Кина - предводник на револуцијата со електрични автомобили

Кина - предводник на револуцијата со електрични автомобили

Подготвил: Тамара Гроздановски

кина
Фото: Getty images

Автомобилската индустрија се соочува со голема промена. Експертите од оваа индустрија велат дека треба да очекуваме повеќе промени во наредните пет години, отколку што се случиле во изминатите педесет. Како што се развива технологијата на автономно возење, промените не се само дел од „бркањето“ на профитот, туку и крик за опстанок.

Но, ваквиот чекор и познавање за тоа кога и како да се зголеми инвестицијата во новата стратегија, е прилично сложена игра. И покрај зголемениот број на автомобилски компании кои произведуваат електрични возила, потрошувачите сè уште не се подготвени за ваков вид на технологија, а оваа технологија се соочува со регулаторни пречки. Но, она што остана доследно за оваа индустрија е профитабилната иднина во новиот пазар на автомобили: продажба на автомобили во Кина.

Минатата недела, на Меѓународното авто шоу во Њујорк, Клаус Зелмер, претседателот на „Porsche“ изјави дека Кина е пазарот на иднината за овие автомобили.

Со години, производителите на автомобили зборуваат за растечката важност на Кина, како и тоа дека повеќето од нив сметаат дека моментално, Кина е најголемиот пазар за автомобили.

„Секој производител кој е глобален производител мора да се фокусира на Кина, најголемиот светски пазар сега, а веројатно и во иднина“, вели Мишел Кребс, виш аналитичар за „Autotrader“. Минатата година, биле продадени околу 28 милиони нови возила во Кина, во споредба со 17.5 милиони продадени автомобили во Америка.

Добрата продажба во Кина значи дека се произведуваат автомобили кои одговараат на вкусот и потребите на клиентите. Во текот на изминатата деценија, луксузните компании за автомобили го прилагодиле нивниот производ според кинеските вкусови, вклучувајќи седани и SUV кои имаат поголеми задни седишта за сопствениците кои сакаат да имаат шофери. Но, апетитот за различни видови на автомобили се шири - од спортски автомобили до SUV. Во последно време, SUV се подоминантни. Но, како што Кина се соочува со предизвици поврзани со животната средина, електричните автомобили се оние кои добиваат големо внимание. Минатата година, кинеската влада предложи дека до 2018 година, 8% од вкупниот возен парк треба да биде составен од возила со ефикасно гориво.

Промените кои се случуваат во автомобилската индустрија едвај одржуваат чекор со Кина и нејзиниот потег за поголем број на возила со ефикасно гориво.