Најверојатно оваа година пристигнува „Ел Нињo“

Најверојатно оваа година пристигнува „Ел Нињo“

Подготвил: Маја Пероска

Изгледите за во текот на 201 година да се појави глобалниот атмосферско-океански феномен „Ел Нињo“, изнесуваат 50 до 60%. Ова се информациите на Светската метеоролошка организација по ревизијата на извештаите од последните два месеци.

фото извор: Pixabay

Во нивното соопштение стои дека температурата на морската површина на источниот Пацифик се зголемила за 2 степени Целзиусови, што е повеќе од просечна температура во текот на февруари и март, што влијаело на појавата на обилни врнежи и намалување на јачината на ветровите во подрачјето на Галапагос до крајбрежјето на Еквадор и Перу.

Последниот ваков феномен е забележан во текот на 2015 и 2016 година, а влијаел на огромната суша во Африка и заразата од вирусот зика во Јужна Америка.

Експертите не можат да утврдат колку ќе биде силен ударот на „Eл Нињo“ оваа година.

Се работи за климатско нарушување кое настанува заради невообичаеното загревање на морето на површината на екваторскиот Пацифик, предизвикано од промената на насоките на движење на воздушните струи во повеќе слоеви на атмосферата.

Појавата се поврзува со зголемените температури на глобално ниво, но и невообичаено суви, ладни и ледени зими на северот на Европа. Феноменот се јавува на секои две до седум години. Додека на едниот дел од Земјата предизвикува големи дождови и поплави, другите подрачја се погодени од суша.

Името на овој метеоролошки феномен доаѓа од шпанскиот збор за момче бидејќи обично се јавува околу Божиќ.