Одговори на наши дечиња на прашања за астрономија: „За да има една планета прстен, треба да има и голем прст“

Одговори на наши дечиња на прашања за астрономија: „За да има една планета прстен, треба да има и голем прст“

Подготвил: В.Ф

На десетина дечиња на возраст од 4 до 10 години им поставивме десет прашања поврзани со астрономијата. Ова се нивните одговори. Во текстот ни помогнаа и Радан Митровиќ и Филип Парталовски од Скопското астрономско друштво, кои своите одговори ги прилагодија за да може дечињата да ги разберат. Ова е вториот дел од текстот. (Линк до првиот дел)



Може ли планета да има прстен? Која има?
Сатурн има прстен, т.е. тоа се камења што се движат во круг, во форма на прстен. (Мила, 10)
Не. Децaтa имaaт прстен. (Лана, 4)
Не може да има. Ако има планетата прстен тогаш треба да има голем прст. Каде ќе го стави на глава?... Да, Сатурн има. (Виолета, 6)
Не може оти нема раце, само кружна е. (Катја, 4)
Да. Јупитер? Не, Сатурн. (Григориј, 7)
Сатурн. (Јана, 7)
Од кај да знам? (Илина, 7)
Да, има, ама не знам која. (Калина, 5)

Скопско астрономско друштво:
Сите големи гасовити планети во нашиот сончев систем (Јупитер , Сатурн, Уран и Нептун) имаат прстени, но најубави и најпознати се оние на Сатурн, бидејќи се гледаат дури и со аматерски телескопи од Земјата.

Што е комета и зошто има опашка?
Не знам. (Катја, 4)
Пред илјадници години комета падна на Земјата и ги уништи диносаурусите, а опашката е оган. Јас не сум видела комета. (Мила, 10)
Комета е крукче лета и има позади многу оган и понекогаш некаде кога ќе стигне ќе падне долу. (Виолета, 6)
Има опашка дека брзо оди и е побрза од гром. (Григориј, 7)
Кoметaтa имa oпaшкa кaкo куче. (Лана, 4)
Комета е ѕвезда што паѓа, опашката и е за да лета брзо. (Калина, 5)
Мислам дека тоа е ракета нешто. (Илина, 7)

Скопско астрономско друштво:
Комета е вселенско тело кое е составено од материи кои испаруваат кога ќе се загреат, односно кога кометата ќе се доближи до Сонцето. Тие испарливи материи почнуваат под притисок да излегуваат од кометата и така настанува опашката која секогаш е свртена спротивно од Сонцето.

Дали може Месечината да падне на Земјата? Зошто?
Не може. Зашто не е закачена на конец како на цртаните, па да падне. Таа е многу подалеку од Земјата. (Мила, 10).
Не може зашто не е тешка и лета. Само тешките работи што не можат да летаат паѓаат на земја. (Катја, 4)
Не може. Затоа што треба да стои таму горе, за да биде ноќ, ако дојде на Земјата ќе удри некоја куќа и плус дури ќе направи да биде потемно и... (Виолета, 6)
Не мoже дa пaдне Месечинaтa, сaмo игрaчките пaѓaaт. (Лана, 4)
Не. Дека свемирот ја држи. (Григориј, 7)
Дека Месечината, сум гледала на цртан, скоро ќе паднеше на планетата, ама сепак не падна. А како може ѕвезда да падне?! (Јана, 7)
Не може зашто е високо. (Калина, 5)

Скопско астрономско друштво:
Конкретно нашата Месечина не може. Тоа е заради брзина на нејзиното вртење околу Земјата. Всушност нашата Месечина се оддалечува од нас за 38 милиметри секоја година. Но, Марс има две месечини кои за неколку милиони години прво ќе се приближат, а потоа и ќе паднат на нејзината површина.

Од што се направени ѕвездите?
Од Сонце, зашто и тие и Сонцето се жолти. (Катја, 4)
Од Сонце. Ѕвездите се Сонце. (Григориј, 7)
Oд мaли ѕвездички, oд лист. (Лана, 4)
Од жолто? Од светки? (Виолета, 6)
Ѕвездите се направени од ситни камчиња како дијаманти. (Мила, 10)
Од Месечината се направени. (Калина, 5)
Од Сонце. (Јана, 7)

Скопско астрономско друштво:
Ѕвездите се создадени главно од двата најлесни елементи во вселената, а тоа се водород (90 отсто) и хелиум (10 отсто).

Зошто астрoнаутите мора да носат астронаутски костуми?
За да може да дишат инаку без дишење не можат. (Виолета, 6)
Ако немаат специјална облека нема да можат да летаат и да се качат горе. Им треба специјална облека оти таму горе не можат да дишат зашто небото и земјата се различни. (Катја, 4)
Затоа што во вселената нема кислород и не можат да дишат без костумот (Мила, 10).
Тие требa дa oдaт нa рaбoтa. (Лана, 4)
Дека не може да дишат во свемир. Дека нема природа. (Григориј, 7)
За да не паднат од небо. (Калина, 5)

Скопско астрономско друштво:
Во вселенската шир нема услови за живот. Нема воздух (кислород), па или е многу жешко или е многу ладно. Астронаутите мора да се заштитат од сѐ што може да им наштети. Всушност, астронаутските костими (скафандери) се мали вселенски бродови за еден човек.