Приказна од моето детство

Приказна од моето детство

Тогаш за нас нè постоеше иднината, единствено го познававме детството што мирисаше на кифлите со џем што ни ги носеше воспитувачката, чоколадните топчиња што се продаваа во „Краш“ и избледените фармерки „501“, за кои секој од нас водеше битки дома.


Силвија Митевска е родена 1979 г. Во Скопје. „Додека Данте спие“ е нејзина прва збирка раскази.
Мојот свет (Од збирката раскази „Додека Данте спие“ ИЛИ-ИЛИ, 2015) 

Кога бев сосема мала, живеев два различни животи. Светот ми беше поделен на две половинки - едниот континент се викаше Аеродром, а другиот Кисела Вода; во првиот се наоѓаа мојот дом и училиштето, а во вториот зградата на баба ми и паркот на чие вратило си ја дупнав главата, бесејќи се со главата надолу. За да излезам од едниот и да влезам во другиот различен свет, секако, постоеше тајната порта. Велам тајна, бидејќи мајка ми не знаеше дека сама ја преминувам пругата по која врвеа стари локомотиви и каде што се случуваше понекој да биде прегазен од возовите, кои, гледајќи ги отстрана, и не возеа така брзо. Кога ќе заглавев во преминот, не можејќи да мрднам ниту напред ниту назад, и јас го чекав возот да помине и да ме бутне настрана, па да припаднам или на баба ми или на мајка ми. Чичкото што дежураше во малата куќичка, пред која стоеја наредени неисправни вагони, штом ќе ме видеше, ќе ме фатеше за рака и ме туркаше преку шините пополнети со ситни каменчиња. Само неколкупати се случи да не ме забележи, а јас тогаш седнував среде шините, на дрвениот праг, ги броев каменчињата и го чекав возот кој никако не тргнуваше од железничката станица.

И моите другарки беа поделени - некои припаѓаа во едниот, а некои во другиот свет. Никогаш не дозволив да се сретнат, секогаш ги носев со мене само до пругата, а потоа ги испраќав назад. Не сакав да се запознаат, обожавав да им раскажувам на едните за другите и обратно. Близу моето училиште, живееше балерината со која делевме сè - училишната клупа, сендвичите на големиот одмор, гумите за џвакање, тетратките, домашните задачи и новата облека која, по долги молења, родителите конечно попуштаа и ни ја купуваа. Еднаш ги поделивме и патиките, таа ја зеде левата, а јас останав со десната, се шетавме така низ маало додека не нè заболеа нозете. Делевме и неколку улични кученца за кои се грижевме како да им бевме мајки. Во училишниот двор скокавме и се искачувавме на дрвото со најдебели гранки, импресионирани од филмовите со карате и џудо. Откако таа падна и се повреди, ни забранија повеќе да изнајмуваме касети со Брус Ли.

Кај баба ми,во Егејското маало, најмногу си играв со близначките Вики и Мики. Беа малку постари од мене и најубаво раскажуваа приказни, иако понекогаш знаеја да ме уплашат. Умееја да читаат од небото, ги препознаваа ѕвездите и можеа многу работи да ти објаснат за космосот. Кога паѓаа ѕвездите, се качувавме на покривот од гаражите, ги броевме на глас и си замислувавме желби. Се сеќавам, тогаш посакав да се врати мојата другарка Цеце, која пред една година додека го возеше новиот велосипед ја удри камион и умре. Само нејзе ќе ѝ дозволев да одбере во кој свет сака да живее, дури и ќе ја земев со мене кога одев од еден во друг. Ѝ се лутев што си замина без да ми каже. Зарем не можеше да скокне со новиот велосипед високо во воздух па преку камионот, како што многупати видов на телевизија? Да бев јас на нејзино место набрзина ќе скокнев настрана или ќе ги качев тркалата на стаклото пред шоферот и ќе се спасев. Навистина таа Цеце не беше многу снаодлива.

А јас одлично се снаоѓав со мојата поделена реалност иако понекогаш знаев да ги помешам приказните што постоеја во двата различни светови. На балерината ѝ открив дека знам да зборувам на англиски јазик, близначките ме подучуваа секој викенд, а најмногу време им требаше да ме научат да го изговорам проблематичното w. Ме тераа по стотина пати да го повторувам зборот window, сè додека тврдото „в“ не го заменив со англиската буква што ми беше толку неприродно да ја изговорам.

Кога конечно ја усвоив и најпроблематичната буква, се перчев со песни на англиски јазик, а бидејќи во тоа време најпознати беа „Ганс енд роузис“, тенденциозно нив ги интерпретирав. Никому не му ги откривав зборовите, дури им забранував да ме гледаат во уста додека јас занесено пеев. Уште кога татко ми пушти срце и ми ги купи чизмите-мартинки, е тогаш станав вистинска ѕвезда на училиште. Секој сакаше да се дружи со мене. И ако претходно ретко кој ми даваше дел од сендвичот, сега на секој голем одмор стоев покрај сендвичарницата што ги правеше највкусните хамбургери и гризав по неколку залаци од сендвичите што учениците сами ми ги нудеа. Така, излегуваше дека секој ден јадам по хамбургер и пол без да потрошам пари. Во таа учебна година првпат ме поканија да бидам дел од групата што играше на поставената бина среде широката сала, до училницата каде што се одржуваше часот по музичко воспитание.

Училиштето го прославуваше својот патронен празник, бронзената биста во дворот тој ден ја натрупаа со цвеќиња завиткани во целофан. Имавме одлична кореографија, жестоко се разигравме, јас при крајот малку се збунив и небрежно ја згазнав мојата партнерка, но за среќа бев во задниот ред, па никој не ја забележа мојата грешка. Кога завршивме, добивме силен аплауз од насобраните родители и деца, а на учителките им станавме омилени ученички. Секогаш нас нè праќаа кога требаше да се заврши некоја работа надвор од училиштето. Нам тоа ни беше во корист, отсуствувавме оправдано од часот и сите наши соученици ни завидуваа на слободата што ја уживавме. Секогаш одевме во парови. Ако ми дадеше учителката мене некоја задача, на пример да отидам до продавница, јас ја замолував да ми ја пушти и балерината, за да не одам сама. И таа беше лојална другарка и секогаш мене ме одбираше за друштво.

Понекогаш во ходниците ќе се сретневме и со неколку други девојчиња што беа излезени среде час. На сите им беа доделени задачи, некои одеа да ги преземат корпите со кифли што им ги делеа на учениците, некои беа пратени по дневниците, а имаше и такви што требаше да заминат до дома за да си го земат блокчето за ликовно. Се сеќавам, најчудна беше учителката по историја, таа нè праќаше во блискиот трговски центар за да ѝ купиме лак за ноктите, а еднаш требаше да го пречекаме син ѝ на автобуската станица и да му го дадеме клучот од нивниот стан.

Беше вистински престиж да се биде член од елитната женска група што владееше меѓу училишните клупи. Трчкавме по учителките и се пекмезевме како мали слатки мачиња, верувајќи дека нашата нежност ќе нè избави од горчливиот живот што се наѕираше по завршеното образование. Невини ни беа лицата, а наивни мислите. Зарем навистина мислевме дека нашите мили учителки ќе постојат и надвор од училишната врата, која секогаш беше заклучена и обезбедена со дежурен ученик?

Но , тогаш за нас нè постоеше иднината, единствено го познававме детството што мирисаше на кифлите со џем што ни ги носеше воспитувачката, чоколадните топчиња што се продаваа во „Краш“ и избледените фармерки „501“, за кои секој од нас водеше битки дома. И јас го уценував татко ми дека нема да одам на училиште ако не ми ги купи, па следниот ден ми даде половина од неговата плата за да можам да се фрцкам низ училишните ходници.

Ако барем малку се обидам да се сетам, и сега можам да го почувствувам хлорот на Воениот базен каде што секое лето се обидувавме да влеземе без карти, протнувајќи се низ металната ограда од страната на зараснатото игралиште, непосредно под терасите на ниските згради. Тогаш и љубовта почна да ни се разоткрива, ја имаше под секое ливче и каменче. Се вљубувавме секој ден одново и одново, срцето ни немаше граници, се ширеше сè додека можеше да издржи, а потоа пукна. Веројатно затоа сега не успевам никого да го сместам во него, во мене останала само кошулката што го обвиткувала, а таа нема сила да задржи никого.

Растев истовремено во моите два паралелни светови, кои единствено постоеја за да се надополнуваат еден со друг. Пред зградата на баба ми измислуваваме игри, кои, ако ги извадев надвор од старото маало ќе ми побегнеа и ќе им се вратеа на расцутените липи под кои игравме криенка. Најмногу се занесовме по играта што ја крстивме „Вампир“. Трчавме со километри и бегавме од вампирот, кој буквално требаше да нè гризне за вратот. Со нас секогаш се моташе и братучед ми, не можевме да му избегаме, беше ситен и слаб и трчаше побрзо од сите. Ја молев баба ми да му забрани да доаѓа со мене, ми беше срам секогаш да го носам во моето друштво зашто беше помал од сите нас. Таа ќе го затвореше дури јас излезам од дома, но набрзо тој ќе нè најдеше и ќе ни се закачеше како крлеж на џукела. Намерно, секогаш него го местевме да биде вампирот, а ние здружено му бегавме, одвлечкувајќи го сè до високите кули, кои беа на граница со другото маало. Му требаше долго време да се врати назад, а ние дотогаш си ги теравме нашите слатки игрички.

Налето пристигнуваа Анабела од Франција и Ромина од Италија, кои седеа по неколку месеци на гости кај своите баби. Тие ги имаа најубавите кукли на светот. Ги викаа барбики и имаа по неколку фустани за пресоблекување. Кога беа добро расположени, ни даваа да си поиграме со нив - секоја од нас имаше по пет минути со русокосата убавица. Ги чешлавме и им стававме шнолички, слични како оние што ги носеше Ромина на својата долга, светла коса. Анабела беше подива, по малку машкуданка, повеќе сакаше да рипа на јажиња и да врти обрач околу половината, отколку да пресоблекува кукли. Со нејзините барбики почесто си игравме. Но, ни се случи незгода. Една од нас, и ден денес не откриваме која, со ножици ѝ ја пресече косата на куклата и таа повеќе не беше занесна убавица. Французинката ни се налути и демонстративно си замина а ние молчевме загледани во русото парче коса што се вееше на ветерот. Никој од нас не изговори гласно, но тогаш сфативме дека со долга коса сме многу поубави.

Таа година пролетта почна да се расонува порано од вообичаено. По часовите, не се враќав дома, веднаш трчав преку пруга и се заклучував во вториот свет. Таму обично останував додека не се стемнеше, а потоа како крадец на прсти, се враќав дома, кај мајка ми и брат ми. Татко ми веќе подолго време отсуствуваше од дома. Кога сосема запролети, а тоа го знаевме по сладоледите што се појавуваа во фрижидерите, понекогаш и преспивав кај баба ми, со која се туткавме на истиот кревет, бидејќи другиот, од премногу скокање врз него, остана без федери.

Во најцветниот месец од годината ми се случија две важни работи. Првата не беше многу добра. Лазејќи по високата трева во паркот фатив вошки, па морав секој ден по училиште да се враќам дома; мајка ми ме седнуваше на тераса и таму ги толчеше гнидите што пукаа како балончиња. Ѝ се противев, но се закани дека ќе ми ја потстрижи косата, а јас поучена од инцидентот со барбиката, по секоја цена сакав да останам убава. Трпеливо лежев во скутот и ги гледав комшиите што нè ѕиркаа од прозорците.

Успеав да си ја зачувам долгата кадрава коса, а таа ме награди за мојот труд, на себе намами една пеперутка што ја бркаа сите други девојчиња. Беше постар неколку години од мене. Се викаше Александар, но побара јас да го викам Ацика. Кружеше околу мене и јас околу него, по ветрето си ги праќавме погледите што лизгаа мазно како топки во кугларница. Заматени ни беа очите од љубовта што трескавично растеше во нашите кревки тела. Бев љубопитна и уплашена од чувството што ми татнеше како граната во стомакот, при секоја помисла на него можев да експлодирам и да се разнесам на безброј парчиња.

Се запознавме во преминот на училиштето, каде што обично игравме „народна“. Ме викна да седнам до него на страничните скали, јас му се доближував бавно како полжав, а потоа се залепив за плочките и не успевав да се исправам. Разговаравме долго, приказната за моите светови му беше интересна, веднаш ме праша дали можам да го однесам во непознатиот. Му ветив дека наскоро заедно ќе го преминеме тајниот премин, а тој тогаш ме фати за рака. Неговиот допир беше најубавото чувство, послатко од сите чоколади што ги наоѓав пикнати во горните фиоки на плакарите, каде што мајка ми ги криеше од мене и од брат ми. Ме испрати до зградата, а јас уште долго време не сакав му ја пуштам раката.

Утринските часови ги дочекав будна и насмеана. Заљубена во мојата пеперутка, го прелетував станот и се подготвував за на училиште. Бев на влезната врата кога мајка ми дотрча до мене. Ме прегрна, а јас тогаш видов дека е расплакана. Ме зачуди нејзината солза во левото око, мама никогаш не плачеше, дури ни на најтажниот филм. Ме замоли да ја симнам чантата од рамо, ја остави во ходникот, а мене ме седна на креветот. Ја испружив дланката и ја дочекав солзата што се двоумеше дали да се лизне по образот.

- Плачам од среќа мило, ова се солзи радосници - шмркаше и ме држеше за раменици.

Сакав да ѝ кажам дека и јас сум многу среќна и сериозно се напрегнав да изронам неколку солзи радосници.

Знам дека се подготвуваше да ми каже нешто важно, рацете почнуваа да ѝ се тресат кога беше возбудена.

- Мило, се селиме во Германија - ме стисна силно на градите и ме бакна со влажните усни.

Зјапав во неа, а всушност гледав милион мали сликички како се појавуваат и исчезнуваат зад вратата. Немо набљудував како ги снемува зградата на баба ми и паркот каде што си ја дупнав главата, гаражата и вселенските бродови што слетуваа на нив, дрвото во училишниот двор, базенот со многу хлор, училниците со скршени клупи, возовите што свиреа секогаш кога ме одминуваа и чичкото што ми доаѓаше во пресрет, барбиките, дрвјата и цветовите што мирисаа различно во секој свет, ја здогледав и пеперутката што пролета покрај мене и излезе преку отворениот прозорец. Не се сеќавам дали плачев, врескав или удирав по мајка ми, но знам дека тој ден отсуствував од училиште.