фармацевтскиот факултет во Скопје и ИСПОР-Македонија, ја изработивме фармакоекономската студија за лекот GAZYVA (obinutuzumab), со што покажавме дека во Р. Македонија лекот GAZYVA (obinutuzumab) е ценовно оправдан и, според препораките од оваа студија, треба да биде достапен за пациентите во Р. Македонија. Во Р. Македонија, според достапните податоци, секоја година се регистрираат 60-ина нови случаи на хронична лимфоцитна леукемија, во 2016 година и бројот на новозаболени е во постојан пораст во последниве 5 години“, објаснува директорката на ЈЗУ Универзитетска клиника за хематологија во Скопје, проф. д-р Лидија Чевреска.

„Компанијата Рош Македонија ДООЕЛ Скопје, врз основа на препораките од оваа студија, испрати Писмо за намера за отворена соработка со здравствените власти, со цел лекот GAZYVA да стане достапен за пациентите во Р. Македонија. Повеќе од 20 години „Рош“ развива лекови што го редефинираат третманот во хематологијата и денес инвестираме повеќе од кога и да е во нашите напори да им понудиме иновативни опции за третман на лицата со хронична лимфоцитна леукемија, не-Хочкинов лимфом и други хематолошки болести“, додаде директорот на Балканската групација на „Рош“, г. Уфук Апајдин.

Одобрувањето за овој лек прва го издаде Американската администрација за храна и лекови, а потоа и Европската агенција за лекови. Во Р. Македонија лекот GAZYVA (obinutuzumab) е одобрен за прволиниски третман на пациентите со хронична лимфоцитна леукемија во октомври 2015 година и во април 2017 година, кај пациенти со фоликуларен лимфом кај кои болеста напреднала во тек на или до 6 месеци, по индукционен третман или терапија на одржување со MabThera или режими базирани на MabThera.

За „Рош“

„Рош“ е глобален пионер на полето на фармацијата и дијагностиката насочен кон унапредување на науката заради подобрување на животот на луѓето. Обединетите сили на фармацијата и дијагностиката под еден покрив го направија „Рош“ лидер во персонализираната медицина - стратегија чија цел е лекувањето да се приспособи кон секој пациент на најдобар можен начин.

„Рош“ е најголемата биотехнолошка компанија во светот, со вистински диференцирани производи во областа на онкологијата, имунологијата, заразните болести, офталмологијата и болестите на централниот нервен систем. Исто така, „Рош“ е светски лидер за ин-витро дијагностика, ткивна канцер-дијагностика и предводник во контролата на дијабетесот.

Основан во 1896 година, „Рош“ и натаму бара подобри начини за спречување, дијагностицирање и лекување на болестите, и дава одржлив придонес кон општеството. Компанијата е насочена и кон подобрување на пристапот на пациентите до медицински иновации, преку соработка со сите релевантни чинители. Дваесет и девет лекови развиени од „Рош“ се вклучени во модел-листите со основни (есенцијални) лекови на Светската здравствена организација, меѓу кои и антибиотици за спасување на животот, антималарици и лекови против рак. Осум години по ред, во Индексите за одржливост на Dow Jones (DJSI), „Рош“ е потврден како лидер на групацијата во смисла на одржливост, во рамките на индустријата за лекови, биотехнологија и природните науки.

Групацијата „Рош“ со седиште во Базел, Швајцарија, е активна во повеќе од 100 земји и во текот на 2016 година бројот на вработените беше 94.000 луѓе ширум светот. Во 2016 година, „Рош“ инвестираше 9,9 милијарди швајцарски франци во истражување и развој и прикажа продажба од 50,6 милијарди швајцарски франци. Genentech, во Соединетите Американски Држави, е членка во целосна сопственост на групацијата „Рош“. „Рош“ е мнозински акционер на Chugai Pharmaceuticals, Јапонија. За повеќе информации, ве молиме посетете ја страницата www.roche.mk.
 
Објавено на 20.04.2017 во категорија Здравје
Тагови:
 
 

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Препорачани вести од Facebook