Млада девојка од Хрватска напиша продолжение на „Злосторство и казна“

Млада девојка од Хрватска напиша продолжение на „Злосторство и казна“

Подготвил: Б.Б.


Раскољников во филмот „Злосторство и казна“
(Фото: kinopoisk.ru)

Дваесетгодишната Хелена Миниќ од Забок, Хрватска, е вљубена во рускот јазик и класичната руска книжевност. Таа од  делата на руските писатели  ја црпи неопходната сила за својата лична борба против церебралната парализа, од која страда уште од детството. И самата почнала да пишува книги, а само за единаесет месеци го напишала продолжението на романот „Злосторство и казна“.

Хелена ги прочитала речиси сите руски класици, а романот на Фјодор Достоевски за Родион Раскољников е нејзината омилена книга.

„После овој роман многу размислував за правото на злосторство. Дојдов до идеја да напишам продолжение и самата си реков: ’ајде да се обидам‘. Не размислував дали продолжението ќе доживее успех или не“, му раскажува Хелена на дописникот на рускиот тв-канал, „Русија 24“.

Вториот том на „Злосторство и казна“ го пишувала 11 месеци. Во својата книга таа зборува за животот на Раскољников на робија. Таму тој стекнува пријател кој исто како и Родион решил да направи злодело. Раскољников со него ги споделува своите душевни страдања и со негова помош почнува нов живот. По издржувањето на казната, тој ѝ се враќа на Соња Мармеладова , тука повторно го чека искушение: нивното дете умира и таа смрт е казна за неговите гревови.

Романот на Хелена го доби вниманието од многу хрватски книжевници. Членовите на заграпското здружение на писатели предложиле романот да се објави. Додека се подготвува изданието на Хелена во Хрватска, таа сонува за објавување на романот и во Русија.

„Сум чула дека луѓето во Русија многу сакаат да читаат. Се надевам дека мојата книга ќе им се допадне“, вели младата девојка.

Трудот на Хелена  позитивно е оценет од страна на московскиот Фонд на Достоевски.

Текстот на романот на Достоевски најверојатно толку многу ја потресе оваа девојка,  што почувствувала потреба да го продолжи животот на јунаците, дотолку повеќе што и Достоевски на крајот од делото навестува духовна преродба на Родион Раскољников. „За волја на вистината, тој вели дека тоа веќе е друга приказна“,  истакнува претседателот на Фондот,  писателот и историчар, Игор Волгин.

Следната книга Хелена планира да ја напише на руски јазик. Таа зборува неколку странски јазици, но според зборовите на мајка ѝ, најмногу го сака рускиот.
Честопати таа слуша стихови на руски и вели дека тоа ја смирува. „Рускиот јазик е многу убав, тој ѝ помага на мојата ќерка да се чувствува подобро“, вели мајката на Хелена.