Моќното семејство Кенеди: „На децата не им дозволувавме да плачат“

Моќното семејство Кенеди: „На децата не им дозволувавме да плачат“

Подготвил: Маја Пероска

Се вели дека позади секој успешен маж стои жена, но во случајот на Роуз Кенеди, таа е успешната жена позади петмината успешни мажи.

фото извор: Toni Frissell

Сопругата на амбасадорот Џои Кенеди Сениор и мајка на претседателот Џон Ф.Кенеди, сенаторот Роберт Ф и Тед Кенеди, како и херојот од Втората светска војна Џои Кенеди Јуниор, претставувала тивка сила позади политичката династија во текот на 104 години живот.

Откриена е и нова нејзина страна благодарение на аудио интервјуата кои ги снимил писателот на нејзините мемоари „Times to Remember“. Иако аудио касетите никогаш не излегле во јавност, сопругата на писателот Роберт Коглан ги испратила на историчарот кој го следи семејството Кенеди – Лоренс Лимер.
Лимер напишал четири книги за познатото семејство, а напишал и нова драма според касетите со Роуз, која би требало да биде премиерно изведена во Њу Јорк, следната недела.

Меѓу жешките теми кои се чинеле премногу контроверзни за нејзините мемоари била и лоботомијата на ќерката Розмери во 1941 година. Третото најстаро Кенедиево дете – Роземари е родено со благо ментално нарушување во 1918 година и никогаш не го надминала интелектуалното ниво на четири годишно дете. Иако била послушна во детството, во адолесценцијата започнала да бега од интернатот навечер. Кога имала 23 години, татко и одлучил тајно да ја одведе на лоботомија, па заради тоа остатокот од својот живот го поминала онеспособена.

Кога била прашана за таа семејна трагедија, Роуз ја споменала состојбата на ќерка си, но одбила подетално да зборува за процедурата. Во текот на животот, Роуз била сведок на смртта на четирите од вкупно девет нејзини деца.

Најстариот син починал на војно поле во Втората светска војна, на Џек и Боби им се извршени атентати, ќерката Кејтлин загинала во авионска несреќа. Роуз додала дека семејството се справувало со депресија заради големите загуби. Таа истакнала дека инсистирала внуците да не плачат во куќата. Секогаш се обидувала да се фокусира на позитивните работи, па вели дека едноставно била свесна дека ќе се случат и трагедии, бидејќи се било премногу совршено за да трае вечно.

Но, таа признала дека не било секогаш добро да се биде Кенеди. Таа опсесивно ја мерела тежината на своите деца секојдневно. Не им дозволувала да јадат сладолед, бидејќи Кенедиеви биле познати по тоа да имаат голем стомак. Таа и физички ги казнувала кога не биле пристојни за време на вечера.

Многумина веруваат дека немало многу љубов помеѓу неа и сопругот, бидејќи се зборувало дека нивниот брак бил од интерес. Наводно нејзиниот сопруг имал бројни афери и тоа со познати актерки. Роуз истакнала дека знаела оти ќе има гласини за нејзиниот сопруг, па одлучила да ги игнорира. Иако не се омажила за мажот од своите соништа, сепак била исполнета бидејќи гледала како растат нејзините успешни деца.

Починала во 1995 година, кога имала 104 години. Само едно од нејзините деца е уште живо, а тоа е нејзината ќерка Џин (87), поранешна американска амбасадорка во Ирска.