Никој не може да објасни зошто постои оваа географска карта на светот

Никој не може да објасни зошто постои оваа географска карта на светот

Подготвил: Б.Б.


Географската карта на Пири Реис
(Фото: Publicdomein)

Картата ја направил отоманскиот адмирал и картограф, Ахмед Мухидин Пири, или скратено Пири Реис, во 1513 година во Константинопол. На картата е исцртан брегот на Бразил, а на сечие изненадување, најверојатно е претставен и Антарктикот без мразот.

Што значи ова?

На интернет се појавија многубројни теории за т.н. „Необјаснива карта на светот“. Најинтригантниот елемент е местото за кое се верува дека го означува Антарктикот: не само што е прикажано без мраз, туку изгледа како да е поврзано со Јужна Америка.

Оттука се изнедри теоријата на историчарот од Харвард, д-р Хепгуд, кој верува дека на картата е прикажан Антарктикот од предисториското време. Ова мислење претпоставува дека прастара цивилизација го обележала брегот на Антарктикот. 

Според тоа што Антарктикот бил откриен во 1818 година, а не во 1513, она што е означено на картата претставува мистерија – од каде картографот Реис знаел за предглацијалниот Антарктик.

Објаснување?

Во една белешка на картата, Реис открил дека кога ја создавал, користел отприлика 20 извори, вклучително прикази и карти од историски и современи картографи. Грегори Мекинтош, проучувач на картата на Пири Реис, посочил едно можно објаснување кое го вклучил во книгата „Картата на Пири Реис од 1513 година“:

„Арапските автори често го грешеле Клавдиј Птоломеј, географ од 2 век од н.е., со Птоломеј Први Сотер, еден од генералите на Александар и прв владетел на Египет, кој бил на функција од 323 до 285 година п.н.е.

Пири Реис несомнено ја направил истата грешка, со тоа што верувал дека материјалите што ги користел при изработката потекнувале од времето на Птоломеј Први, наместо на Клавдиј Птоломеј.“

Во врска со Антарктикот...

Наједноставното објаснување е дека на картата не е прикажан Антарктикот, туку Terra Australis, хипотетички континент што се појавувал на многу карти како копно што ја одржува рамнотежата во однос на северната хемисфера, но кое сѐ уште не е откриено. Можеби Реис го растегнал копното на Јужна Америка или нацртал искривена верзија на крајбрежјето.