Проф. д-р Рина Киркова од Филозофскиот факултет: Меѓународни и интеркултурни студии е нова студиска програма за стручни кадри кои одамна ѝ требаа на Македонија

Проф. д-р Рина Киркова од Филозофскиот факултет: Меѓународни и интеркултурни студии е нова студиска програма за стручни кадри кои одамна ѝ требаа на Македонија

Подготвил: Н.Ф.

Лектор: Ивана Кузманоска

Меѓународни и интеркултурни студии е новата студиска програма што се нуди за студентите на Филозофскиот факултет при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ - УКИМ. Рина Киркова, вонреден професор по меѓународни односи, која ја покренала идејата за воведување на оваа програма, објаснува што содржи новата можност за студентите, какво звање ќе добијат по дипломирањето, каква можност за работа нуди дипломата што ќе ја добијат...



Факултети.мк: Од претстојната академска година на Филозофскиот факултет се отвора нова студиска програма - Меѓународни и интеркултурни студии. Зошто се воведува?

- За да ви одговорам на ова прашање, ќе ми дозволите накратко да ве воведам во шестгодишната предисторија на овие студии. Идејата првпат се појави во периодот меѓу 2008 и 2011 година, во времето на имплементација на проектот ТЕМПУС со кој најнапред се воведоа последипломските и докторските студии по Меѓународни односи на Филозофскиот факултет. Преку соработката со нашите странски партнери, Универзитетот од Гетеборг, Шведска (Факултетот за глобални студии), Универзитет од Даблин (Ирска) и Дипломатската академија од Виена (Австрија), сфативме дека во високообразовниот систем на Република Македонија постои сериозен недостиг во вид на додипломски студии кои би профилирале кадри способни да ги разберат новите општествени и политички процеси што од глобално се рефлектираат на локално ниво, и обратно.

Откако се етаблираа новите студии по меѓународни односи од втор и од трет циклус, дополнителен фактор за размислување за воведување прв циклус на студии беше големата заинтересираност на студентите за изучување на оваа проблематика, но и недоволната подготвеност кај поголемиот дел од запишаните студенти во однос на следење делови од програмата која не ја изучувале во своите претходни студии, поради што мораа да вложуваат дополнителни напори и студентите и професорите. Истовремено, реализацијата на новите студии на втор и трет циклус беше најдобриот доказ за академските капацитети на Филозофскиот факултет, и генерално на УКИМ. Уште еднаш се потврди дека Филозофскиот факултет и УКИМ располагаат со исклучителен наставен и истражувачки кадар способен не само да ги имплементира овие интередисциплинарни студиски програми, на ниво соодветно на другите европски академски институции, наши партнери, туку и да ги етаблира во препознатливи и реномирани студии за само четири години. Поради големото задоволство на студентите од стекнатите знаења и вештини, на студиите почнаа да се запишуваат студенти како од соседните држави така и од некои европски држави.



Оттука, новата студиска програма Меѓународни и интеркултурни студии е директен резултат од позитивните искуства на веќе акредитираните програми на втор и на трет циклус од оваа област, но и потреба за добивање конзистентна студиска целина, која студентите осмислено би ги водела од првиот до третиот степен на универзитетско образование.

Тука би се надоврзала и на општествената потреба од професионалци кои, како квалитетен кадар, ќе бидат подготвени да ги разберат новите глобални процеси. Во Република Македонија не постојат студиски програми од ваков вид, кои би се одвивале континуирано од прв до трет циклус. На додипломските програми по политички студии на државните универзитети се нудат максимум 3-5 предмети од областа на меѓународните односи и разрешувањето конфликти, но тие се првенствено насочени кон профилирање кадри за применета политика. Од друга страна, пак, интеркултурните студии речиси воопшто и не се изучуваат на ниво на додипломски студии. Веројатно проблемот е во недостигот на концентрација на академски кадар од оваа област на едно место. За разлика од другите универзитети и факултети во Македонија, Филозофскиот факултет веќе две децении развива сопствени кадри кои работат во областа на мирот, разрешувањето на конфликтите, меѓународната безбедност, разбирањето на различните идентитети, колективни ентитети, различните култури и нивните економски, социјални и културни интеракции и права, разбирањето на глобалните процеси и нивната рефлексија врз регионалните и локалните, и обратно.

Земајќи ги предвид сите горенаведени аргументи, а водејќи се од правната регулатива, пристапивме кон изготвување елаборат за воведување четиригодишни додипломски студии насловени како Меѓународни и интеркултурни студии.

Факултети.мк: Што опфаќаат студиите и што нуди оваа програма?

- При изработување на програмата најнапред се направи темелна анализа на програмите на првите 50 рангирани универзитети на Шангајската листа, која покажа дека сите нудат додипломски студии од оваа област. Водејќи се од целите поставени со оваа студиска програма, но и од содржините што ги нудат програмите, како и од академскиот потенцијал на Филозофскиот факултет, но и на УКИМ, за референтна програма според која се изработуваше елаборатот беше избрана програмата за четиригодишни додипломски студии на Универзитетот „Беркли“ од САД.

Станува збор за интердисциплинарни студии од областа на меѓународните односи, безбедноста, мирот и разрешување конфликти, глобализациските процеси и интеркултурните врски. Програмата нуди 54 предметни содржини поделени во задолжителни и изборни предмети, од кои студентот треба да реализира 36 за стекнување 240 кредити. Во зависност од интересот на студентите, во последните години од студирањето нуди три насоки. Првата насока е Меѓународни институции и светски поредок, во која се нудат содржини од теориите, концептите и прашањата поврзани со меѓународните односи, меѓународните институции, глобалниот поредок и доброто владеење во однос на воспоставување траен мир. Фокусот е ставен на анализа на формалните и неформалните институции, механизмите и процесите меѓу различните актери. Предметните содржини се фокусираат на колективните безбедносни системи, системот на ОН, меѓународното право и дипломатијата, како и трендовите во современите меѓународни односи меѓу државните и недржавните актери. Втората насока е Разрешување конфликти, која се концентрира на анализа на основните причини за конфликтите и пристапите за нивно разрешување по мирен пат, а со цел градење траен и одржлив мир. Во оваа насока се понудени предмети кои вклучуваат управување со конфликтите, трансформација на конфликтите, ненасилство, стратегии за превенција на војната, постконфликтно помирување, како и помирување на различните актери од глобално, национално и локално ниво. Третата насока е Интеркултурализам. Оваа насока се фокусира на емпириските и теориските дискусии за прашањата на благосостојбата, достоинството и еднаквоста како основа за градење одржлив мир. Се проучуваат локалните, регионалните и глобалните процеси и нивните заемни интеракции и влијанија, како и државните и недржавните актери и различните видови закани што се рефлектираат врз поединците и заедниците, како и врз различните култури. Во оваа насока, посебно место заземаат темите поврзани со интеркултурализмот и ослободувањето од стравовите и предрасудите.



Морам да напоменам дека интердисциплинарноста на оваа програма се огледува и во фактот што во реализација на програмата се вклучени по неколку професори од Правниот и од Економскиот факултет на УКИМ. Со нивното учество дополнително се збогатува квалитетот на програмата. Тука ќе искористам да им се заблагодарам на овие факултети што прифатија да дадат свој придонес во реализацијата на програмата.

Факултети.мк: Колку студенти може да бидат запишани?

-Според истражувањето што го направивме на европските студиски програми компатибилни со нашата студиска програма, како што се Глобални студии (Global Studies), Меѓународни работи (International affairs), Меѓународни односи и разрешување конфликти (International relations and conflict resolution), Интеркултурна дипломатија (Intercultural diplomacy), Меѓународни односи и регионални студии (International relations and Area studies) и сл., утврдивме дека групите не треба да се поголеми од 50 студенти.

Поведени од искуството дека се добива многу послаб резултат кога групите се поголеми, а имајќи ги предвид потребите и капацитетот на пазарот на трудот во Македонија, како и потребата од вакви високо профилирани кадри, тимот што ја изработуваше програмата сметаше дека оптималната бројка на студенти запишани во една учебна година треба да е 25. Така, од оваа академска година, и во наредните три, тоа ќе биде максималната квота за оваа студиска програма. Искуството ќе ни покаже дали во иднина ќе има потреба од корекции во однос на квотата за упис.

Факултети.мк: Какво звање ќе добијат со завршување на студиите?

- Направивме сериозна анализа на звањето со кое се стекнуваат студентите по завршување ваков вид студии. Не можевме да се водиме од логиката на англискиот јазик и дипломите издадени на тој јазик, бидејќи таму звањето е со „дипломиран во...“ Откако направивме сеопфатна анализа на универзитетите од словенско говорно подрачје, утврдивме дека најсоодветно звање е дипломиран политиколог по меѓународни односи и интеркултурни врски.

Во зависност од изборот на насоката, кон дипломата ќе се издава и додаток на диплома (Supplement Diploma) во која ќе биде наведена една од трите насоки: меѓународни институции и светски поредок, разрешување конфликти и интеркултурализам.

Факултети.мк: Каква можности за работа би имале со оваа диплома?

- Македонија има дефицит од вакви кадри. Но, исто така, и институциите се малку спори во изнаоѓање решенија за надминување на проблемот со профилирани кадри во оваа област. Проблемот бил утврден уште пред 2000 година. Односно, во периодот од 1998 до 2004 година поради дефицит на ваков кадар, Министерството за образование имало договор со универзитетите од Русија, Московски државен институт за меѓународни односи-МГИМО и Ломоносов, за стипендирање на студенти кои ќе се едуцираат во областа на меѓународните односи, меѓународната безбедност, мирот и конфликтите. Вакви кадри се образовале и на други европски универзитети во соработка со УКИМ, како на пример, Универзитетот во Болоња и холандскиот универзитет Лајден. Од нашите сознанија и извршени истражувања најголем дел од оние кои се вратиле во државата биле вработени во Министерството за надворешни работи, Министерството за одбрана, потоа во разни тинк-тенкови, медиуми, невладини организации и сл.



Според националната класификацијата на занимања од 2011 година дипломираните кадри на програмата за Меѓународни и интеркултурни студии влегуваат под шифра 2633 филозофи, историчари, политиколози и сродни стучњаци и се водат како кадар од општествените и хуманистичките науки. Оттука тие можат да бидат конкурентни за повеќе работни места, како при државните институции, така и при приватниот, но и при невладиниот сектор.

Конкретно ќе ви ги наведам местата кои според конкурсите се адекватни за овој профил.

При Министерство за надворешни работи: политички аналитичари стручни соработници вработени во директоратите на министерството (директорат за билатерални односи со европски држави, директорат за билатерални односи со државите од Југоисточна Европа и регионални иницијативи, директорат за мултилатерални односи, директорат за Европска Унија, директорат за билатерални односи со воневропски држави, директорат за безбедносно политички соработка, директорат за аналитика и јавна дипломатија, директорат за геостратешки истражувања и надворешна политика). При Министерство за одбрана: цивилен кадар за планирање и меѓународна соработка. При Влада на РМ: советници и висококвалификувани кадри за потребите на Влатата во меѓународните односи и интеркултурната соработка. При Министерство за култура: Сектор за меѓународна соработка и соработка со УНЕСКО, Сектор за европски интеграции, Одделение за стратешко планирање, креирање политики и следење, Управа за афирмирање и унапредување на културата на припадниците на заедниците во Република Македонија, Одделение за поттикнување и унапредување на соработката со соседните и европските земји, Но секако овие кадри ќе најдат свое место и во невладините организации, тинк-тенкови, медиуми, како и канцеларии на меѓународни организации во Македонија. Сигурна сум дека дел од овие кадри ќе најдат свое место и надвор од државава посебно преку можностите размена на студенти, понатамошно студирање и доусовршување надвор од Македонија.

Мора да се потенцира дека во огласите распишани од Министерството за надворешни работи, Министерството за култура и Министерството за одбрана, при распишување на конкурси за вработување на горенаведените позиции, се бараат високообразовни кадри од општествените и хуманистичките науки без да се прецизира степенот на образование и насоченоста. Се надевам дека во наредните четири години, преку разговори и соработка со институциите и нивните претставници, ќе успееме да внесеме општествено оправдана промена, па на тие специфични позиции да се вработуваат политиколози по меѓународни односи и интеркултурни врски. Очекуваме огласите за вработување да бидат распишувани за овој профил или барем овие кадри да добијат предност при вработувањето.