Матурантите бегаат од математиката, а сакаат да учат технички науки

Матурантите бегаат од математиката, а сакаат да учат технички науки

Подготвил: М.Ф

Математиката никако не смее да се сведе само на сувопарно изучување на нов материјал, без да се повтори, утврди, примени и прошири според интересот на учениците. Математиката не смее да биде тешка, застрашувачка и резервирана за поединци, затоа што таа е интересна, корисна и за сите – вели професорката Ирена Стојковска од ПМФ.


Само 2.070 кандидати годинава полагаа математика на државната матура, наспроти 15.532 матуранти кои избраа да се тестираат по странски јазик. Матурантите секоја година сè помалку ја сакаат математиката, а сè повеќе сакаат да се запишат на технички факултет. Ова може да се заклучи од податоците кои ги објавува Државниот испитен центар, како и податоците за уписи од македонските универзитети. Бројот на матуранти математичари се намалува, а интересот за студирање на технички науки се зголемува. Но, оваа фактичка состојба нема никаква логика. Зошто некој избира да полага англиски јазик, а планира да се запише на ФИНКИ или ФЕИТ? Ако смета дека се „спасил“ од математика, се излажал. Инаку, според конкурсите за упис на државните факултети, секој кандидат може да се запише на повеќето од факултетите, единствено губи поени ако избрал несоодветен предмет на полагањето на државната матура. Професорката Ирена Стојковска од Институтот за математика на Природно-математичкиот факултет, од Скопје смета дека изборот на предмет за полагање на државната матура главно се должи на неговата популарност за време на средното, но и основното образование.

 
Професор Ирена Стојковска

-Кај нас, математиката с è уште важи за тежок предмет кој е „резервиран“ за оние кои „ги бива за математика“. Имено, за да се полага средношколскиот материјал по математика, треба добро да се познава математиката од основно, а еден мал пропуст направен некаде во 12-13 годишното континуирано образование по математика може да доведе прво до помали, а подоцна и до поголеми потешкотии при совладувањето на некои идни наставни целини кои бараат предзнаења од областа во која е направен пропустот. Од друга страна, секоја потешкотија во учењето со која учениците се среќаваат и не лесно ја надминуваат, ја разнишува нивната самодоверба и многу често решение наоѓаат во избегнување на изворот на потешкотијата, во овој случај математиката – вели таа.

 Индивидуален пристап и повеќе часови

Математиката очигледно им е слаба страна на македонските ученици, бидејќи бегаат од неа на екстерните тестови по државната матура. Од неа, или ги боли глава или пак немаме стратегија како младите да ја засакаат една од науките на кои се темели развојот на индустријата во една земја. Професорката Стојковска смета дека на учениците треба да им се понудат начини за полесно совладување на математичките вештини, и полесно надминување на веќе направените пропусти. Таа додава дека секој ученик учи и научува на различен начин и со различно темпо, затоа индивидуалниот пристап при изучувањето на една сложена материја како математиката е од суштинска важност.

- Но, за да може да се примени овој индивидуален пристап, потребни се промени во образовниот процес. Со сегашниот неделен фонд на часови за математика и малиот број на чесови за увежбување на изучениот материјал предвидени според програмата, речиси невозможно е наставникот да ги открие пропустите кај секој ученик и соодветно да делува, насочувајќи го што да повтори за да продолжи понатаму. Математиката никако не смее да се сведе само на сувопарно изучување на нов материјал, без да се повтори, утврди, примени и прошири според интересот на учениците. Математиката не смее да биде тешка, застрашувачка и резервирана за поединци, затоа што таа е интересна, корисна и за сите. Замислете си, ко за почеток, наставна програма која дозволува еден час неделно наставникот да може да ја отстапи катедрата и таблата на учениците кои сами би одбрале некоја тема за обработка, во која би ја примениле математиката. Така секој ученик би добил можност да покаже дека знае математика, и би работел на тема од негов интерес, па со тоа би стекнал поголема самодоверба, поголема мотивација за изучување на математиката, и со поголем интерес би ги следел новите наставни содржини – објаснува Стојковска.

Хроничниот страв и одбивност кон изучување на овој предмет, слично како и со физиката постои во нашето општество, доволно е да се направи анкета меѓу учениците. Но, образовниот систем мора најде начин да го промени овој став, бидејќи тие се основа за изучување на професии кои се просперитетни и барани на пазарот на труд.  И Европската комисија неодамна заклучи дека знаењата по математика се едни од клучните компентенции на 21 век.
Ставот на  математичарите е дека  е потребна афирмација на оваа наука кај децата од најмала возраст, современ пристап на изучување и зголемување на фондот на часови.

-За важноста на математиката има многу да се зборува. Леонардо да Винчи рекол: „Не постои ниеден дел од науките каде ниедна од математичките дисциплини не може да се примени, или кој не е во релација со ниедна математичка област.“ Затоа, не би ги издвоила само природните и техничките науки, па соодветно природно-математичките, информатичките и техничките факултети како единствени за кои треба знаења од математиката. Можеби напредокот и успехот на студентите токму на овие факултети и најмногу зависи од нивните предзнаења по математика. Па, недоволните математички предзнаења често влијаат на бројот на години на студирање. А и целта не треба да е само завршен факултет. Секој успешен инженер, информатичар, физичар, хемичар, економист, па и доктор по медицина и правник, е добар математичар – смета Стојковска.

Таа додава дека за да учениците, идните студенти, ја сфатат важноста на математиката, потребно е целото општество како целина (одговорните за планирање на наставниот процес, наставниците кои го реализираат и родителите кои имаат и најголемо влијание на оформување на ставот на учениците кон математиката) да делува во насока на зголемување на свеста за местото и улогата на математиката во науките, културата и животот воопшто.