Лексикон: За да го видите значењето на даден збор во рaмките на веста, позиционирајте го покажувачот врз истиот и кликнете два пати.
 

Се бара одобрување за третирање на леукемијата со генска терапија

 
Администрацијата за храна и лекови (FDA) преку панел отвори нова ера во медицината со која се препорачува да се одобри првиот третман со кој генетички се менуваат клетките на пациентот во насока на борба со канцерот. Целта е клетките да се трансформираат во „жив лек“, како што ги нарекуваат научниците, и да го зајакнат имунолошкиот систем за да се бори и да ја добие битката со болеста.


Ако ова се одобри, тогаш би била прва генска терапија што ќе почне да се применува. Ваквиот начин на лекување е најпогоден за леукемијата, како и за меланоми или агресивни тумори на мозокот. За да се користи техниката, потребно е да се креира одделен третман за секој пациент – неговите клетки да бидат отстранети во одобрен медицински центар, смрзнати, испратени на процесирање, повторно замрзнати, па вратени во центарот за терапија.

Голем дел од пациентите што не покажувале резултати при различни видови третмани биле дел и од студии преку кои се применувала генската терапија, особено кај лица на возраст од 3 до 25 години. На дискусијата од FDA учествувала и Емили Вајтхед, која била првото дете на кое му биле дадени променети клетки. На 6-годишна возраст таа го добила третманот. Се јавувале негативни ефекти, како температури, покачен крвен притисок, проблеми со белите дробови, кои за малку ќе ја убиеле. Но, по третманот таа го победила ракот и сега е здрава.

Експертите сметаат дека ова е почеток на нешто големо од оваа област. Тие не се сомневаат дека третманот комплетно ќе вроди со плод и болеста ќе биде излекувана. Единствено стравуваат за негативните ефекти од третманот, кои можат да бидат и опасни за живот. Пациентите што ќе ја примаат оваа терапија ќе бидат регистрирани и следени во наредните 15 години.

Третманот е развиен од истражувачи на Универзитетот во Пенсилванија, а е лиценциран од „Novartis“. Од леукемија во САД заболуваат 5.000 лица годишно, а 60 проценти од нив се деца и млади. Повеќето од децата се излекувани со стандардни третмани, но кај 15 проценти од нив лекувањето не дава некакви резултати.
 
Објавено на 17.07.2017 во категорија Наука
Подготвил: Маја Пероска / Лектор: Ивана Кузманоска
 
 

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Препорачани вести од Facebook