Јупитер како на дланка: Џуно ги испрати најубавите фотографии досега

Јупитер како на дланка: Џуно ги испрати најубавите фотографии досега

Подготвил: Б.Б.

Лектор: Ивана Кузманоска

2
Фото: NASA

Малото вселенско летало при поминувањето покрај Јупитер пред неколку дена ги сними досега најубавите фотографии од „Големата црвена дамка“, џиновска бура поголема од Земјата, која на Јупитер дивее со векови.

Најбрзото летало што досега е лансирано во вселената пред неколку дена се впушти во најблискиот лет околу Јупитер, на само 9.000 километри над „Црвената дамка“ – едно од најголемите обележја на оваа џиновска планета.

Камерите на Џуно се фокусираа на оваа огромна бура и цели девет минути снимаа фотографии од оваа појава, а според квалитетот, тие се најдобрите испратени од ова вселенско летало.

2
Фото: NASA

Џуно ги сними овие фотографии во своето седмо проаѓање покрај Јупитер. Леталото, кое се движи со брзина од 210.000 километри на час, на секои 53,5 дена поминува над Јупитер, и затоа беше толку голем предизвикот да се снимат вакви детални фотографии. Но, Џуно сепак успеа во тоа и ги испрати досега најпрецизните фотографии од бури на некоја друга планета. Ова е огромен напредок во однос на првата фотографија што во 19 век беше снимена од Земјата.

НАСА во средата ги објави првите „суровини“ со јавен повик до сите компетентни лица да ги симнат фотографиите за натамошна обработка, која би можела уште подетално да ги прикаже појавите и активностите на Јупитер.

3
Фото: NASA

Научниците се надеваат дека мисијата на Џуно ќе помогне во откривањето на дополнителните тајни на „Големата црвена дамка“: какви сили ја покренуваат таквата планетарна бура, колку долго постои, колку длабоко ги зафаќа пониските делови од атмосферата на Јупитер и зошто се чини дека постапно исчезнува.

Астрономите исто така се надеваат дека подоброто разбирање на „Големата црвена дамка“ би можело да фрли ново светло врз прашањата за структурата, механиката и формирањето на самиот Јупитер.