Како номадите во Сибир ги подготвуваат нивните деца за училиште?

Како номадите во Сибир ги подготвуваат нивните деца за училиште?

Подготвил: Тамара Гроздановски

Народот Ненци, кои во Јамал одгледуваат ирваси во тундрата, живеат како номади. Семејството кое одгледува ирваси е големо и обично имаат три до шест деца. Наместо градинки и воспитувачи, тука се родителите и ирвасите. Кога ќе наполнат седум години, детето тргнува во нов живот. На есен, во тундрата по него доаѓа хеликоптер кој го пренесува во училиште со интернат, во најблиското село.

1
Фото: yamalexpedition.ru

Системот на училиште за децата од номадските семејства настанал во 1930 година, и се` уште функционира. Образованието им дава можност на децата да се определат за живот во тундрата или кариера во градот. Родителите велат дека децата подоцна сами избираат дали да се вратат во тундрата или да останат во „цивилизација“.

Прилагодувањето во училиштето е тежок процес. Во тундрата, детето има поголема слобода, а во интернатот сите активности имаат строги временски рамки. Таткото и мајката се далеку. Децата се опкружени со непознати луѓе кои им диктираат правила. Наставата се одвива на руски јазик, кој е туѓ за децата номади. Поради тоа, во рамките на номадското образование во Јамал се отвораат мобилни градинки, за децата полесно да се прилагодат на училишните услови.

2
Фото: yamalexpedition.ru

Александра Терјохина е антрополог од Санкт Петербург. Таа година дена поминала како номад со номадско семејство, каде импровизирала номадска градинка, односно предучилишна настава за малиот, љубопитен Хасавак, шестгодишен син на Константин и Албина Серотето.

Уште од третата година тука децата се препуштени сами на себе и можат да прават што сакаат. Секако, во границите на пасиштата. Од таа возраст тие добиваат и помали задачи од нивните родители, а останатото време го поминуваат играјќи, шетајќи и набљудувајќи.

4
Фото: yamalexpedition.ru

Децата најчесто се среќни на предучилишна возраст. Номадското образование е посебна форма на настава која не го ремети животниот циклус на номадите, туку го пополнува. Александра Терјохин ги учи децата во време кога тие немаат други обврски. Настава нема за време на селењето од едно место на други.

Александра од градот го донела потребниот материјал за настава. Штом ќе се ослободат децата, таа ги вади боиците, пластелинот, хартијата, приборот за пишување, друштвените игри и ги вика децата на час.

5
Фото: yamalexpedition.ru

Во текот на летните месеци во, во номадската група од градинката има осум деца - децата од семејството Серотето и соседните семејства. 6 годишниот Хасавако се подготвува за училиште. Учи руски букви и аритметика. Наџа година дена ги поминала на училиште, таа ги повторува сите букви и решава задачи. Заедно со Хасавако и Александра на часовите присуствуваат и помали деца.

Во зима наставата трае пократко отколку во лето. Во текот на поларните ноќи, денот е многу краток, па за 4-5 часа треба да се обезбедат дрва, да се нахранат ирвасите, да се приготви храна и да се пренесат сите работи на нова локација. А кога е поларен ден, тогаш наставата се одвива на отворено, а покрај децата има и „публика“ - баби, дедовци, родители, па дури и одгледувачи на ирваси.

Кога ќе настапи есента, кон крајот на август, пристигнува училишниот хеликоптер. Тој го однесе Хасавако во интернат во најближното село. За ова дете настапува година од животот во непозната средина, со други правила и без родители. Но, Хавасако едвај чека да почне на училиште. Според искуството на постариот брат и сестра, тој знае дека на училиште е тешко, но доста интересно.