Симон Трпчески: Секој момент со маестро Владимир Ашкенази е бесценет

Симон Трпчески: Секој момент со маестро Владимир Ашкенази е бесценет

Во недела, во 19 часот Ашкенази и Трпчески ќе го изведат историскиот концерт за Македонија со кој свечено ќе биде отворена новата концертна сала на Македонската филхармонија




Владимир Ашкенази несомнено е легендарен музичар. Но, таа димензија доаѓа од една многу поважна страна, а тоа е човештината, карактеристика која е навистина реткост. Тоа е човек со исклучително добро срце и широка душа. Тој секогаш им помагал на младите, ми помогнал многу и на мене. Секој момент со него е бесценет.
Со обие зборови нашиот најпознат пијанист Симон Трпчески го опиша легендарниот пијанист и диригент, Владимир Ашкенази кој летово ќе полни 80 години. Заедно во недела, во 19 часот ќе го изведат историскиот концерт за Македонија со кој свечено ќе биде отворена новата концертна сала на Македонската филхармонија. Се разбира, со нив ќе настапи оркестарот на филхармонијата.

Ашкенази е роден во Горки, во тогашниот Советски Сојуз, денес Нижни Новгород во Русија.
Татко му имал еврејско потекло, па многумина сметаат дека е Евреин. Тој вели дека е инспириран што е во Македонија.
- Како Русин, многу сум среќен што доаѓам во словенска земја. Дури и препознавам дел од буквите - вели тој.

Најсреќни ќе бидат музичарите

Концертот ќе биде отворен со Суита бр. 2 за симфониски оркестар од балетот „Лабин и Дојрана“ од Трајко Прокопиев, а ќе бидат изведени и Концертот за пијано и оркестар бр. 3 во C-dur, оп. 26 од Сергеј Прокофјев и Симфонија бр. 5 во e-moll оп. 64 од Петар Илич Чајковски.
Ашкенази вели дека новата сала има добра акустика, но смета дека оркестарот треба да биде поставен малку повисоко за звукот да биде идеален.
За Симон Трпчески отворањето концертната сала е нешто што требало одамна да се случи. Тој не штедеше зборови за значењето и присуството на Ашкенази во Македонија.
- Многумина во светот би посакале да биде и кај нив. Ова се навистина легендарни моменти. Сме настапиле заедно во Сан Франциско и во Лондон. Среќен сум што повторно соработуваме - рече Трпчески.
Тој додаде дека Македонија заслужува да добие ваква концертна сала, а најмногу публиката.
- Има луѓе кои со сето срце ја сакаат музиката, во овој случај класичната. Но, секако овој објект ќе биде храм на музиката. Најсреќни ќе бидат музичарите кои конечно ќе можат да работат во нормални услови - рече Трпчески.



Голема сала со 1.000 седишта и мала, со 310 места

Концертната сала се отвора по 73 години откако е формирана Македонската филхармонија. Директорката Маја Чанаќевиќ вели дека музичарите се толку среќни, што сосема поинаку звучат во новата сала.
- Тука е влијанието од маестро Ашкенази. Но, верувајте, ова како да не е истиот оркестар, толку звучи поинаку - вели таа.
Изградбата на концертната сала чинеше вкупно 73 милиони евра, а беше финансиран во рамките на капиталните инвестиции на Министерството за култура и Владата. Новата зграда, дело на архитектот Виктор Михајлов, ќе зафаќа површина од 12.400 квадратни метри и ќе две сали - голема со капацитет од 1.000 седишта и мала, со 310 места. Големата сала располага со современи сценско-технолошки системи, а материјалите вградени во големата сала и архитектонската пластика овозможуваат врвна акустика. Може да се користи и како како студио со режија за снимање на музичките настани. Во објектот се  вградени посебни простории  за вежбање на солистите и индивидуалните групи, придружни и административни простории, сите функционално поврзани на три нивоа. Објектот поседува и кафетерија, музичка продавница и паркиралиште за вработените. Влезот е атрактивен, а покривот е од специфична челична конструкција составена од два дела, прв пат изведена во земјава.