Градот оштети многу возила, отштета ќе има само за тие што се каско осигурани

Градот оштети многу возила, отштета ќе има само за тие што се каско осигурани

Подготвил: Д.Ф.

На сопствениците на автомобили кои платиле само за редовна регистрација, не им следува надомест на штетата, објаснуваат осигурителните агенти.



Сопствениците на возила кои беа оштетени од врнежите од град во вчерашното големо невреме што ја зафати речиси половина Македонија ќе може да добијат парична отштета за нив само ако автомобилите им се каско осигурани. На останатите, кои платиле само за редовна регистрација на автомобилот, не им следува обештетување, објаснуваат осигурителните агенти.

Градот со големина на орев кој вчера краткотрајно паѓаше низ земјава, освен што ги оштети земјоделските насади, оштети и голем број возила. Многу граѓани, особено жители на Скопје, на социјалните мрежи постираа фотографии од оштетувањата на возилата што им ги направил градот. Вдлабнати покриви и хауби на автомобилите, искршени ветробрански стакла, пукнатини на бојата, беа дел од оштетувањата кои може да се забележат на фотографиите. Осигурителните агенти објаснуваат дека поправката на овие штети ќе ја платат осигурителните компании, но само ако сопственикот на возилото го осигурал каско.

- Редовното осигурување од автоодговорност што се прави со регистрацијата не ги покрива штетите предизвикани од град. Сите што имаат целосно каско осигурување, ќе добијат надомест на штетата во цел износ. Тие што имаат каско осигурување со франшиза, од вкупниот износ на штета ќе им се одбие франшизата, а другиот дел ќе им биде исплатен како отштета – објаснуваат осигурителните агенти.

Тоа практично значи дека ако градот на некој автомобил предизвикал штета од 500 евра, сопственикот на автомобилот нема да добие ништо ако возилото е само регистрирано. Доколку има целосно каско осигурување, ќе добие надомест од 500 евра. Ако пак има каско осигурување со франшиза од 200 евра, тогаш за штетата ќе добие надомест од 300 евра.