Манчевски: Моите филмови ги гледале на пиратски изданија во Кина

Манчевски: Моите филмови ги гледале на пиратски изданија во Кина

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Проекциите беа распродадени во сала од 1.200 седишта во Шангај, а добив и покана да предавам на државната филмска академија во Пекинг – споделува Манчевски за Факултети.мк



Моќно искуство – така режисерот Милчо Манчевски го опишува своето учество на 20. Интернационален фестивал во Шангај, каде што неодамна беа презентирани неговите филмови. Нашиот режисер, инаку член на меѓународното жири на фестивалот, вели дека на достоинствен начин биле претставени неговите дела, каде што на негово изненадување, културната јавност веќе добро ги знаела. Манчевски беше на големо најавуван во кинеските медиуми.

-Настрана црвените килими – иако сега првпат официјално се прикажуваа таму моите филмови, открив дека ѝ се прилично добро познати на кинеската публика, особено на академските кругови, зашто нашироко се предаваат на универзитетите во Кина. Ги гледале како пиратски изданија. Низ годините се објавувани многубројни рецензии и есеи, а филмовите се предаваат и на филмските академии во Кина како пример за наративна структура. Проекциите беа распродадени (сала од 1.200 седишта), а добив и покана да предавам на државната филмска академија во Пекинг – споделува Манчевски за Факултети.мк.


Манчевски во друштво на француската актерска легенда Изабел Ипер

Тој додава дека имал интересно искуство кога постер од „Пред дождот“ се нашол во важна колекција на кафе-киното „Шаброл“.

-Една вечер ме однесоа низ сокачиња преполни со луѓе, по скали, па во еден стан и во мала соба назад, каде што имаше еден огромен постер на стар француски филм, цела библиотека книги и урамени слики на ѕидот: Бергман, Орсон Велс, Тарковски, Жан-Лик Годар, Трифо... Кафе-кино „Шаброл“ во стан кое собира само 15 луѓе. Секоја вечер си пуштаат филмови и ги дискутираат. И една од урамените слики на ѕидот, среде Шангај, до Трифо и Тарковски, беше турскиот постер на „Пред дождот“ – вели Манчевски.



Освен филмовите, во рамките на доближување на творештвото на Манчевски до кинеската публика беше отворена и изложба на фотографски пентаптихови под наслов „Сонувајќи ги ву јан песните“. Во рамките на промоцијата е објавена и книга со фотографии и есеи на Манчевски.