Еден од најголемите проблеми на менаџментот за човечки ресурси на Балканот е непотизмот

Еден од најголемите проблеми на менаџментот за човечки ресурси на Балканот е непотизмот

Подготвил: Д.Ф.

Кои се „најжешките“ теми за менаџерите за човечки ресурси и генералните менаџери на брзорастечките бизниси во светот, каков пристап треба да имаат кон своите вработени, на кој начин секогаш да бидат во тек со најновите напредни техники и решенија во менаџирањето со човечките ресурси, се само дел од темите кои ќе се отворат на годинешната Меѓународна конференција за човечки ресурси што по деветти пат ќе се одржи во Скопје. (http://mhraconference.mk). Дводневната конференција ќе се организира на 31 мај и 1 јуни во хотелот Александар Палас. Бројни професионалци за човечки ресурси, професори, студенти, но и вработени во компании од земјава и странство ќе бидат дел од овој настан. Дел од предавачите на конференцијата се и професорите Лесли T. Самози и Крис Лиасидес од Меѓународниот факултет на Универзитетот Шефилд, кои преку заедничка презентација ќе ја отворат темата за тоа како менаџментот со човечките ресурси повторно да се врати на врвот.


д-р Лесли T. Самози и проф. Крис Лиасидес од Меѓународниот факултет на Универзитетот Шефилд 


Факултети.мк: На конференцијата ќе имате интересна презентација која што се занимава со многу актуелна тема. Кој е главниот совет што ќе им го дадете на учесниците на конференцијата?
Самози и Лиасидес:
На полето на човечките ресурси се случуваат толку многу промени и се појавуваат нови трендови кои учесниците треба задолжително да ги знаат. Вистинските професионалци за човечки ресурси треба да поседуваат повеќе основни бизнис вештини освен основните за човечки ресурси. Ова е тренд кој најверојатно ќе продолжи и во наредните години. Конференцијата им овозможува да бидат во тек со сите прашања и проблеми кои треба да се во главниот фокус на сите менаџери за човечки ресурси и директори. Размената на знаења и различни мислења секогаш е непроценлива придобивка од ваквите конференции. Во полето на човечките ресурси знаењето е клучно за да се осигураме дека се носат вистински одлуки кои примарно се насочени кон луѓето. Колку повеќе човечките ресурси се исправени пред овие прашања, толку се поголеми шансите за успех.

Факултети.мк: Што најчесто ги советувате компаниите кога ве прашуваат како да ги најдат и да ги ангажираат вистинските луѓе за работните позиции што им требаат?
С и Л:
Најдобар начин за да пронајдете талент денес е да бидете иновативни во начинот на кој менаџирате со луѓето. Секторот за човечки ресурси треба да излезе од канцеларијата барајќи го талентот. За нас, најважен дел од процесот е потрагата по таленти и охрабрувањето на најдобрите да се пријават. Потрагата по таленти не се одвива само во земјата, туку и низ целиот свет, така што мораме да направиме сѐ што можеме за да ги откриеме вистинските таленти во вистинско време за работата што треба да се заврши. По овој процес, најзначајно е интервјуто за работа. Покрај „клише“ вештините кои менаџерите за човечки ресурси ги бараат од апликантите, интервјуто делумно е одличен показател за нечија личност. Може да покаже аспекти од нечија личност, комфорност во справувањето со други луѓе, способноста да се ангажира за потребите на организацијата и се разбира, храброст и етички вредности (за да се избегнат идни неприфатливи постапки). Она што исто така е важно е да ги убедиме вистинските луѓе навистина да работат за нас, пружајќи им го највисокото ниво на комфор на „најдобрите луѓе“.

Факултети.мк: На конференцијата, двајцата ќе се претставите со интересна презентација „Преструктуирање на позициите: Искачување на човечките ресурси на врвот“. На кој начин може да се донесе овој сектор на врвот?
С и Л:
Не би сакале да го откриеме тоа во моментов, но ќе ги натераме луѓето во публиката да размислат кои се и што сакаат. Ќе откриеме некои скриени елементи за тоа како менаџментот со човечки ресурси да се искачи на врвот. Сѐ што може да кажеме е дека преку дискусија и интеракција со учесниците, ќе се отворат некои многу важни прашања како што се тешкотиите при остварување на оваа цел и како таа може да се постигне.

Факултети.мк: Двајцата сте работеле како консултанти за јавниот и приватниот сектор во различни земји. Кој сектор му го дава заслуженото место на менаџментот со човечки ресурси?
С и Л:
Ова е тешко прашање за генерализација. Она што може да го кажеме е дека оние компании кои на човечките ресурси им го даваат кредибилитетот што го заслужуваат и го поставуваат како составен дел на организацијата и нејзината стратегија, се поуспешни од оние што даваат само административна функција. Навистина е воодушевувачки да се види како човечките ресурси еволуираа во овој регион во последните 10 години, а ние бевме вклучени во многу аспекти од овој процес преку предавања, како консултанти, но и преку настани како овој. Како што поминува времето и колку повеќе компаниите сфаќаат дека им треба вистинска стратешка имплементација на човечките ресурси, толку повеќе нашите компании ќе се развиваат и ќе напредуваат.

Факултети.мк: Која е разликата во менаџирањето на човечките ресурси кај големите компании на Балканот и оние во развиените европски земји, САД и Канада?
С и Л:
Секогаш мислиме дека Балканот е чекор назад кога станува збор за примената и менаџирањето на човечките ресурси. Ова е заблуда. Пред неколку децении можеби тоа беше така. Но, работите сега се сменети, а промените продолжуваат во позитивна насока. Единствениот проблем којшто е повеќе изразен во нашиот дел од светот е непотизмот, стариот добар аспект на „пријатели и семејство“ кој интервенира кај менаџментот на човечките ресурси. Тоа е феномен кој го попречува нормалното функционирање на практиките на човечките ресурси и против кој мора да се бориме. Причината за тоа најчесто е помалата популација во балканските земји, каде што луѓето се знаат меѓу себе или знаат луѓе кои познаваат некого. Нашите професионалци за човечки ресурси, од кои многумина ќе учествуваат на конференцијата, може гордо да стојат рамо до рамо со нивните колеги од секоја земја. Прашањето сѐ уште е отворено: Мора „да се искачиме на врвот“.