Отворено со Зорица Црношија: Единаесет години се борам со несоници

Отворено со Зорица Црношија: Единаесет години се борам со несоници

Подготвил: Н.Ф.

Кога сите легнуваат да спијат, тие остануваат будни. Или, пак, заспиваат, а потоа се будат во текот на ноќта. Нивниот организам се навикнал да функционира и со три часа спиење во текот на ноќта. Но тоа не значи дека не се исцрпува. Несоницата иако е навидум наивен проблем може да создаде сериозни проблеми во функционирањето или да е сигнал за други здравствени проблеми. Taa e се почест проблем меѓу луѓето. Сложените социо-економски услови во кои живееме, незнаењето да се соочиме со себе си, немукает навреме да се побара помош, но и став и срам да се појде на психолог си го прават своето.

Психолозите и психијатрите потенцираат дека не смее да се потцени несоницата која трае долго време, ниту пак да се решава со терапија „на своја рака“. Таблетите за спиење се последен чекор, а не прв.



Зорица Црношија - ПР менаџер во маркетинг агенцијата „Публицис“ веќе 11 години се соочува со несоницата. Ни раскажа и како изгледа долготрајната инсомнија и како се бори со неа.

Будење: Три часот наутро

- Имам несоници од првото тримесечје на бременоста со првото дете. Во тој период ги препишував на неможност да најдам пријатна положба за спиење, непријатност, промени од бременоста и се нешто што ќе ми паднеше на памет како добро оправдување зошто не спијам квалитетно. Во периодите кога децата ми беа мали и се будеа и по 6-7 пати во текот на ноќта, спиев во просек по 3 часа, но не во континуитет. Сега, кога ја надминаа таа практика на будење во текот на ноќта, спијам просечно помеѓу 4 до 6 часа, со тешко задржување на сонот и прерано будење, околу 3 или 4 часот наутро - раскажува Зорица.

Вели дека ја будат банални околности како мал зрак на светлина, звукот на лифтот, палење на моторно возило, затворање на врата во станот на соседите и слично.

- Често ме фаќа паника на самата помисла дека доаѓа ноќта, во која сите ќе одморат од напорниот ден, само јас ќе бдеам до изнемоштеност. Србите велат: „Неко ружно сања, неком су кошмари свитања“. Очигледно, јас сум од оние првите – се шегува Црношија. За себе вели дека е прилично интроспективна и перцептивна и затоа верува дека несониците се појавиле како производ на преголема потреба од контрола врз обврските и активностите што ги има испланирано во текот на денот.

- Тоа обземачко чувство на одговорност ми предизвикува стрес за кој не успевам да најдам механизам да го надминам. Сепак, најголем страв ми е сознанието дека хроничните несоници водат до депресии, висок крвен притисок, прекумерна тежина и дијабетес и затоа она што можам да го направам за себе е да бидам физички активна и да ги сведам ризиците на минимум – вели Зорица.

Замор, изцрпеност, раздразливост...

Таа не посетила стручно лице во соодветна установа, не сметајќи ги неформалните разговори со медицински лица.

- Според критериумите што ми се познати, убедена сум дека во мојот случај се работи за хронична несоница, која се манифестира со тешко задржување на сонот, потешкотии за повторно заспивање по будењето, прерано будење и спиење со кое организмот не се одмора доволно. И сето ова трае со години при сосема соодветни или да кажам нормални услови за спиење - вели Зорица. Кога не спијат доволно ноќе, луѓето со инсомнија се соочуваат со повеќе предивици во текот на денот.

- Секако дека мојата состојба има негативно влијание врз дневните активности. Понекогаш чувствувам ужасен замор што влијае на расположението и на енергетскиот биланс. Некогаш сум непродуктивна, раздразлива и нетрпелива. Но, бидејќи ова трае со години, веројатно веќе сум навикната да функционирам со ова ниво на енергија од една страна и волуменот на обврски од друга – раскажува.

Зорица планира да побара помош за својот проблем. Народната медицина нуди блага поддршка, вели, но билните препарати на база на валеријана, хмељ, маточина или на пасифлора, не се секогаш доволни за да одржат во сон подолго време и не помагаат во нормализирање на ритамот на спиење.

- Синтетички медикаменти или хипнотици користам исклучиво во случаи на тешки несоници што траат повеќе од 10 дена во кои спијам само по 2 или 3 часа. Пиењето на антидепресиви никогаш не сум го сметала за оправдано, бидејќи верувам дека е само заобиколување на проблемот. Освен што сум физички активна со што сиобезбедувам доволно физички замор за да можам убаво да спијам, верувам дека е крајно време да се консултирам со соодветно, стручно лице – додава Црношија.

Побарајте помош!

Психологот и психотерапевт Лидија Зорба потенцира дека инсомнијата е чест проблем кај многу луѓе. Може да се манифестира како неможност да се заспие во време во кое е вообичаено да се спие, да се спие со чести ноќни будења и неможност да се заспие повторно, да се биде во состојба на будност и покрај тоа што постои потреба за спиење.

Ако се јавува повремено и не трае долго, вообичаено се работи за премор, стрес, друг вид на психички замор, недоволна физичка активност и минува сама или се решава со природни средства за спиење (чаеви, купки, масажа и сл). Но ако трае подолго во континуитет и предизвикува пореметување на дневната рутина на човекот, може да дојде до појава на болести предизвикани од неспиење, како резултат на пад на имунитетот или до повреди на работа, како резултат на премор и недостиг на концетрација – вели Зорба.

Ваквите несоници потребно е да се решаваат со психотерапија или медикаментозно, додека не се воспостави повторно нормално спиење.

- Како причинители може да се јават психолошки фактори како премногу грижи, преоптовареност со работа, премор, промена на местото на спиење, пореметување на спиењето поради временски разлики при патувања и др. Несоница може да се јави и кај пациенти како реакција на основната болест или лековите – објаснува психологот. Најдобра превентива од несоница е да се легнува секоја вечер во приближно исто време, да не се пие алкохол пред спиење, да не се спие дење и да не се употребуваат пречесто и на своја рака лекови за спиење.

Психијатрите објаснуваат дека секој од нас има потенцијал да развие проблем со спиењето. Предиспозицијата или прагот за развивање несоница кај некои луѓе е висок и тие речиси никогаш немаат проблем со спиењето, но кај други е низок. Предиспозицијата зависи од нивото и функцијата на невротрансмитери во мозокот и тоа може да е наследна особина.

- Ако самите не можете да си помогнете во решавање на несоницата, тогаш е неопходно да побарате помош од лекар. Денес, несоницата може да се реши успешно. Земањето таблетки за спиење е последниот чекор – велат психијатрите