Охриѓани спијат надвор, туристите избегаа, вредните цркви не се оштетени

Охриѓани спијат надвор, туристите избегаа, вредните цркви не се оштетени

Подготвил: Весна Ивановска - Илиевска

Министерството за одбрана ги известува граѓаните кои имаат штета од досегашните потреси и чувствуваат потреба да се засолнат во воениот камп во Свети Наум додека земјата во Охрид не се смири. Пријавите за сместување во кампот може да се направат на телефонскиот број 070 403 392. Лице за контакт е Ристе Спасовски, соопшти Министерството за одбрана



Иако сеизмолозите ја смируваат ситуацијата и велат дека нема опасност од големи потреси во Охридско и Ресенскиот регион, вчера и завчера најголем дел од граѓаните преноќија во возилата, а туристи скоро и да нема во Охрид. Вчера беше отворен извидничкиот камп за испаничените граѓани, а пред малку министерката за одбрана, Радмила Шеќеринска соопшти дека воениот камп во Охрид ги отвора вратите за граѓаните вознемирени од серијата земјотреси.



Факултети.мк дознава дека охридските и црквите во Ресенско немаат никакви оштетувања од земјотресите кои деновиве го погодија регионот.
- Министерството за одбрана ги известува граѓаните кои имаат штета од досегашните потреси и чувствуваат потреба да се засолнат во воениот камп во Свети Наум додека земјата во Охрид не се смири, дека вратите на кампот се отворени. На овој начин одговоривме на повиците на граѓаните упатени  преку социјaлните мрежи, да се отворат вратите на воениот камп, бидејќи таму граѓаните би се чувствувале побезбедни. Пријавите за сместување во кампот може да се направат на телефонскиот број 070 403 392. Лице за контакт е Ристе Спасовски, раководител на секторот за услуги, туризам, одржување и возен парк во Министерството за одбрана – вели Шеќеринска.

Според Тања Паскали-Бунташеска, директорка на Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј од Охрид, стручните екипи вчера цел ден правеле увид во состојбата на градските цркви и другите споменици на културата. Сите се во одлична состојба. Потресите не влијаеле ниту на состојбата на вредните споменици во ресенско, соопшти нејзиниот колега од битолскиот Завод, Зоран Алтипармаков. Обајцата не само што се раководители на институциите, туку се и архитекти-конзерватори кои се одлично упатени во проблематиката.



- Стручните тимови вчера цел ден правеа увид во состојбата. Во ниту една црква во градот нема никакво оштетување, ниту на архитектурата, ниту на фрескоживописот. Тоа го очекував бидејќи сите градски цркви се конзервирани и се во одлична состојба. Сепак, тоа мораше да го потврди тимот што го вршеше увидот. Деновиве ќе продолжи инспекцијата и во околните цркви. Иако и тие се во солидна состојба, по увидот ќе имаме конкретни информации – вели Паскали-Бунташеска.

Охрид е познат по бројните средновековни цркви, а најголем од нив се споменици на културата со вредни фрескоживописи. Меѓу нив се „Св. Софија“ од 11 век, „Св. Богородица Перивлепта“ од 13 и 14 век, „Св. Константин и Елена“ од 15 век, „Св. Никола Болнички“ од 14 век и многу други.


 

Според Алтипармаков, нема оштетувања на црквата од 12 век „Св. Ѓорѓи“ во селото Курбиново, едно од ремек-делата на византиската архитектура, која е во фаза на конзервација.

- Само скелето се тресело. Црквата не претрпела никаква штета. Координирани сме со екипите кои вршат увид. Во Ресенско има околу 300 споменици на културата, само шеесетина од нив се во Ресен – вели Алтипармаков.