Парижанка  ја тужи Франција поради загадувањето на воздухот во Париз

Парижанка ја тужи Франција поради загадувањето на воздухот во Париз

Подготвил: Б.Б.


Триумфална порта во Париз
(Фото: Shutterstock)

Една парижанка ја тужи на суд француската држава затоа што не успеала да го заштити нејзиното здравје од последиците од загадениот воздух.

Клотилда Ноне, 56-годишна учителка по јога, тврди дека како жителка на Париз во последните триесет години, забележала дека здравјето ѝ се влошува.

Состојбата дополнително ѝ се комплицирала  откако нивото на загаденост на воздухот минатиот декември достигнал рекордни висини.

Нејзиниот адвокат тврди дека загадениот воздух во Франција предизвикува 48.000 смртни случаи секоја година.

„Ние ја изведуваме државата пред суд затоа што сметаме дека медицинските проблеми од кои страдаат жртвите на загадувањето се резултат од недоволната активност на власта за изнаоѓање решенија за намалување на загаденоста“, изјави адвокатот Франсоа Лафорже за парискиот „Ле монд“.

„Наредната недела се очекува вакви тужби да бидат поднесени  во Лион и во други француски градови“, додава тој.

Париз со години се бори со високите нивоа на смог, а властите воведоа казни за секое возило кое нема стикер „за емисија на отровни гасови“, во рамките на планот за промоција на возила кои се помали загадувачи, пренесува Би-би-си.