Почнувајќи од 2020 година, еве што ќе ви треба при влез во земјите од ЕУ

Почнувајќи од 2020 година, еве што ќе ви треба при влез во земјите од ЕУ

Подготвил: Б.Б.


Италијанско-швајцарска граница
(Фото: Wikimedia Commons)

Министрите за внатрешни работи на земјите-членки на Европската унија, во петокот во Луксембург го усогласиле системот на претходна контрола на патниците од трети земји на кои не им треба виза за влез во европскиот простор.

Европскиот систем за информации во врска со патувањата и нивното одобрување (ETIAS) е замислен како мерка која би требало да ги подобри безбедносните проверки на патниците кои во ЕУ можат да влегуваат без виза.

Станува збор за усогласен став на Советот на ЕУ што служи како темел за преговори со европскиот парламент, кој заедно со Советот го донесуваат конечниот текст.

„ETIAS ќе ја подобри нашата безбедност и ќе ги заштити нашите граѓани. ETIAS бара сите оние на кои не им е потребна виза да бидат проверени пред да тргнат на пат во шенгенскиот простор. На секој што претставува ризик може влезот да му биде одбиен“, соопшти малтешкото претседателство со Советот на ЕУ.

Во ноември 2016 година, комисијата го предложи воспоставувањето на ETIAS, систем сличен на оној што го имаат САД, а според кој сите кои влегуваат во земјата, а не им требаат визи, мораат најмалку 72 часа пред влез во државата да се регистрираат преку интернет и да платат надомест.

Таа регистрација се прави само еднаш и вреди за поголем број патувања, а со тоа ги забрзува прегледите на граничните премини.

Сите кои влегуваат во ЕУ, а за тоа не им требаат визи, ќе треба преку интернет да побараат претходно одобрување.

Возрасните лица ќе мораат да платат пет евра. Постапката за пополнување на барањата и одобренијата за патување би требало да траат само десетина минути, а одобрението би важело три години.

Во моментов, граѓаните на шеесет земји ширум светот можат да патуваат во ЕУ без визи. Планот е ETIAS да стане оперативен од 2020 година.

Системот се воведува со цел да се соберат информации за лицата кои патуваат во ЕУ без виза, што овозможува спроведување на претходни проверки заради сузбивање на незаконски миграции и гаранции за безбедност.