ЕУ и Кина во фронт против Трамп за да ја одбранат Париската спогодба

ЕУ и Кина во фронт против Трамп за да ја одбранат Париската спогодба

Подготвил: Б.Б.

Денес во Брисел започнува самитот каде ЕУ и Кина се подготвени да ја бранат спогодбата од Париз за борба против климатските промени.

angela
Фото: Pixsell

На дводневниот самит се очекува  американскиот претседател  Доналд Трамп да го објави повлекувањето на САД од Спогодбата.

Вашингтон и Пекинг беа столбовите на потпишувањето на оваа спогодба во декември 2015 година, кога 196 држави под покровителство на Обединетите Нации се обврзаа на ограничување на глобалното затоплување и намалување на продукцијата на стакленички гасови.

После долготрајната напнатост поврзана со конечниот став на американскиот претседател, Трамп преку „Твитер“ објави дека денес во 20 часот ќе ја обзнани одлуката за учеството на САД во Париската спогодба. Тој не прецизираше каква ќе биде неговата одлука, но според наводите на повеќе американски медиуми, најверојатно се работи за американско повлекување од Спогодбата.

Утре во Брисел, Кина заедно со ЕУ се подготвени да потпишат заедничка декларација за да го „потврдат  нивниот ангажман во историската спогодба од  Париз со цел да ја забрзаат соработката заради поголема ефикасност при нејзиното спроведување“,  ќе стои во нацрт-декларацијата.
ЕУ и Кина „се одлучни да ги унапредуваат политиките и мерките кои се нужни за конкретна примена на преземените обврски во рамките на Париската спогодба“, се истакнува во документот што е веќе ставен на увид.

Повлекувањето на САД, една од земјите – најголеми загадувачи, би претставувало тежок удар во борбата против климатските промени, само година и пол по еуфоријата која беше предизвикана со Париската спогодба.

Претседателот на Европската комисија, Жан-Клод  Јункер, синоќа во Берлин предупреди дека Париската спогодба е „меѓународен договор кој содржи законски обврски и дека ќе бидат потребни неколку години доколку САД сакаат да се ослободат од истите“.

Потпретседателот на ЕК задолжен за енергетика, Марош Шефчович, истакна дека е сосема свесен за таквите „гласини“: „Го чувствуваме тоа. Очекувањата на нашите партнери  во светот се големи, во Африка, Азија, Кина, дека Европа мора да го обезбеди водството во тие напори“.

Европа е подготвена да ја преземе челната позиција во движењето. Ние со сигурност ќе го направиме тоа“, продолжува тој, оценувајќи дека „ако САД се повлечат, тоа нема да биде крај за човештвото“.