УКЛО тривиум: Говорите на наградените натпреварувачи

УКЛО тривиум: Говорите на наградените натпреварувачи

На 24 април, битолскиот универзитет „Св.Климент Охридски“ одржа ораторски натпревар, „УКЛО тривиум“, на кој дваесетина студенти се натпреваруваа на темата: „Јас сум студент. Имам право на избор за Европската унија“.

ораторство

Според жири комисијата, за најдобри говорници се избрани:

Моника Нелческа од Педагошкиот факултет која го освои првото место, Лина Димовска од Економскиот факултет која го освои второто место и Симона Видановска од Правниот факултет која го освои третото место.

Ова се нивните говори со кои ги претставија нивните реторички и говорнички вештини.

Првонаградена, Моника Нелческа

„Апсурдна би била смислата на живеењето ако не постои нешто за кое што непрестајно и макотрпно би се бореле.   Нешто кое во нас ќе ја разгори желбата да го истакнеме нашиот интелект кој е како невидлив печат втиснат на современиот светоглед. За среќа, постои една сила која нас Македониците ќе ни отвори можности за себеизразување за да се проба и забранетото овошје, да ги разголиме сите догми и без срам да ѕирнеме зад табуата на непишаните морални норми. Таа сила  како илузија ни трепери пред очите, ни диригира до целта, да парадираме до нејзината периферија, да чекориме по досега негазените патеки кои водат до големото семејство,Европска Унија. Знам дека патувањето со билет во еден правец е тешко, преплавено е со пречки во огромни размери. Но, кога еднаш ќе го поминеш тој пат не вреди да се свртиш назад,  затоа што она што го гледаш пред тебе е... божествено.   

Ова парче земја, оваа наша Македонија веќе дванаесет години се обидува да го купи тој билет кој ѝ ветува многу. Ѝ ветува живот во Европа без граници и разлики, без поставување услови и неостварливи барања каде по желбите на еден губи друг. Живот  во кој секој народ му помага на другиот и каде секој има шанса за докажување и успех.  Но многу од нас нè мачи едно прашањe: колку сме далеку од посакуваната дестинација? Кога ќе стигнеме пред рајските порти? Европа, во која сме, а не сме. Повеќе од една деценија скулптурна маска на агонија ни ги прекрива лицата. Како ли да се избориме против неа?  Тука, драги мои ќе ве потсетам на еден цитат на Черчил, кој посочува,,Успехот е постојано сопнување од неуспех на неуспех, без да се изгуби ентузијазам”. Ако при секој обид кој резултира со неуспех ентузијазмот се губи, тогаш не вреди да се пробува повторно. Но, за нас Македонците важи едно правило на кое сме останале верни до ден денес, а тоа е: aко ентузијазмот се изгубил во духот на постарите генерации, тој повторно ќе се роди во духот на новите генерации. Тој се раѓа кај нас студентите... одново и одново.

Оттука, визијата за посветла иднина секако дека првенствено нè засега нас студентите, кои неоспорно сме тлото на оваа земја. Од нас зависи напредокот на нашата држава, во нас тлее надежта за подобро утре. Но, располагаме само со две карти од кои едната е добитна, а на другата и поминува рокот на траење. Во едната рака недостоинствено, со спуштена глава  го држиме пасошот кој ни ги отвора границите на Европа, пасошот на моќта, пасошот на соседите Бугари. Со другата рака, пак, силно ги стегаме збрчканите дланки на татковците и мајките. Оние кои секоја вечер ја реинкарнираат надежта во молитва да не отпатуваме некаде далеку во туѓина.  Далеку од нивните очи, и пресушени солзи... И тој сјај во нивните очи влева нешто во нас. Ја влева помислата дека ако сепак останеме, навистина нешто ќе се смени.

Од тие причини, одлучувачкото право на избор на Европска Унија ни припаѓа нам. Тоа големо име Европска Унија, кое со брзина на светлината ни виори низ секојдневните дискусии сè уште буди некои чувства во нас. Чувства на надеж и ведрина. Дека еден ден ќе живееме во Македонија како членка на Европското семејство, во која слободно ќе можеме да го браниме нашиот прастар и автохтон идентитет, нашиот древен јазик, нашиот фолклор, нашата земја со цветни алеи и терасести градини и нашиот целосно описменет народ. Но, она кое што во нас пали немир и жолч и како кормило со брод управува со нас е стравот од отфрленоста, која нашите предци како наследна дамка ја носат на срцето. Тој страв нè затвори зад оловни решетки и ископа бездна околу нашето постоење. Но драги мои, ние сега сме спремни тој страв да го погледнеме во очи и да му кажеме дека нема повеќе да нè плаши како црна мачка која ни го пресекува патот, затоа што ние ќе се потрудиме отфрленоста да постане збор напишан во поглавјето кое ќе заврши.

На далеку треба да се слушне нашиот глас - Нема да дозволиме нашата територијална големина да нè ограничува, нашата бурна историја да нè кочи, а нашиот идентитет да нè условува. Ние не сакаме со бугарски пасош да талкаме низ Европа, сами на светот. Не сакаме да формираме семејство далеку од нашето. Сакаме да твориме и создаваме тука, за нашите деца, за вашите деца, за оние кои следуваат по нив. Со гордо крената глава сакаме да го држиме нашиот пасош, за кој ќе се избориме да симболизира моќ. Сакаме да ги избришиме солзите на нашите мајки и татковци и силно да им ги стегнеме уморните дланки , кажувајќи им дека не одиме никаде, дека ќе останеме тука, лавовски да се бориме за една подобра Македонија, во која секој ќе го негува исконското право на достоинствен живот“.

Второнаградена, Лина Димовска

„Сите животни се еднакви, но некои животни се поеднакви од другите“ во орвеловата „Животинска фарма“. Но не е така само во фармата на Орвел. Па и ние не сме еднакви меѓу себе во оваа наша фарма. Не се еднакви меѓу себе ни државите на најстариот континет. Едни се во унија, а други не се. Ние не сме, но ќе бидеме. Или нема? Којзнае...

За овие што се во унијата  многумина како мислат дека таму им е супер. А ние не сме таму затоа што не ги исполнуваме условите кои ги бараат земјите членки на таа унија. Тие ќе ни речат: „Вашето судство не чини. Образованието не е в ред. Имате здравство? Вашиот претседател треба да ги преиспита своите постапки.“ Но после ова ќе излезе нашиот Голем Брат и ќе ни каже: „Оставете тие што велат, ние сме први во Европа. Единствен проблем ни е името.“ Знае Големиот Брат дека името не го даваме. И јазикот не го даваме Брате! Нашиот Голем Брат си е таков. Сака да не' гледа како чукајќи се в гради пееме „Едно име имаме“, додека тој ужива во луксузите стекнати благодарение на нас. Ни продава некаков лажен патриотизам повикувајќи се на карти на Голема Македонија. Кај нас нема неистомисленици. Или си со него, или си против него. А ние студентите на чија страна сме? Едвај чекаме да ни ја дадат дипломата в рака за да заминеме во некоја ветена земја. Ние сме студенти, ние имаме право да ги уживаме правата на Европската Унија. Имаме право да бидеме ставени рамо до рамо со студентите на Европската Унија и нашите дипломи да бидат еднакви со оние стекнати во Европската Унија. Ние имаме право да видиме како жената на Големиот Брат се пораѓа во јавните здравствени установи како многумина наши врснички. Имаме право да видиме дека корумпираните завршуваат онаму каде што им е местото. Имаме обврска да ги почитуваме правните акти на оваа земја. Ние имаме право да бараме од нашиот Голем Брат да ги спроведе тие реформи за конечно да се најдеме во таа ветена унија. Додека ова не се случи, ќе копнееме да заминеме во некоја ветена земја каде нашите знаења и вештини повеќе ќе се ценат.

Би ве замолила да станете затоа што ќе ни се обрати Големиот Брат: „Драги дами и господа, сум ви кажал и пак ќе ви кажам, ние немаме потреба од никави реформи. Сетете се, наш единствен проблем е името. Ние сме први во Европа, први по национализам, а патриотизмот, е тој ни е некаде на пониско ниво“.

Третонаградена, Симона Видановска

„Еднаш Плутрах рекол: „Умот не е сад кој треба да се наполни туку оган кој треба да се потпали”.
Во изминатиот период во кој сме затекнати од различни ветрови, виори, промени, зарем не размислуваме дека на ветрот му треба само едно малечко жарче за да направи пожар? А, ние, ние ги имаме во изобилство. Со нив можеме да направиме пожар само често размислуваме дека треба да се обединиме во разликите.

Знаете, Европската Унија не толерира само седење во фотелја и решавање за судбината на милиони.
Да, драги мои самите знаете дека некој седи во фотелја и тура вода врз нашиот оган. Ама, не се сетиле, не се сетиле дека на патот кон нашата цел ние сме камелеон. Не се сетиле дека ние можеме да бидеме се што добриот разум ни кажува. Дали ќе ги искористиме нашите шанси или не, без тоа да го сфатиме како притисок зависи само од нас. Ние треба да се разбудиме од овај сон, од сонот кој ни отвара врата кон една друга иронија различна од нашата. Во нашата иронија се поставуваат прашањата: Што бираме ние? Кого бираме ние?. Ние бираме некој кој не обединува во разликите, кој дава критериуми да се обединуваме со различни просеци. Некој на кој му дозволуваме да не понижува.

Демократијата ни е света, а образованието најважно! А ние што направивме? Ги изгубивме! А, сигурни сме, сигурни сме дека сме подготвени за Европска Унија затоа што ние се разликуваме од сите земји членки во Европската Унија. Се чини дека ние имаме најмногу високо образовани кадри од сите земји членки на унијата, а најмалку знаење. Ние имаме реки, езера, патишта полни со отпадоци, највисоко ниво на невработеност, задолженост. И не си веруваме на слушнатото како сеуште ни го одбиваат барањето за членство во Унијата.

Ама заборавивме, во Европската Унија не постои критериум за влегување со партиска книшка. Каде ни е разумот сега? Каде сме ние?

Ние денес ги криеме нашите недостатоци зад параванот како што вешто сакаме зад параванот на Европската Унија да ги скриеме нашите недостатоци како држава. Ние сме она што сме, нам ни треба време да го достигнеме она што државите членки на Унијата го постигнале низ годините.
Нам ни треба време да се прифатиме самите себе, нашата реалност и вистина, ама не со криење зад параванот.
За успех треба добар план и време. Нашата генерација е генерација со огромна одговорност. Тоа е чест. Чест е да се биде дел од оваа мисија.  Сега водиме погрешшна битка на погрешна територија, за членство во нешто во кое не можеме да функционираме. Тоа сме ние, ние тука ќе се обединиме во разликите, ќе се договараме и работиме. И, јас верувам, верувам дека ќе успееме.
А, ние, ние очекуваме дека членството во Унијата ќе ни ја разбуди свеста.  
А, каде ни е свеста сега?
Каде ни е волјата да станеме и да речеме:
Доста беше, станете од фотелјите, оставете ги куферите со милионите, народот ја побара демократијата назад!“