Разговор со Марко Стојковски, првенец на „Јосип Броз Тито“:  Најдобрите да бидат ослободени од полагање државна матура!

Разговор со Марко Стојковски, првенец на „Јосип Броз Тито“: Најдобрите да бидат ослободени од полагање државна матура!

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска

Освен големото знаење што ми го пренесоа, професорите секогаш ми велеа да бидам упорен и исполнителен во своите цели, никогаш да не се откажувам и дека резултатите сами ќе си дојдат – вели најдобриот матурант од скопската гимназија, кој планира да се запише на ФЕИТ



Да се биде првенец на генерација претставува огромна чест и задоволство. Се гордеам што ја претставувам гимназијата „Јосип Броз Тито“. Почестен сум што професорите веруваа во мене. Четири години напорно работев и учев, учествував на многу натпревари каде што на најдостоинствен начин ја претставував мојата гимназија – вели Марко Стојковски, првенец на генерацијата 2013/2017 од скопската гимназија. Минатата недела тој заедно со уште 24 врсници доби награда од Град Скопје за најдобар матурант.

Марко најчесто учествувал на натпревари по физика – електроника и електротехника, од каде речиси секогаш се враќал со награди. На натпреварот „РобоМак“ организиран на ниво на студенти на ФЕИТ, тој го освоил златниот медал во областа „хуманоиди“. Го освоил и првото место во областа електроника организиран од Народна Техника.

Во разговорот со Марко, тој ни откри кои биле најважните лекции што ги научил од своите професори.

- Од „Јосип Броз Тито“ сум презадоволен, професорите се прекрасни педагози и од нив ја добивав најголемата поддршка. Освен големото знаење што ми го пренесоа, професорите секогаш ми велеа да бидам упорен и исполнителен во своите цели, никогаш да не се откажувам и дека резултатите сами ќе си дојдат. Но, најважно во сѐ е секој да знае што сака да постигне во животот. Да бидам искрен, прво сакав да се запишам во „Раде Јовчевски – Корчагин“. Прво таму ги поднесов документите, но во последен момент се премислив и на 2 септември ги повлеков документите и се запишав во „Јосип Броз“. Тогаш точно знаев дека тоа е вистинскиот избор на гимназија за мене – се потсетува најдобриот матурант од оваа скопска гимназија.

Омилени предмети му биле математика, физика и програмски јазици, кои ги учел со леснотија. Но најмногу му се посветил на македонскиот јазик зашто „материјата била навистина обемна и имало многу дела за читање“. Од основно училиште знаел дека сака да се запише на Електротехничкиот факултет во Скопје.


Марко заедно со неговиот класен раководител Никола Терзитанов (десно) и професорот по физика Цветко Неделковски (лево)

-Планирам да се запишам на ФЕИТ, на насоката КХИЕ - Компјутерско хардверско инженерство и електроника. По завршување на факултетот сигурно ќе запишам постдипломски и магистратура – категоричен е Марко.

На прашањето што би сменил во средното образование кога би имал можност, тој ни рече:
-Ќе прокоментирав за екстерното тестирање, но веќе го повлекоа. Би сакал да се врати можноста за сите тие што ќе бидат избрани за ученици на генерација да бидат ослободени од полагање на државна матура и да имаат само приемен испит за упис на факултет.