НАСА пронајде 10 планети на кои би можело да има живот!

НАСА пронајде 10 планети на кои би можело да има живот!

Подготвил: Б.Б.

nasa
Фото: NASA

НАСА вчера објави дека пронашле 10 потенцијално населливи  планети.  Планетите се дел од групата 219 егзопланети, кои вселенската агенција ги откри при презентирањето на осмиот по ред Кеплеров каталог на планети.

Планетите се со големина речиси како Земјата, а од своите ѕвезди се оддалечени доволно за да се заклучи дека потенцијално имаат услови за живот. Нешто помалку од половината од тие планети кружат околу ѕвезди кои се со слична големина како нашето Сонце.

„Податоците презентирани во Кеплеровиот каталог се уникатни, со оглед дека се работи за единствениот каталог кој содржи список на планети со слична големинаи орбита како и Земјата“, истакна Марио Перез, научни кој работи на Кеплеровата програма во НАСА, на одделот за астрофизика.

„Разбирањето на зачестеноста на појавувањето на тие планети ќе помогне при дизајнирањето на идните мисии на НАСА  кои претендираат да пронајдат уште една Земја“.

Телескопот Кеплер на НАСА до сега открил 4.034 „кандидати“ за егзопланети.  Од нив, 2.335 се потврдени планети и сите се лоцирани во соѕвездието Лебед.

Една друга студија покажа дека повеќето од тие 2.335 планети припаѓаат во една од двете категории:  каменити супер-Земји и мини-Нептуни кои очигледно немаат површина.  Со оглед дека такви  планети во нашиот Сончев систем нема, се чини дека мини-Нептуните се најчестите планети во вселената.
„Ние оваа студија ја гледаме на ист начин како биолозите кога пронаоѓаат нови животински видови“, вели Бенџамин Фултон, докторанд на Универзитетот Хаваи во Маноа и водечки автор на студијата за категоризација на планетите. „Пронаоѓањето на две различни групи на егзопланети е слично со откритието дека цицачите и гуштерите се две различни гранки на семејното стебло“.

Минатата година истражувачите од Калифорнискиот институт за технологија, предвидоа дека во нашиот Сончев систем постои уште една планета која се наоѓа далеку  позади Нептун. Фултон истакнува дека таа сè уште неоткриена “деветта“ планета, ако воопшто постои, би можела да биде уште една од категоријата мини-Нептуни.

Врз база на досегашните сознанија, утврдено е дека една од десетте новооткриени планети , позната како КОИ7711, е најслична на Земјата и е 1,3 пати поголема од нашата планета.

НАСА се надева дека Кеплеровиот каталог на планети каде сега се вклучени податоците од првата мисија на Кеплер од 2012 година, ќе може да помогне  во откривањето на вонземен  живот.