Какви групи имаме на Фејсбук: Пуздер ги прават медиумите за јазичните грешки, а секој лесно може да се најде и на ѕидот на сообраќајниот срам

Какви групи имаме на Фејсбук: Пуздер ги прават медиумите за јазичните грешки, а секој лесно може да се најде и на ѕидот на сообраќајниот срам

Подготвил: М.Ф.

Тргнувајќи од македонскиот синдром дека „не си направил ништо лошо ако не те фатат“ решив да направам група која ќе биде показател за тоа колку многу грешиме во сообраќајот - вели Јане Стефанов, еден од администраторите на фејсбук групата Ѕид на сообраќајниот срам.



Македонците обожуваат да бараат совети на социјалната мрежа Фејсбук, но и да бараат и даваат помош, да се расправаат, коментираат, надмудруваат и да бележат сообраќајни прекршоци. Од барање совети за тоа каква храна да му давате на вашето бебе, до барање помош каде да се сместите со вашите деца бидејќи сте немале да ја платите киријата... На стотиците групи на Фејсбук отворени за различни намени може да се прочита ама баш сè и сешто. И додека некои коментари се зачудувачки од секој аспект, на некои граѓани помош за да преживеат им стигнала благодарение на тоа што напишале објава во неколкуте групи посветени на хуманитарна помош.

Една од најпопуларните групи на младите родители е Здрава храна, здрави деца која веќе брои над 20.500 члена. Ирина Наков и Елена Петковска не застанаа само со формирање на оваа група, тие имаат и блог, мобилна апликација Бебе готвач, а пред една недела промовираа и книга Бебе готвач во која има многу рецепти. Ги прашавме што ги натера да ја направат групата?

- Кога станавме мајки, пред сè, прво се соочивме со многу различни препораки и мислења во врска со првата исхрана на бебињата, односно за доењето. А кога дојде време да се воведе дохрана, кога бебињата ни беа на шест месечна возраст, наидовме на уште позбунувачки совети и моравме да одбереме што е најдобро за нашите деца, а тоа нималку не е лесно. Заедно со Ирина Наков и Весна Каеска ја оформивме групата Здрава храна, здрави деца! И наметнавме поинаков пристап, почнувајќи со правила и споделување на корисни информации во вид на документи кои ги одговараа најчестите прашања на родителите - вели Елена.

Тие објаснуваат дека целата им е заедно со родителите кои се членови во групата да ја подигнат свеста за користење на здрави,свежи и сезонски намирници и подготвување на домашни оброци, не само за децата туку за целото семејство.

- Секако и целта ни е да помогнеме на сите родители кои наидуваат на истите потешкотии кои ги имавме ние и да им дадеме една добра и здрава алтернатива како решение - вели Ирина.

Но, еден пост во групата ги поттикнал да размислат да напишат книга.
- Една мајка ни прати слика од испечатен Бебе Готвач кој на почетокот беше документ со 30-тина рецепти. Испечатените рецепти беа закачени на фрижидерот, а таа се решила на тој начин да и помогне на својата мајка, која била задолжена за чување на бебето, полесно да се снајде со бебешките оброци и начинот на исхрана кој мајката го наметнала. Тој пост нè поттикна дека на сите ни треба печатено издание, особено на оние кои не користат Фејсбук и не знаат да се снајдат со апликациите - вели Елена.



Ирина додава дека книгата може да се најде во книжарниците на Издавачкиот центар ТРИ, Клуб Матица,Тримакс и продажната мрежа на продавниците за здрава храна БИО-култ.

Групата Coffee&Friends има 2.350 членки и постои две и пол години. Соња Митриновска Боева ојаснува дека првичната намена била да се спои на едно место со сите нејзини драги пријатели од цел свет за комуникација и дружење, но полека самата група си добила лик на голема хуманитарна и пријателска организација.

- Групата брои жени со големи срца и најтопли души, спремни за помош или поддршка секому меѓусебно, без притоа и повеќето да се знаат лично. Тука се родиле многу важни пријателства или неопходна помош и поддршка за самохраните родители кои имаат посебно место кај нас. Сме си делеле и добро и зло и низ збор и низ дело, притоа несебично давајќи контакти совети или информации меѓусебно. Многу мајки и бебиња сме облекле и нахраниле, сместиле или вработиле, дале правен совет или сме ги средиле нивните деца матуранти за најубавите моменти да ги минат безгрижно.Овде имаме попусти за многу работи, од понуди за одмори до (самоизработени) производи, од фирми до игротеки на наши членки за наши членки со привилегии и попусти - вели Соња.

Од помош за сместување кога сите ги отфриле, до собирање средства за неплатени сметки. Спас за многу самохрани мајки е токму групата One can. Дороти Пачкова вели дека согледувајќи ја игнорантноста на општеството, во однос на еднородителските семејства, решила да создаде платформа преку која ќе се обединуваат и ќе се заложуваат во остварување на правата кои ги немаат.

- Тргнав од креирање ФБ група, како наједноставна алатка за комуникација и координација. Предизвикот беше, и сè уште е да се одржува атмосферата на припадност, конструктивност и женска солидарност. Мисијата и визијата се унапредување на правата на сингл мајките и децата од еднородителски семејства, а за реализирање на истото, потребни се стратегии, планови, лобирања и тимска работа. Практикуваме слобода, но, имаме однапред поставени правила по кои се водиме и не престануваме да ги осознаваме силните и слаби страни на нашата заедница. Растеме и се прилагодуваме на потребите на нашето заедничарење - вели Пачкова.

Ако направите некој сообраќаен прекршок и сметате дека никој нема да забележи, не бидете сигурни во тоа. Дежурните „полицајци“ од групата Ѕид на сообраќајниот срам сигурно ве виделе и заслужено ќе ве стават на тапет. Јане Стефанов, еден од администраторите на групата ни раскажаа дека директна провокација за создавање на групата му било полициско возило паркирано на велосипедска патека по која мајка решавала лавиринт како да помине со количката. Групата сега брои над 47.000 члена.

- Тоа водно беше и првата фотографија објавена на групата Ѕидот на сообраќајниот срам. Тргнувајќи од македонскиот синдром дека „не си направил ништо лошо ако не те фатат“ решив да направам група која ќе биде показател за тоа колку многу грешиме во сообраќајот. Јавно да се стават грешките за да мора да ги признаеме. Кога велам грешките не мислам за кршење на Законите кои го регулираат сообраќајот. За тоа си постојат државни институции, полиција, суд... Акцентот се става на грешките што се прават кога едни учесници во сообраќајот, од било кој вид, не се грижат за другите учесници. Кога паркираат на начин кој ги попречува или загрозува другите возачи, пешаци, велосипедисти. За да може да функционира групата десетина волонтери секојдневно ги прегледуваат постовите и коментарите дали се во согласност со правилата на групата и ја поттикнуваат дискусијата на различни теми. Се грижат да не се користат погрдни зборови, навреди, дискриминација од било каков вид и рекламирање - вели Јане.

Целта е да се поттикнуваат дискусии за различни прекршоци кои го загрозуваат животот на сите учесници. Дискусија се развива преку слика со објаснет прекршок во која луѓето го одобруваат, осудуваат и оправдуваат прекршителот.

- Со таква дискусија се учи најмногу. А најважно е дека се креира заедница на која и е „дојдено преку глава“ од сообраќајната некултура. Целта не е да го спроведува Законот туку да ги покаже негативните дејствија од неспроведувањето на Сообраќајните правила и како тоа влијае на нас, обичните луѓе. Не може да се потенцира еден пост кој предизвикал најмогу реакции, но може да се каже што најмногу им пречи на луѓето. Полицајци кои прават прекршоци, коли паркирани на место за лица со посебни потреби, блокирани велосипедски патеки, блокирани родители со колички, состојба на патишта итн - вели тој.

Јане објаснува дека не може да знае дали некој досега е санкциониран од надлежните институции поради објава во групата, но со сигурност може да каже дека со анализа на групата можат да се видат акутните проблеми во сообраќајот и омилените места за прекршоци на несовесните возачи. Го прашуваме колку групата помага да се подобри сообраќајната култура во земјава?

- Сообраќајната култура може да се подигне само преку континуирани дискусии на оваа тема, идентификување на проблемите и разгледување на различните аспекти на истите. Тоа групата го прави. Интересно е дека низ годиниве се дефинираат и други погодности, како на пример, изгубено/најдено за клучеви, сведочење за судари во кој кривецот избегал и најбрзо известување за закрчени патишта и сообраќајки. Можеби е доволно доброто однесување на членовите на групата кои често велат: „Внимавам како паркирам за да не се најдам на Ѕидот...“

Медиумите и јавните личности се главна мета на пуздерџиите од групата Пуздер правам...од македонскиот јазик. Во оваа група, покрај воочувањето на грешките при користењето на македонскиот литературен јазик, може да разрешите и многу јазични дилеми и да научите за правописот. Групата брои повеќе од 16.000 члена, а администраторите будно следат што се објавува.
- Оваа група е резултат на заедничка работа на повеќе луѓе, вклучително и на професионалци. Ниската јазична култура, како во медиумите, така и во јавните институции, но и кај поединците,беше првата причина за да побараме начин и јавно да дебатираме со цел да ги идентифицираме најчестите јазични грешки. Основната цел на групата е посочување на најчестите јазични грешки. Групата „Пуздер правам… од македонскиот јазик!” може да биде искористена и како репер за многубројните прашања што си ги поставуваат говорителите на македонскиот јазик. На тој начин, јазичарите можат да добијат поедноставна слика за описот на јазикот и за деловите каде што се потребни дополнителни напори за да се направи ефикасен материјал за изучување на македонскиот стандарден јазик. Корисниците добиваат одговор на нивните јазични дилеми од најразлични библиографски референции (речници, граматики, правопис) - велат администраторите.

Oбјавите во оваа група претставуваат укажувања на јазични грешки, прашања за конкретни јазични проблеми од правописна, правоговорна, морфолошка, синтаксичка и семантичка природа.

- Не би изделиле ниту една објава поединечно, но најчесто најголема реакција предизвикуваат оние објави што укажуваат на јазичните грешки на медиумите и на јавните личности. Причината е едноставна: обичниот говорител смета дека медиумите и јавните личности треба да бидат пример и модел за правилно користење на јазикот во едно општество. Од почетокот на нејзиното постоење па до денес, голем број членови на оваа група велат дека го добиле одговорот на нивните јазични дилеми. Бројот на членови во оваа група секојдневно расте (денес броиме повеќе од 16000 членови) и методологијата и пристапот на решавање на јазичните проблеми исклучуваат секаков вид лични караници или навреди. Од таа гледна точка, групата не само што помага за подигање на јазичната култура, туку и за подобрување на културата на меѓусебна комуникација помеѓу поединците, која лесно може да излезе од контрола, посебно на социјалните мрежи - велат тие.