Во земјата на последниот европски диктатор - прегладнети и сериозно болни деца

Во земјата на последниот европски диктатор - прегладнети и сериозно болни деца

Подготвил: Тамара Гроздановски

Речиси стотина сериозно болни деца и млади луѓе кои беа на работ на глад во белоруските сиропиталишта, ја шокираа јавноста и предизвикаа кривична истрага.

деца
Фото: Alexander Vasukovich

Докторите, претставниците од детските домови и државните обвинители откриле дека во домовите за деца без родители имало деца кои биле прегладнети и тоа се случувало со години - некои од нив биле буквално на работ на смртта. Така на пример, една тинејџерка имала само 15 килограми, а една 20 годишна девојка само 11 килограми.

Фотографиите и видео снимките од сиропиталиштето во Минск многу луѓе ги потсетиле на романскиот скандал со сиропиталиштата во 1990-те. Новинарот од „The Guardian“ истакнува дека некои од фотографиите од Белорусија биле толку трогателни што „The Guardian“ не сакал да ги објави.

Властите започнале истрага која би требало да утврди зошто и како децата завршиле во ваква состојба, но обвинителите велат дека тие очигледно биле жртви на неухранетост и запоставување, поради што неколку менаџери на овие домови веќе добиле отказ. Но, некои од нив се правдале и вината ја префрлале на нивните физички и ментални болести.

„Овие деца никогаш не оделе. Тие постојано се во кревет и немаат мускули“, изјавила директорката на сиропиталиштето Червен, Ела Борисова.

„Ваквото дете никогаш нема да стане и да оди без специјална исхрана богата со калории. За нашата институција најважно е овие деца да бидат чисти, суви, нахранети и да ја добиат целата медицинска помош на време“, додала таа.



Проблемот се крие во тоа што овие деца, кои сите се речиси тешко болни, имаат потреба од храна богата со витамини, храна која повеќето сиропиталишта не им ја овозможиле. Причината за ова лежи во фактот што ваквата исхрана која обично се внесува директно во дигестивниот систем, може да ја препише само овластен педијатар - болниците кои биле надлежни за децата, не испраќале педијатар бидејќи овие деца ги сметале за изгубени случаи.

Фотографиите од прегладнетите деца интернет корисниците веќе ги споредија со нацистичките логори на смртта. „Како е возможно вакво нешто во 21 век во Европа - да нема соодветна храна за болни деца“, напишал еден од читателите.



Иако некои од педијатрите и претходно предупредувале на алармантната ситуација и се обиделе да организираат хуманитарни настани за да соберат пари и на децата да им овозможат соодветна исхрана, одзвиот бил многу мал, изјавил еден од докторите.

Освен очигледните институционални проблеми и запоставувањето на децата, директорката на едно од сиропиталиштата, Ана Горчакова како една од причините за ужасната состојба во која се наоѓале децата го наведува и ставот на општеството кон тешко болните деца:

„Ги чуваме и внимаваме на нив, но во суштина се третираат како растенија“, вели таа.