Интервју со Игор Босилковски, магистер по новинарство на „Колумбија“: Добив стоечки аплауз за обраќањето на доделувањето на дипломите

Интервју со Игор Босилковски, магистер по новинарство на „Колумбија“: Добив стоечки аплауз за обраќањето на доделувањето на дипломите

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Во 99% од случаите професорите во Америка бараат да им се обраќаш со лично име. На некои од моите другари од Македонија им е чудно кога ќе им кажам дека професорите ми се пријатели на „Фејсбук“ или дека се следиме на „Инстаграм“. Односот е многу човечки, се базира на заемна почит и цел да излезат квалитетни луѓе и издржани професионалци од нас.



Гладот за знаење и откривање нови хоризонти младиот Игор Босилковски од Скопје пред неколку години го однесе во САД. Од Македонија заминал како средношколец од „Јосип Броз Тито“, а денес е магистер по новинарство на престижниот „Колумбија“, откако претходно дипломирал на филм и новинарство на Универзитетот „Чепмен“ во Калифорнија. На Игор му припадна честа да го држи завршниот говор на доделувањето на дипломите. Со него разговараме на повеќе теми поврзани со неговото образование и предизвиците со кои се среќавал во својата американска авантура.

Факултети.мк: Може ли да ни опишете накратко како стигнавте до еден од најпрестижните универзитети во светот и зошто новинарство?

-Есента по завршувањето во гимназијата „Јосип Броз Тито“ се запишав на „Оринџ Коуст колеџ“ во јужна Калифорнија. Се погодив во куќа со одлични цимери, научив да готвам два и пол рецепта, на факултетот се зачленив во најразлични клубови, од филм до астрономија (што за да го подобрам англискиот, што за да се социјализирам) и додека да сфатам дека ја нема мајка ми да ме кара дека седам преблиску до телевизорот, навлегов во системот. По две години направив трансфер на Универзитетот „Чепман“ каде што студирав два факултета: филм и новинарство. Откако дипломирав, една година бев практикант во весник и во талент-агенција во Лос Анџелес, а преку викендите ги спремав апликациите за постдипломски студии. Испратив апликации на десетина реномирани факултети, имав среќа да бидам примен на сите и ја избрав „Колумбија“ поради квалитетот и локацијата.

Зошто новинарство? Има две главни причини што честопати се поклопуваат: љубопитство и комуникативност. По природа ме интересираат најразлични теми. Новинарите имаат привилегија да зборуваат со многу интересни луѓе и со секоја нова приказна да станат експерти за нешто ново. На почетокот студирав само филм со фокус на сценарио, меѓутоа, љубовта кон пишувањето ме наведе да се пробам и во новинарските води. Го запишав како втор факултет, се зачленив во школскиот весник и наредниот семестар станав уредник на рубриката по колумни. Паметам за првата колумна што ја напишав како уредник, претседателот на универзитетот ми пиша е-порака да ми каже дека уживал додека ја читал. Не ми се веруваше дека човекот што го води цел универзитет издвоил време да ја прочита колумната, да склопи две-три убави реченици за да ми ги прати мене и на мојата уредничка. Мала работа е, меѓутоа, беше убав почеток кој ми даде дополнителен елан.

Факултети.мк: Вие го држевте завршниот говор како претставник на Вашата генерација, односно како претседател на разгранокот на Здружението на професионални новинари. Ви претставуваше ли голема привилегија да го кажете главниот збор на таков свечен чин?

-Тоа беше еден од најсветлите моменти во мојот живот, без двоумење. Сите 300 дипломци имавме право на тројца гости, згора на тоа присутни беа и професори и вработени на факултетот. Според некоја груба математика, во салата имаше повеќе од 1.200 луѓе, вклучувајќи великани од новинарството, освојувачи на Пулицерови и какви сѐ не награди. Тука беа и деканот, голем дел од моите професори, познатиот новинар и писател Та Нехиси Коутс, а за мене, најважно од сѐ беше што тука беа и моите родители, сестра ми и нејзиниот сопруг.



Штом се упатив кон подиумот, советничката на нашата студентска влада, која ме најави, ме гушна и ми шепна „со среќа“. Дали имав трема? Зачудувачки, не. Горе-долу го имав извежбано говорот, ама најмногу од сѐ ми помогна фактот дека стоев пред страшно пријателска публика, луѓе со кои сум седел во клупа цела година, со кои сум интервјуирал, снимал и пишувал честопати до рано сабајле. На дел од нив им го прочитав говорот пред да го одржам и нивните позитивни критики ме охрабрија. Мислам дека на крај излезе одлично, не знам дали од култура или вистински така гостите се чувствуваа, меѓутоа, добив стоечки аплауз.

Факултети.мк: Задоволен ли сте од студиите и што Ве импресионира најмногу, и во двата степена на образование и на дипломските и на постдипломските?

-На „Чепман“ најимпресивен беше фактот дека беше филмското школо и своевиден мост кон Холивуд: огромен број од студентите завршуваат по продукциски куќи, филмски студија, талент-агенции, како режисери, сценаристи, глумци и разноразни филмски професионалци. Зошто е така - претпоставувам поради неколку причини. Од една страна, универзитетот имаше исклучително квалитетни професори, добитници на „Оскари“, награди „Еми“ и слично. Од друга страна, предност е географската блискост до Лос Анџелес - од трета година натаму ретко кој студент не одеше на пракса во Холивуд, барем еднаш во неделата. Јас имав можност да работам во неколку компании, помеѓу нив една беше и продукциската куќа на Леонардо ди Каприо, каде што практикантот од семестарот пред мене и тој после мене беа од „Чепман“. Верувам дека така се создава некаков домино-ефект кој ја јакне репутацијата на факултетот, a и колегијалноста меѓу студентите.



Приказната на „Колумбија“ е релативно слична, со тоа што доколку „Чепман“ е име во Лос Анџелес и во околината, „Колумбија“ е име не само во Њујорк или Америка, туку во глобален размер. Има огромна предност со тоа што имаш покани за настани, влезници за панели, запознаваш значајни луѓе, разменуваш контакти. На пример, во училница од само 15 студенти сме ги имале за говорници главниот уредник на „Ројтерс“ и главниот уредник на „Вашингтон пост“ - луѓе кои се Зидановци и Мурињовци за новинарство. „Колумбија“ има и огромна предност со тоа што се наоѓа во Њујорк, кој е несомнено светски центар на медиумската индустрија.

Факултети.мк: Какви се професорите во САД? Дали имаат непосреден, попријателски однос кон студентите?

-Страшно пријателски. Во 99% од случаите бараат да им се обраќаш по лично име. На некои од моите другари од Македонија им е чудно кога ќе им кажам дека професорите ми се пријатели на „Фејсбук“ или дека се следиме на „Инстаграм“. Односот е многу човечки, се базира на заемна почит и цел да излезат квалитетни луѓе и издржани професионалци од нас.

Факултети.мк: Во текот на студиите, помага ли некако факултетот за работно искуство, пракса во медиуми... или сѐ се сведува на личен ентузијазам?

-Факултетот помага колку што може, ама како што вели народната „помогни си самиот за да ти помогне и Господ“. Најблиска аналогија што ми текнува е полагањето за возачка дозвола - тука ти е инструкторот, те подготвил, сте извозеле стотици километри, ќе те пофали и потапка по рамо пред комисијата, е сега кога ќе дојде до полагање, преостанува на тебе. Школото за новинарство на „Колумбија“, на пример, имаше годишен саем за кариери каде што околу 150 компании дојдоа да регрутираат. Беше организиран од Центарот за кариери каде што најљубезните луѓе на светот ни помагаа со апликациите цела година. Факт е сепак дека само од „Колумбија“ годишно излегуваат по околу 300 дипломирани новинари. Кога на тој број ќе се додадат останатите универзитети по новинарство од Њујорк и на тоа ќе се додадат сите од останатите американски држави, и на тоа ќе се додадат студентите од странство, се добива впечаток дека за една позиција се натпреваруваат по десетици апликанти - за најпрестижните медиуми верувам дека се и по стотици.

Факултети.мк: Што понатаму? Каде се гледате себеси?

-Во моментов сум на пракса во „Форбс“, работам на 400. изданието од магазинот за 400 најбогати Американци и неодамна ја имав честа да ми излезе на интернет првата приказна. Сега-засега сум многу задоволен, планирам да останам во Њујорк барем една година. Иако по природа сакам сѐ да имам испланирано, животот е толку интересен, чуден и безобзирен кон нашите планови, така што не се осмелувам пресериозно да си задавам крајни цели. Продолжуваме напред, само да сме живи и здрави, што и да дојде, ќе го пречекам со раширени раце.