Дечиња одговараат на прашања за астрономија: Вселена е местото каде што живеат вонземјани

Дечиња одговараат на прашања за астрономија: Вселена е местото каде што живеат вонземјани

Подготвил: В.Ф

Како нашите деца ја замислуваат вселената? Колку е голема и каде завршува? Може ли планета да има прстен? На неколку дечиња на возраст од четири до десет години им поставивме десет прашања поврзани со астрономијата. Одговорите се прекрасни. Најмалата, двегодишната Аника, ни одговори само на прашањето зошто е Земјата тркалезна. Ни рече: „Ете така“!



Ќе се обидеме на дечињата да им разјасниме дел од мистериите. Во тоа ни помогнаа Радан Митровиќ и Филип Парталовски од Скопското астрономско друштво, кои исто така одговорија на десетте прашања. Текстот ќе го објавиме во два дела.

Зошто е Земјата тркалезна?
Дa не се тепaме. (Лaнa, 4)
Затоа што се врти и да знаеме кај да одиме. (Виолета, 6)
За да бидат камењата внатре, во јадрото, за да може да се врти и да прави гравитација. (Григориј, 7)
Зашто се врти околу Сонцето. (Катја, 4)
Дека Земјата има јадро кое е тркалезно, па затоа целата е тркалезна, како топка. (Мила, 10)
Дека не може да биде поинакава. Ако биде триаголник, двете страни тенки, нема да има простор за да има свет. (Јана, 7)
Дека се врти. (Ангела, 6)
Дека е Земја и Земјата изгледа во форма на круг. (Теодора, 7)
Бидејќи Сонцето и сите други се тркалезни. (Калина, 5)

Скопско астрономско друштво:
Не само Земјата, туку сите поголеми тела во вселената, како поголемите месечини, планетите и ѕвездите се топчести. Причината за тоа е што тие тела имаат голема маса која создава гравитација која, пак, подеднакво и силно влијае во сите насоки, што прави телата да имаат приближно топчеста форма.

Зошто е Сонцето жолто?
Дека ако е бело, нема многу да осветлува. (Јана, 7)
Зато што можеме да гледаме каде да одиме. (Виолета, 6)
Дека е светло и треба да прави многу светлина за да биде дење. (Григориј, 7)
Затоа што свети. (Катја, 4)
Дa биде жешкo, дa биде дoбрo и слaткo. (Лaнa, 4)
Сонцето ние го гледаме жолто иако е шарено зашто од него излегуваат боите на светлината. (Мила, 10)
За да може да грее и да не стопли. (Теона, 9)
Дека е многу топло и дека многу гори и има зраци. (Калина, 5)

Скопско астрономско друштво:
Всушност Сонцето не е жолто, туку е бело. Од него излегуваат сите бои на виножитото (спектар) и кога таа светлина ќе навлезе во атмосферата на Земјата некоја од боите се расејуваат, па така нам Сонцето ни изгледа како жолто. (Предупредување: немојте никогаш ни да се обидувате да го гледате Сонце со голо око, ниту со некоја несоодветна заштита затоа што можете трајно да си го оштетите видот). Исто така, заради влијанието на атмосферата, кога е сосема ниско над хоризонтот Сонцето може да биде и портокалово или црвено.

Што е тоа вселена?
Кај што живеат вонземјани, тоа е вселена. (Калина, 5)
Свемир кај што се сите планети. (Григориј, 7)
Не знам. (Катја, 4)
Вселенa е дa не се селиме. (Лана, 4)
Планети. (Виолета, 6)
Тоа е црн простор полн со планети и ѕвезди. (Мила, 10)
Место каде што се наоѓаат Сонцето, планетите, таму гравитацијата е поинаква, таму леташ. (Јана, 7)
Вселената е место кај што има многу планети. (Илина, 7)

Скопско астрономско друштво:
Вселената е всушност сѐ што постои. Ова е една од најопштите, но најточни дефиниции за овој поим.

Колку е голема вселената? Каде завршува?
Никогаш не завршува, бесконечна е. Од тука 400.000 милијарди милји далеку, а после е бело. (Григориј, 7)
Нема завршување. (Јана, 7)
Многу голема. На крстот? (Виолета, 6)
Мммм, сигурно е голема. Во Македонија. (Катја, 4)
Нема крај, никој не го видел крајот. (Мила, 10)
Колку морето. (Ангела, 6)
Вселената завршува на планетата Уран. (Теона, 9)
Колку океанот, не знам каде. (Калина, 5)
Гoлемa е кaкo светлo. Завршува на oгледaлo. (Лана, 4)

Скопско астрономско друштво:
Можеби звучи неприродно, но вселената има свој почеток само во времето, а во истиот тој момент започнало и создавањето на просторот. Исто така не може да се каже ни дека има крај, иако се знае дека вселената е конечна. Се проценува дека вселената е стара околу 13.8 милијарди години, а за тоа време вселената создала простор од 93 милијарди светлински години во дијаметар.

Зошто небото преку ден е сино, а навечер е црно?
За да биде светло, црно е за да биде темно и да спиеме. (Калина, 5)
Сонцето ги осветлува облаците. Кога ќе се стемни, од горе од вселената доаѓа темницата и облаците ги прави црни дека се бели и ги покрива со црна боја. (Јана, 7)
Сино, дека е светло, црно е дека не е светло. (Григориј, 7)
Темнo е декa требa дa спиеме. Синo е декa имa Сoнце. (Лана, 4)
Затоа што може да гледаме, а навечер затоа што е навечер. (Виолета, 6)
Зашто ноќе сме уморни, а дење сме наспани. (Катја, 4)
Преку ден е сино затоа што Сонцето го осветлува, а навечер Сонцето го нема, па затоа е темно. (Мила, 10)
Бидејќи се менува ден и ноќ, дека е небо е сино. (Теона, 9)

Скопско астрономско друштво:
Одговорот на ова прашање делумно е поврзан со прашањето за бојата на Сонцето. Кога белата светлина од Сонцето ќе навлезе во атмосферата на Земјата, сината светлина се расејува, па затоа небото го гледаме во сина боја. Исто е и со мориња и океаните. Ноќе, пак, небото е црно заради тоа што по зајдисонце, локацијата на која се наоѓаме влегува во сенка на Земјата, во која ќе остане сè до следното изгрејсонце. .


Продолжува... Линк до првиот дел