Оливер Стоун лице в лице со Путин: „Ќе го видите Путин од сосема различен агол“

Оливер Стоун лице в лице со Путин: „Ќе го видите Путин од сосема различен агол“

Подготвил: Тамара Гроздановски

Минатата година, трикратниот оскаровец Оливер Стоун го реализираше неверојатниот „Snowden“ - поглед во животот на поранешниот консултант на „NSA“ Едвард Сноуден.

putiin

Поради филмот, Стоун неколку пати патуваше во Русија, каде Сноуден живее во егзил од 2013 година. Овие патувања родија една нова соработка која овозможи серија на интервјуа со рускиот лидер Владимир Путин. Форматот е нешто што Стоун и претходно го користел и предизвикал голем ефект во неговите документарци за контроверзните политичари како Фидел Кастро и Хуго Чавез.

Не знам дали некој друг ваш колега би направил нешто вакво - да патува во Русија за да спроведе интервјуа со Путин. Колку од ова дојде од времето кое го поминавте таму со Едвард Сноуден?

Во текот на едно од овие патувања го запознав г-дин П. Ме запознаа, а еден од најраните разговори кои ги имавме беше токму за Едвард Сноуден - бидејќи очигледно, јас сум фасциниран со она што се случи, од неговата гледна точка. И секако, тој беше многу искрен и чесен - начинот на кој зборува. Како што зборувавме, тој ми ја раскажа приказната за Сноуден од негова гледна точка, која е прикажана во филмот.

Во западните медиуми Путин е прикажан како негативец од филмовите на Бонд. Зошто сето ова беше важно за вас?


Мислам дека во филмот, бевме фер со тоа што ги поставивме неговите коментари во наратив кој може да ја објасни неговата гледна точка, со надеж дека ќе го спречи континуираното недоразбирање меѓу двете земји. Се плашам дека довербата, односно недостатокот на довербата се на работ на војна. Поради тоа сум загрижен и затоа се вратив. Реализирав четири различни посети после Сноуден за да го добијам ова на филм. За секоја ситуација за која тој зборува во филмот, ќе видите дека има различна гледна точка од она што нас ни е кажано.

Дали ова е документарец од типот на документарците за Кастро и Чавез?


Не е документарец, затоа што во другите документарци целата ситуација е прикажана од две различни точки на гледање. Во ова дело е прикажано од негова гледна точка која ни овозможува да го слушнеме на прилично интересен начин. На пример, никогаш не го гледате на американска телевизија. Тој направи кратко интервју со Чарли Роуз. Интервјуто не беше лошо, меѓутоа тие најдоа американски преведувач кој имаше глас како бејзбол најавувач па така, сè што Путин ќе кажеше на руски, преведувачот го кажуваше на груб начин, што е голема разлика од начинот на кој Путин зборува. Тој не го повишува гласот. Постои голема разлика во интерпретацијата на она што го добивате.

Едно нешто кое морате да го запомните е дека тој е популарен во многу земји, не само Русија. Тој е популарен во Германија, Франција, помеѓу многу луѓе - и тој е човек на кого му се восхитуваат многу - во Африка, Турција, Сирија и Блискиот Исток. Значи, зборуваме за светска фигура, кон која ние постојано се однесуваме како кон измамник и убиец.

Дали се обидувате да го демистифицирате Путин како што се обидовте истото да го направите со Кастро и Чавез, преку едноставен дијалог?

Апсолутно. И важно е да се направи тоа. Само создаваме страв и ситуација во американскиот ум која е многу опасна. Одеднаш, ние се менуваме и мислиме: „Да заборавиме на војната против тероризмот. Тој е лошиот“.

Шон Пен помина прилично долг пат за да го интервјуира Ел Чапо, обидувајќи се да го хуманизира лошиот лидер на картелот. Сепак, Шон заврши со илјадници критики. Како доаѓате до овие фигури, знаејќи дека ако им дозволите да испаднат премногу пријатни и симпатични, вие ќе бидете оцрнет поради тоа?

Не размислувам на тој начин. Ако излезат така, тогаш тоа е манипулација. Мојата намера е да дојдам до дното. Најпрво, се подготвувам најдобро што можам, се обидувам да истражувам колку што можам повеќе. Знам за што размислувам. Ќе сфатат ако не знаеш за што зборуваш. Тоа е проблемот со некои телевизиски интервјуа. Водителот е премногу зафатен, па нема време да се подготви. Јас најдов прилично добри информации, и мислам дека тој го почитуваше фактот што јас го познавав мојот субјект со кого разговарав со вистинско чувство на љубопитност.

Дали Путин беше запознат со вашата работа како режисер? Дали тој има омилен филм од Оливер Стоун?


Знаеше за филмот кој го работам за Сноуден, и знаеше дека бев прилично заинтересиран за него. Видел дел од мојата работа но не го прашав што му се допаѓа, а што не. Во Русија претежно сакаат воени филмови, бидејќи имале многу искуства поврзани со војната. Но сигурен сум дека ги гледал „Platoon“ и „Born on the Fourth of July“. Мислам дека „Untold History of the United States“ беше многу популарен во Русија. Особено затоа што имаше силен поглед кон Втората светска војна и Студената војна. Мислам дека филмот беше одлична демистификација за сета таа ситуација и мислам дека Путин беше свесен за тоа.

Доналд Трамп неодамна рече дека ќе се запознае со Ким Јонг-ун во вистинските околности. Дали интервју со севернокорејскиот лидер е нешто што ве привлекува вас?

Искрено, не го правам ова за заработка. Ретко го права ова. Последен пат беше во 2009 година, со Чавез. Не е дело за заработка, туку љубопитност. Исто така, мислам дека со корејскиот лидер постои одредена опасност. Дали тој воопшто комуницира? Не го ни познавам, па така можам да речам дека Путин воопшто не ме загрижуваше. Тој е стоик и познат како разумен и рационален човек, според начинот на кој зборува. Некогаш се прашуваш: „Постојат ли емоции кај ова нешто?“ Имате целосна спротивност од проблемот на Кастро. Повеќе се соочувам со однесувањето. Кога зборувате со маж или жена во одреден временски период, можете да добиете одреден вид на однесување. А имаме многу интересен јазик на телото. Одиме, зборуваме, шетаме во шумата, во канцелариите, возиме заедно. Постојат секаков вид на сцени.

Кога претседателот Обама го помилува Челзи Менинг, кој му ги даде документите на Џулијан Асанж, дали мислите дека и со Сноуден би можело да се постапи на ист начин? Дали имате некаква идеја што ќе се случи со него?

Не, мислам дека Сноуден направи многу интервјуа. Беше многу паметен. Мислам дека го направи неговиот случај транспарентен, барем за мене. Сè што кажа за новинарите и што сака да направи го кажа и во филмот. Мислам дека тој е многу јасен, а голем дел од луѓето не обрнуваа внимание на тоа што тој кажува.

Претходно го споменавте Шон Пен и Ел Чапо. Колку што помнам, ова не беше интервју, нели?

Се чинеше како апокалиптично патување во џунглата - нешто што Пен го нарече „искуствено новинарство“.


Аха, сфаќам. Тоа не е она што јас го правам. Јас сум снимен, јас сум со екипа. Уште од почетокот е официјално интервју.

Што ве мотивира сега?

Можам да кажам дека имам свој живот на страна. Имам доста силно мислење за војната и патот кон војната. Мислам дека постои внатрешна војна во Америка. Постои сосема мал дел на партија за мир и многу голема воена партија и сум прилично загрижен за тоа. Не сакам нашите животи да завршат на било кој начин од оваа постојана воинственост која му ја сервираме на светот, без разлика дали е Кореја, Кина или РУсија. Постојано даваме изјави дека ние сме главни, а ние сме силеџијата.

Мора да сфатиме дека другите земји си го сакаат суверенитетот. Не можеме да бидеме вакви. Не сме повеќе униполарна моќ и не можеме да се однесуваме така. Бевме шефови, накратко, во 90-те, и го уништивме тоа со нападот на Ирак - двапати! Мислиме дека управуваме со светот. Како млад човек бев многу конзервативен; пораснав така. Но, Виетнам и другите војни ме научија дека не можеме да го водиме светот на овој начин.

Која би била алтернативата?


Алтернативата е мултиполарен свет, земајќи ги во предвид интересите на другите земји и суверенитетот на другите земји. Тоа ги вклучува Иран, Кина и Сирија. Ова се легитимни земји, со сопствен суверенитет. И Ирак. Го поткопавме суверенитетот на Ирак. Сега е урнатини. И Либија, да не ја заборавиме Либија. Ние сме одговорни за тоа. Донесовме хаос во овој свет, особено на Блискиот Исток, и тој хаос нè зафати и нас. Ние сме виновни за сите бегалци.

Дали постои проект кој сакате да го реализирате пред да си одите од овој свет?


Да. Нешто што го пишувам веќе подолг период, нешто за кое многу се грижам и се надевам дека ќе го реализирам еден ден. Не можам да ви кажам што е, но станува збор за драма. Лична.