Франција најавува радикален чекор

Франција најавува радикален чекор

Подготвил: Б.Б.

Лектор: Ивана Кузманоска


Француски политичари
(Фото: AFP)

Никола Ило, француски министер за еколошка транзиција, планира да ги забрани автомобилите со бензински и дизел-мотори до 2040 година, пишува францускиот „Монд“.

Вчера на климатската конференција тој дефинирал 6 поголеми и 23 помали мерки за подигнување на еколошкиот стандард во Франција. Планот за забрана на класични автомобили е дел од мерките на кабинетот на претседателот Емануел Макрон, кој до 2050 година сака да создаде земја комплетно ослободена од емисија на штетни гасови.

Иако другите земји  и досега шпекулирале со слични забрани, Франција е првата поголема држава што ги официјализира таквите планови. Норвешка излезе со слични мерки за сведување на јаглеродните емисии на минимум, и тоа далеку поамбициозно до 2025 година. Меѓутоа, тоа не може да се смета за многу значајно со оглед на тоа дека Норвешка е релативно мал пазар на автомобили. Лондон би требало да усвои слични мерки до 2050 година, но забраната ќе биде ограничена само на територијата на градот, а не и на цела држава.

Ило смета дека со ваквата мерка ќе се направи поголем притисок врз француската автомобилска индустрија, за која вели дека моментално покажува добри проекти. Интересно е дека и посиромашните домаќинства ќе бидат присилени да се откажат од своите автомобили на погон од фосилни горива. Меѓутоа, тие ќе добијат и поголеми државни субвенции за замена на старите автомобили со еколошки прифатливи модели.

Меѓу другото, министерот најави дека Франција ќе престане да користи јаглен за производство на електрична енергија до 2022 година. За да се задржи истото производствено ниво на електрична енергија, државата ќе инвестира до 4 милијарди евра за зголемување на капацитетите на еколошко-прифатливите електрани. Најавите се дел од петгодишниот план кој поттикнува производство и користење на чиста енергија, што е обврска на Франција која произлегува од Париската спогодба.

Со ваквиот потег, Ило сака да ѝ ја обезбеди на Франција лидерската позиција во однос на  климатските прашања. Меѓу другите мерки, вреди да се потенцираат и мерките за забрана за увоз на палмино масло, но и на еколошки неприфатливо произведена соја. Министерот Ило, инаку поранешен телевизиски водител на емисии за природата, тврди дека сечата на шумите е причина за 10 проценти од вкупната количина на стакленички гасови. Тој смета дека притисоците врз индустриските постројки за намалување на емисијата на штетни гасови се залудни сè додека не престане сечата на шумите, кои го неутрализираат јаглеродниот диоксид.