Осум филма се развиваат на Филмската академија Охрид во рамките на програмата „Мидпоинт“

Осум филма се развиваат на Филмската академија Охрид во рамките на програмата „Мидпоинт“

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска

Во Филмскиот институт – Филмска академија Охрид деновиве владее работна атмосфера. Филмски работници од различни профили се обединети под програмата “MIDPOINT Feature Launch”, чија прва сесија, во соработка со Агенцијата за филм на Македонија, ќе се одвива до 16 јуни. Учествуваат автори на осум проекти, меѓу кои и македонската режисерка Косара Митиќ со проектот „19“.



Паралелно со оваа програма, се одвива и работилницата „MIDPOINT Intensive Macedonia”, во која тимови составени од режисер и продуцент на три македонски проекти, работат на креативен развој на сценариото и на продукциските аспекти на нивните филмови. Оваа работилница ја раководи искусниот консултант за сценарио, исто така професор на одделот за сценарио на ФИОФА, Павел Марек. Во рамките на работилницата, ќе се случуваат пленарни сесии и состаноци еден на еден со интернационален тим на експерти од различни области од аудиовиузелната индустрија, меѓу кои: Даниел Хочевар, Елма Татарагиќ, Габриеле Бруненмејер и Огнен Свиличиќ. Еден од предавачите е и професорот Иво Трајков.

Студентот од одделот за сценарио, Газменд Изаири во соработка со Сенад Абдули учествуваат со нивниот проект „Изгубениот син на Паша“. Учествуваат и следните македонски проекти: „Лето Силвија“ на Андреј Волкашин и Елена Станишева, „Снежана умира на крај“ на Кристијан Ристески и Симеон Дамевски.



„Midpoint“ е основана на ФАМУ во Прага во 2010 година со цел да се зацврсти креативната соработка помеѓу сценаристот, режисерот и продуцентот во процесот на развој. Низ годините таа прерасна во платформа што обезбедува неколку вида работилници создадени да да ја покријат областа на филмот и ТВ-драматургијата и да им помага на филмаџиите за време на целиот процес.

Втората работилница на “MIDPOINT Feature Launch” ќе се одржи од 15 до 21 октомври во Прага.