Десетте апсурди на „Кембриџ“ програмата

Десетте апсурди на „Кембриџ“ програмата

Во нашата редакција пристигна писмо во врска со Кембриџ програмата од проф. д-р Розалина Попова-Коскарова, професор на Педагошки факултет - Скопје.



Наспроти нечии тврдења дека Кембриџ програмата придонесува за поквалитетно образование, најодговорно тврдам дека Кембриџ програмата е сѐ, само не квалитет во образованието. Да започнеме со ред.

Прво, преводот на учебниците и работните тетратки е катастрофален! Не е изршена никаква адаптација на потребите на нашата традиција, култура и средина. Не може нашите децата да учат ( по математика) дека часот после 12 не е 13, 14, 15 итн. туку дека е 1pm.,2pm, 3pm или пак 14.15 е 14 и четврт! Тоа е така во англиското говорно подрачје, но не во македонското.

Секој учебник или прирачник треба да биде добро адаптиран во средината во која се применува.

Буквалниот превод доведува до многу погрешна терминологија, претстави и сознанија. На пример, во работната тетратка за трето одд. по природни науки ( наставна единица посветена за забите) е напишано дека „преткатниците имаат две остри бразди ‘‘. Имено, нешто што е испакнато, може да биде остро, а не бразда. Браздите вообичаено е да бидат длабоки или плитки, што значи дека забите не можат да имаат бразди.

Второ, голем дел од содржините се неразбирливи и несоодветни за возраста. Имено, во предметот природни науки во трето одделение во наставната единица „Видови карпи,‘‘ постои вакво објаснување за карпите.„Карпите се тврди делови од површината на Земјата. Тие ја сочинуваат земјината кора која личи на лушпа од портокал. Оваа карпа лежи на слој од тврди и растопени карпи наречена земјина обвивка, а под неа се наоѓа врелото јадро‘‘ (стр.54). Објаснувањето е сосема несоодветно за децата од 8 годишна возраст. Со тоа е нарушен основниот дидактички принцип- содржините да бидат соодветни и разбирливи за децата.

И понатаму, за разбирањето да биде уште повеќе отежнато, се бара од децата да запомнат дека постојат три вида карпи: вулкански, метаморфни и седиментни!!!.

Во истата наставна единица следи вакво појаснување за вулканските карпи: „Вулканските карпи како базалтот и гранитот се формираат од загреаните карпи во внатрешноста на Земјата‘‘. Слично „стручно-научно ‘‘ објаснување има и за останатите два вида на карпи

Трето, не придонесува за некаков поголем интелектуален развој, ако се знае дека голем дел од содржините децата ги усвојуваат механички и фактографски, вклучувајќи го помнењето, наместо да ги развиваат мисловните процеси. Пример, од учениците се бара да запомнат различни видови камења , како: базалт, кварц, гнаус, варовник, креда, мермер, песочник и истите да ги сортираат според правила кои треба сами да ги наведат, а се однесуваат на својствата на каменот.

Слично е и со наставната единица која се однесува на зачувување на здравјето. Поконкретно, мапа на устата. Од учениците се бара да запомнат кој заб кај човекот колку корени има. Покрај тоа, има многу несоодветни прашања од типот. Која храна предизвикува забен камен? Стоматолозите тврдат дека ниедна храна не предизвикува забен камен, туку не четкањето на забите доведува до создавање на забен камен, што значи дека и лебот може да предизвика забен камен, а не само слатките работи.

Вакви примери на нестручен превод има многу.

Четврто, неусогласеност со букварскиот период и описменувањето на учениците. Имено, од учениците во прво одд. во наставата по математика се бара да пишуваат, иако тие се се`уште неписмени.

Петто, се алудира на некакво научно истражување, кое се сведува на апсурди, од типот: Одреди која паста за заби е подобра од другата? Ако се знае дека квалитетот на пастата е во нејзиниот состав, како може дете од трето одделение да одреди која паста има поквалитетен хемиски состав за зачувување на забите?

Шесто. Учебниците се полни со несоодветна терминологија. Имено, терминот заболекар подолго време не е во употреба во нашиот стандарден македонски јазик. Наместо тоа, се користи терминот стоматолог. Оттука, недопустиво е во учебниците да се користат застарени термини.

Седмо, таканаречените научни истражувања бараат различни материјални ресурси кои училиштата тешко ги обезбедуваат. Тоа значи дека не се воспоставени стандарди за материјални ресурси кои секое училиште задолжително (како табла и креда) мора да ги има.

Осмо, нередоследноста на темите и тнр, спирален распоред не е во функција на поголем мисловен, односно интелектуален развој. Напротив, постојат големи празнини и несистематични знаења кои понатаму ќе се одразат во квалитетот на образованието на децата. Не е воопшто педагошки издржано учениците од 8-9 одделение да ги повторуваат знаењата од 4-5 одд. Непочитувањето на дидактичкиот принцип – сообразеност со возраста се рефлектира како голема слабост.

Деветто, наставниците покажуваат големо незадоволство од кембриџ програмите. Имено, нашето истражување на 137 наставници покажа дека 83, 94 % од наставниците покажуваат големо незадоволство од Кембриџ програмата, а само 16,06% ја прифаќаат како добра.

Десетто, големите слабости во учебниците и работните тетратки и начинот на кој децата го стекнуваат знаењето, доведе до огромно незадоволство кај родителите.

Пишувa: Проф. д-р Розалина Попова-Коскарова / Педагошки факултет Скопје

Објавувањето колумни од надворешни автори е одраз на намерата „Факултети.мк“ да биде влијателен глас на студентите и младите луѓе. Но, напоменуваме дека не се согласуваме секогаш со ставовите што ги изнесуваат нашите колумнисти, особено кога станува збор за лични дисквалификации, етикетирања без основа и извртување на контексти со цел да се наштети на други личности од која било сфера. „Факултети.мк“ се оградува од таквиот речник и конотации и ги смета за непримерни во јавната комуникација.