Интервју со Крсте Шајноски, универзитетски професор: „Во земја каде државата е клучен бизнисмен нема перспектива за младите“

Интервју со Крсте Шајноски, универзитетски професор: „Во земја каде државата е клучен бизнисмен нема перспектива за младите“

Подготвил: Д.Ф.

Статистичките податоци во земјава покажуваат дека најпогодени од невработеноста се младите, кои многу тешко доаѓаат до работно место. Македонија има една од највисоките стапки на невработеност во регионот, при што деталната статистика покажува дека повеќе од 48 отсто од младите на возраст од 15 до 24 години се невработени. За предизвиците околу можностите за вработување на младите, мерките со кои може да им се помогне, но и за начините на кои може да се подобри целокупната економска клима во земјава разговаравме со универзитетскиот професор Крсте Шајноски.



- Споменатата статистичка бројка од извор до извор се разликува, меѓутоа, процентен поен или два нагоре не ја менуваат состојбата. Точно е дека Македонија има една од највисоките стапки на невработеност во регионот, а тоа значи и во Европа, бидејќи регионот е меѓу најнеразвиените. Многу е лошо што половина од младите кои се подготвени за работа остануваат надвор од процесот на трудот, во време кога се најпродуктивни. Младите од споменатата возраст, во вкупниот број на вработените во 2016 година учествуваа со 6%, а во вкупниот број на невработените со 18%. Тоа е и на нивна штета и на штета на општеството, бидејќи нивниот потенцијал останува неискористен - вели Шајноски.

Факултети.мк: Кои се причините за ваквите поразителни резултати кои во континуитет ги регистрира македонската статистика?
- Причините за високата невработеност на младите се комплексни. Историски гледано, таа е и последица на долгорочната и недоволно ефикасна транзиција од планско-пазарен во пазарен систем на стопанисување. Во голем дел таа се должи и на отсуството на долгорочна стратегија на развој на земјата во пазарни услови на работење. А како последица на тоа, во изминатата декада, развојот се сведе на импровизации од страна на лидерот на владејачката партија. Популизмот ги блокира претприемачките развојни иницијативи.

Факултети.мк: Колку силната споеност на државата и бизнисот придонесоа за загушување на клучните пазарни законитости?
- Државата стана клучниот бизнисмен во земјата. Кога се виде дека тоа не даде резултати во вработувањето (освен во администарцијата и јавните претпријатија) се пристапи кон директно ангажирање на владини претставници во привлекување на странски инвестиции, со огромни бенефиции, за да се подобрат состојбите. Но, тоа дефинитивно ја уби мотивираноста на домашните бизнисмени за развој. А без нивен интерес за изградба на нови капацитети, модернизација и проширување на постојните нема можности за позначајно намалување на невработените. Да не зборуваме за толерираната практика на рекетирање на бизнисот, за негови уцени и разни видови притисоци. Во такви услови нема интерес за развој, а без тоа нема намалување на невработеноста, вклучувајќи ги и младите.

Факултети.мк: Сте предавале на неколку високообразовни институции во земјава. Колку факултетите ги подготвуваат студентите за практична работа по дипломирањето, дали произведуваат кадар кој е подготвен по завршувањето на студиите веднаш да се вклучи во работниот процес?
- Во високото образование кванитетот не значи и квалитет. Секоја година квалитетот на бруцошите кои се запишуваат на факултетите е се послаб. За тоа не се виновни самите студенти туку образовниот процес во основното и средното образование кој исто така изгуби на квалитет. Дополнително, условите за работа посебно за младите се ислкучително неповолни. Многу е лош фактот што досегашната власт не работеше на зголемување на квалитетот на образованието, а Македонија на странските инвеститори ја продаваше како земја во која има евтина работна сила. Во исто време младите во земјава имаат право да бараат работни позиции со повисоки надокнади. Но, исто така треба да знаат дека за да ја реализираат својата цел треба и квалитетно да се подготват. Сѐ помалку голата универзитетската диплома е клучот за добивање на квалитетна работна позиција.



Факултети.мк: Честопати работодавците знаат јавно да се пожалат дека младите во Македонија всушност и не сакаат да работат, дека очекуваат првото вработување да им биде на висока менаџерска позиција и за многу висока плата, што реално е невозможно. Сметате ли дека тоа е вистинската слика за младите во земјава?
- Не сум сигурен колку е вистинита перцепцијата на работодавците дека младите и не сакаат да работаат и дека очекуваат менаџерски позиции и висока плата. Веројатно има и такви. Меѓутоа, поголемиот дел сигурен сум дека сакаат и да работат, да добијат позиција според способноста, па и повисока плата. Проблем е што има и такви кои способноста ја изедначуваат со добиените дипломи и од таква позиција преговараат, а забораваат дека и врапчињата знаат дека зад многу дипломи не стои знаење како што се претпоставува. Но исто така, не е во ред ако со недовербата во знаењето на дипломираните на некои се настојува да се уценуваат сите. Најмалку што можат да направат работодавците е да обезбедат проверка на нивната оспособеност за извршување на определени задачи во процесот на работењето на компаниите. А ако задоволуваат и да се наградат. Тоа е во интерес и на младите стручњаци и на работодавците.

Факултети.мк: Дали со воведувањето на дисперзираните студии во речиси секој град во земјава се зголеми или падна квалитетот на високото образование?
- Високото образование ни е сериозно руинирано, што од објективни што од субјективни причини. Имплементирањето на болоњскиот систем се покажа како комплетно промашување, а отварањето на факултети во секое помало место само дополнително го забрза процесот на разводнување на и така разнишаниот квалитет во високото образование. Во држава каде 98% од средношколците се запишуваат на високообразовните институции не може да зборувате за квалитет. Продавањето на приказната дека е многу добро секој млад човек да стане и академски граѓанин е сосема погрешна и освен одложување на невработеноста со која власта може да се пофали, на долг рок раѓа фрустрација кај завршените студенти кои покрај стекнатата диплома се стекнуваат и со дополнителна фрустрација затоа што мора да работат сѐ друго само не тоа за што учеле. Така и не случајно сега можете да видете еден куп таксисти, келенери и хигиеничарки со факултетски дипломи и магистерски титули.



Факултети.мк: Деновиве јавноста е во исчекување да се формира новата Влада. Од ваша експертска гледна точка, со кои економски проблеми треба најпрво да се зафати новиот владин тим?
- Најпрво, силите треба да ги насочи кон согледување на реалните состојби во економијата. Да расчисти со сомневањата за вистинитоста на досега пласираните информации за растот, за јавниот долг, за неимирените обврски на државата спрема доверителите и кон корисниците на определени права. Тоа е претпоставка да се оцени финансиската кондиција на буџетот. Од тоа зависи со какво темпо ќе се реализираат изборните ветувања. Веројатно ќе биде потребно да се изврши и ребаланс на буџетот, бидејќи не треба се заборави дека земјата нема простор за задолжувања доколку средствата не се наменети за продуктивни вложувања. Само за такви не треба ограничувања.

Факултети.мк: Верувате ли дека новата власт ќе успее да создаде бизнис клима во која претприемачите, без разлика дали се постари или помлади ќе можат да го валоризираат својот потенцијал?
- Власта треба брзо да ја дефинира позицијата на државата во однос на бизнисот. Да ја определи својата позиција, а претприемачите дефинитивно да ги ослободи од стравовите од рекет, уцени и политички притисоци, така што ќе обезбеди надлежните органи стручно, чесно и ефикасно да интервенираат во корен да се сосечат такви обиди од страна на било кого. Тоа е основа за нивно ослободување да покренуваат бизниси. Во овој контекст треба што побрзо да се изнајдат средства за измирување на нивните побарувања од државата и јавните претпријатија или барем да се понудат гаранции до кога должниците ќе ги исполнат заостанатите обврски. Бизнисот мора да знае со какви средства ќе располага во наредниот период за да може да ги планира своите активности. Од нив може да почне динамизирањето на економскиот раст, а тој е лекот за избегнување на должничка криза и поставување на темелите и Македонија да биде интересна за перспктивите на младите.