Соочување со товарот на политичкиот страв

Соочување со товарот на политичкиот страв

Подготвил: Б.Б.


Црно-бела фотографија од протести
(Фото: Getty images)

Три извадоци од книгата на Кори Робин: „Страв: историја на политичката идеја“

„Единствено нешто од кое треба да се плашиме е сопствениот страв“ – Френклин  Делано Рузвелт.

Чувајте се од автоцензура

Политичкиот страв е повеќе од идивидуално искуство и не влијае само врз личниот живот. Всушност, политичкиот страв ја потврдува политичката распределба на моќта и ресурсите, влијае врз јавната дебата и врши притисок врз јавните политики.

Политичкиот страв се јавува, главно, во два облици. Прво, влијае врз односите меѓу повисоките и пониските слоеви од општеството: тоа што едните се плашат од другите помага да се одржи нееднаквоста која е генерирана од  стравот. Второ, политичкиот страв може да го предизвикаат и внатрешни или надворешни сили во општеството, како  надворешните закани, но и криминалот, дрогата  или друг вид  општествени аномалии, кои во практиката меѓусебно се надополнуваат.

Создавањето и одржувањето на политичкиот страв бара мерки на непосреднен притисок и присилба. Како типичен пример може да се наведе состојбата во Уругвај во текот на 70-тите и 80-тите години од минатиот век, кога војската смислено притворала само едно лице на педесетмина  бунтовници, а во затвор праќала едно лице на секои петстоттини.  На „нишан“  на војската биле овие жрвти, но и лица како еден психоаналитичар од  Монтевидео, која заедно со сопругата  со години молчеле, а воопшто не биле санкционирани:

„Нашите животи беа сè попритеснети. Процесот на автоцензурата беше вонредно подмолен:  не само што престанувате да зборувате со другите на извесни теми – туку престанувате и самите да мислите за тоа. Вашиот внатрешен дијалог е згаснат.“

Таквото создавање на стравот кое се протега низ времето и просторот, бара активно учество , па дури и соработка меѓу целокупното општество: на елитите и колаборантите, на набљудувачите и жртвите. Политичкиот страв мора да ги мобилизира како генералите така и пешадијата, но и „резервната“ армија на готвачи и слугинки кои ќе го помагаат и одржуваат. Политичкиот страв се потпира и врз набљудувачите, чија пасивност го расчистува патот на елитите и колаборантите како и на таргентираната група на жртви, кои меѓусебно го „размножуваат“ стравот и го зголемуваат неговиот опфат. Тие ја  минимизираат неопходната количина на присилба, а  ги максимизираат нејзините ефекти.

Што ги мотивира колаборантите


Според  вообичаеното сфаќање, колаборант е она лице кое му помага на непријателот, односно на групите на кои не им припаѓа, во заканите  кон  групите на кои им припаѓа. Но, оваа дефиниција се чини како премногу рестриктивна. Таа претпоставува дека групата е комплетно хомогена целина која ги минимизира внатрешните разлики кои опстојуваат во нејзините рамки. Значи, колаборантите не можат едноставно да се категоризираат. Некои од нив имаат разлики со групата од која произлегуваат, други, како француските фашисти од Виши, ги поврзува длабока идеолошка сродност со непријателот на кого му помагаат. Шпионите или поткажувачите, најверојатно се најзастапената група колаборационисти,  кои се познати по своите „камелеонски“ особини, па одредувањето на нивната припадност се чини како невозможна мисија.

Кнут Воленбергер, источногерманскиот дисидент кој тајно го известувал Штази за субверзивните активности на својата сопруга, тврди дека неговата колаборација била во склад со неговата припадност кон опозиционерските кругови.  „Еден од начините како да се спротивставиме на власта е отвореното несогласување, а вториот оди преку владините канали. Јас истовремено бев и внатре и надвор од нив“, вели тој.

Колаборантите извршуваат две функции: прво, ги вршат работите кои елитите не можат или  не сакаат да ги прават, затоа што ги сметаат за недостојни. И второ, тие го прошируваат дофатот на елитите во општествените ќошиња кои тие не можат да ги контролираат заради ограничениот опфат.

Колаборантите се разликуваат и по своите функции: некои се движат во орбитите на елитната моќ; други се регрутираат по пониските слоеви и географски периферии, но  заедничка црта на сите им е амбицијата. Затоа, најчест вид колаборанти се кариеристите и ним основен мотив им е шансата за лична промоција и напредок.

Интересно е дека амбициозните колаборанти себеси се сметаат за вешти реалполитичари, кои чекорат по трновитата патека на моќта затоа што мислат дека така е најпаметно, затоа што сопствениот кариеризам го категоризираат како верзија на етичност, која ги анестетизира нивните морални барања и потреби, во согласност со својот изместен светоглед.

Не постојат добри причини за  да не се спротивставиме


Без оглед на сè, елитите со право се грижат за својата одржливост. За да го обезбедат своето владеење, тие не можат да се потпираат само на колаборантите, туку мораат да посегнат и подалеку во остатокот од популацијата, убедувајќи ги жртвите да се однесуваат како набљудувачи,  а набљудувачите како жртви.

Иако по дефиниција елитите се малцинство од населението, тие им приоѓаат на оваа перфидна задача со три предности. Прво, бидејќи поседуваат статус и моќ, можат лесно да мобилизираат и елити и колаборанти. Второ, бидејќи на жртвите им недостасува моќ, тие мораат да генерираат единствена поддршка во сопствените редови и да се борат за дополнителна надворешна поддршка. И трето, како што тврдеше и Хобс, „моќта е слична како славата, расте со секој нов чекор“, па и жртвите и набљудувачите веруваат дека елитите имаат поголема моќ од реалната што ја поседуваат.

Солжњецин истакнал: „...Устите не ви беа врзани. Навистина можете и треба да крикнете – да крикнете дека ве апсат!... Ако ширум градот се чуеја мноштво такви крици во текот на еден ден, можеби нашите сограѓани ќе почнеа да се бунтуваат. И можеби и апсењата немаше да бидат така едноставни.  Заради овој неуспех да се пружи отпор, ние едноставно го заслуживме сè она што подоцна се случи“.

Заради ова, наспроти логиката на елитите и колаборантите, отпорашите имаат сопствена логика, која е комбинација од рационални и морални аргументи. Тие на жртвите им велат: капитулацијата не само што не е чесна, туку и не е паметна. Молчењето нема да ви „купи“ заштита, туку ќе ве направи поранливи. Ако не пружите отпор, можеби ќе преживеете, дури и можеби ќе напредувате во кариерата, но тој живот и кариера нема да бидат исти како оние пред капитулацијата.