Повеќе практична настава бараат студенти од Педагошки факултет

Повеќе практична настава бараат студенти од Педагошки факултет

Подготвил: В.М

Повеќе практична настава во училишта, професорите да бидат присутни на закажаните термини за консултации, се само дел од промените кои ги бараат студенти од Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“, а кои ќе донесат подобар наставен кадар.



Студентите ги анкетиравме на факултетот, каде се организираше првиот поетски студентски фестивал во чест на браќата Кирил и Методиј. Тие велат дека поребна е подобра организираност во комуникација со студентските прашања, но најпотребно им е квалитетна практична настава. Учениците од прво до четврто одделение се преоптоварени со материјал, смета студентка која одела на пракса во училиште.

- Сакам праксата која ја имаме во училиштата да трае половина година, а не еден месец, така ќе бидам подготвена за работа после завршувањето на студиите – вели една студентка.

Нејзина студентка смета дека се потребни промени и во наставните програми.

- Пренатрупани сме со часови по теорија - вели таа.

Професорот Мите Спасевски, кој предава на овој факултет објаснува дека на високото образование потребна му е долична поставеност во рамки на севкупните процеси и системи, бидејќи претставува значаен сегмент во општеството.

- Студентите сакаат да пишуваат, но им треба поддршка, артикулирање, им треба создавање на творечки амбиент, им треба простор, а ние во тој дух се обидуваме во творечкиот крвоток да ја инсталираме нашата поддршка на студентите, да ги здружиме - ни изјави Спасевски.

Професорката Елизабета Бандиловска рече дека младите кријат огромен творечки потенцијал во себе кој останал на маргините, па неопходно е професорите да ги поттикат.

Педагошки факултет организираше прв поетски студентски фестивал на кој со свои книжевни творби учествуваа студенти од десетина факултети, а во чест на големото просветителско дело на браќата Кирил и Методиј. На настанот промовиран беше и литературен алманах „На крилјата на зборот“, во кој објавена е песната под наслов „Среќа”, на студентката Елена Спировска. Таа е горда што нејзината песна е дел од изданието.

- Гордост ми е што со песна сум дел од овој алманах каде учествуваат мал број на студенти. Прва година сум на Педагошки факултет, насока библиотекарство. Има само десеттина студенти на оваа насока, а е нешто што треба да се цени, почитува- вели Спировска.

Од факултетот планираат ваков фестивал да организираат и идната година по повод 24 Мај и да промовираат нов алманах, како и да се доделуваат награди за најдобрите творби.