Продолжува неизвесноста околу судбината на екстерното тестирање

Продолжува неизвесноста околу судбината на екстерното тестирање

Подготвил: Д.Ф

Министерот за образование во заминување Пиштар Љутфиу смета дека новата Влада ќе нема доволно време за да го укине екстерното тестирање и затоа ги повика учениците да се подготват за полагање на тестовите.



Продолжува неизвесноста за учениците дали оваа учебна година ќе полагаат екстерно тестирање. Иако актуелниот мандатар и иден премиер Зоран Заев најави дека ќе побрза со фромирањето влада за да може Собранието да го укине екстерното тестирање уште годинава, министерот за образование во заминување Пиштар Љутфиу денеска ги повика учениците да се подготвуваат за полагањата кои почнуваат на 5 јуни.   

Љутфиу смета дека новата Влада нема доволно време за да го укине екстерното тестирање и затоа учениците годинава ќе ги полагаат тестовите. Тој истакна дека верува оти новата влада нема да донесе закон против граѓаните и учениците во Македонија и апелираше основците и средношколците да се подготват за тестирањето.   
- Донесувањето на законите на се случува преку ноќ, туку треба да биде во консултација со правните експерти за да се донесе добар закон. Потоа законот ќе мора да помине на комисии, ќе треба во Парламент, па верувам дека ќе треба да помине извесно време по доаѓањето на новата влада. Затоа, повторно нагласувам дека и покрај желбите на СДСМ да се донесе законот за укинување на екстерното тестирање, потребно е време – изјави Љутфиу.
Државниот испитен центар веќе објави дека екстерното тестирање ќе се полага на 5, 6, 8 и 9 јуни, а подготвени се 450.000 прашања кои се јавно објавени на веб-страницата prasanjaeksterno.dic.edu.mk. Тестовите веќе ги полагаа учениците од завршните години од основно и средно образование. Училиштата, пак, се подготвуваат за полагањата со оглед на тоа дека немаат официјална информации дека екстерното годинава дефинитивно ќе се укине. 

Од Државниот испитен центар пред неколку дена за факултети.мк изјавија дека тие се подготвени за претстојното тестирање, но ако добијат одлука од Собранието за негово укинување тоа нема да се спроведе.
- Не знам точно да ви кажам дали има правна можност екстерното тестирање да се укине оваа година и дали Собранието има време да донесе таква одлука пред да почнеме со работа. Ние ќе ја почитуваме секоја одлука на Собранието. Ако пратениците донесат одлука за укинување, тоа нема да се одржи – изјави Мируше Амети, директорка на Државниот испитен центар.
Доколку годинава сепак се спроведе екстерното тестирање, учениците ќе полагаат два предмети кои ќе ги дознаат три дена пред тестирањето. Прелиминарните резултати треба да бидат објавени на 15 јуни, по што, во наредните три дена може да се поднесуваат приговори, а конечните резултати ќе бидат објавени на 27 јуни.